Превземено

Почесна Стрелба нишани во небо


 
„До гледање, без бакнежи и солзи…“ 
„Почесна стрелба“ на „Мизар“ е една од песните која сигурно ќе се запамети, најмалку во период од една декада, како една од највлијателните во сферата на македонскиот рокенрол. Музиката, ако слободно ја толкуваме, и од лична перспектива, е непрегледен хоризонт на воспримање. Во нашата клаустрофобична атмосфера, се чини, како што напишав и во дел од рецензијата за албумот „Кобна убавина“ од „Мизар“ во 2004 година, личниот продукт повеќе претставува фантазмагорична состојба на духот каде што консументот во своето сеќавање го втиснал единствено фрејмот на илузијата на ’изведувачот‘. Но, кога човек живо се сеќава и го препознава минатото во сегашноста со облагороден континуитет, тогаш, секако, ќе се изроди издржан збор и силен звук со пораки што истекуваат од најблагите извори на сето она што некогаш беше рокенрол…
Денес, повторно ја слушам прекрасната „Почесна стрелба“. Нејзината оригинална верзија која, за жал, не се најде на „Кобна убавина“ од причини најмногу познати на нејзините автори, но живееше заедно со излегувањето на ова издание кое после една деценија повторно на сцената го исфрли „Мизар“ како еден од најдобрите рокенрол бендови на македонското небо. „Почесна стрелба“ потоа доживеа уште три нови верзии, од кои две на германски јазик.
(Најпрвин ја испеаја Горан Трајковски и Ристо Вртев, чии автори, покрај Трајковски, се и Влатко Каевски и Горазд Чаповски, потоа на германски ја слушнавме од вокалот Горан Таневски, сите членови на тогаш новото откровение на „Мизар“, која се најде на новиот албум на „Мизар“ со романтичен наслов „Поглед кон цветната градина“. По трет пат се смести на албумот „Порта Macedonia“, заедничката колаборација меѓу Горан Трајковски и германско-македонскиот вокалист Александар Вељанов, повторно на германски со наслов „Mein Weg“. На крајот и македонската поп-пејачка Ребека ја препеа…)
Се прашувам, што е тоа што оваа песна ја прави толку интересна, толку возбудлива за слушање, но и за нејзино препејување? Секако, некои од причините се токму издржаниот збор кој носи моќни пораки, силниот звук, софистицираната тонска боја…Но, се чини, најсилната причина се самите автори. Станува збор за спој на сосема различни карактери (што ја прави и големината на еден бенд, на едно цело идеолошко движење), за склоп на повеќе енергии, за соединение на луѓе кои се основоположници на македонскиот рокенрол, за главните ликови кои ја креираа македонската модерна музичка сцена. Затоа, воопшто не е ни чудно зошто повторно, по пауза од една деценија, се роди уште едно ремек-дело кое сите и веднаш го запаметија со неговото воскликнување во етерот, какви што создаваа овие творци и со претходните свои уметнички пориви. Нашата клаустрофобична средина, нашите заплеткани односи, нашата политичка и социолошка реалност, можеби беа причина „Почесна стрелба“ да не се најде на албумот „Кобна убавина“ во својата првобитна форма. За среќа, таа формалност не и наштети на популарноста и слушаноста на песната. Напротив, „Почесна стрелба“ го продолжи својот живот со полн здив.
„Почесна стрелба“ е искрена песна која доаѓа кај некои автори не одеднаш, туку за цела една декада и претставува врв на нивната креативна моќ, ќе се надоврзе и музичкиот новинар Љупчо Јолевски. „На едно место се најдоа Чаповски, Вртев, Трајковски, луѓе кои години наназад во разните откровенија на ’Мизар‘ го давале својот максимум. Таквата интеракција меѓу нив кога се зафатија да го реобноват ’Мизар‘ не можеше, а да не резултира со песна која ако ништо друго ќе биде рамна на сите оние херојски песни што истите луѓе ги потпишуваат во претходните откровенија. ’Почесна стрелба‘, во сите нејзини верзии, не е само дел од македонскиот, балканскиот, регионалниот, туку воопшто, од рокенролот како процес, како бунт, како начин живеење на модерниот човек“.
Се чини, нема некоја посебна мистика за нејзината привлечност. Можеби одговорот е во нашата минливост, а во нејзината постојаност. Како со секое добро уметничко дело. Седум години по нејзиното создавање, со секое ново слушање, „Почесна стрелба“ е ново читање, поинакво доживување, но ги буди емоциите исто така силно, како и на почетокот. Тишината, сигурно го знае тоа.
„И замолкни во тишина!“
 
извор: ДНЕВНИК

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *