Коментари

На пат по налепници, застанете на замислената линија…

Како и секој друг Македонец и мене ме погоди веста за новата грчка провокација со налепниците. Отидов до таму, лично да се уверам. Да бидам сигурен дека ќе бидам забележен од грчките граничари, дополнително го декорирав автомобилот со уште неколку МК налепници, го ставив нашето Сонце да виси на огледалото и уште
неколку нови разгледници со новите спомениците од Скопје, „случајно“ оставени на видливо место во автомобилот.
Македонско-грчката граница кај Дојран отворена, како прозорецот на можности на Филе. На граѓаните од двете земји им беше овоможен непречен проток, а времето на задржување на границата колку што е потребно да се направи редовната контрола на патните документи, значи не повеќе од 5 минути. Освен мене, на границата имаше уште десетина камиони, а граничарите моето приближување кон рампите, чинам го гледаа како нарушување на нивниот мир и обид да се скријат од жешкото јунско сонце.
Мислам дека останав незабележан, верувам дека граничарите ниту марката на моето возило не ја забележаа, а камо ли моите „провокации“ на него. Останав без „мојата“ грчка налепница на моите таблици. Единствено цариникот почна да вика на неразбирлив јазик за мене. за момент, помислив дека ќе си ја добијам налепницата што ме следува, па дополнително да го испровоцирам, му одговорив, на неразбирлив јазик за него: „Ништо не
те разбирам, џабе викаш“.
Излезе од тоа кабинчето, и се испостави дека само сум ја поминал замислената линија на која треба да застанам, да го испочитувам и да му кажам дека немам ништо за царинење. Ми рече да одам ама
да внимавам друг пат. Немаше ни тој налепница.
По кратко се вратив, па ми остана нејасно каде е мојата налепница и решив културно да си прашам кога веќе си се враќам безбеден на моја територија. Отсечно ми одговори полицаецот на смена, дека нема појма за какви налепници го прашувам и дека ако мисли некој да им отвара нова работа, нека дојде самиот да си ги лепи тие налепници 🙂
Си реков овој или ја имаше слушнато енергичната реакција на нашиот министер за грчки работи или му го укинале додатокот за одење на работа со чисти кошули и редовно миење раце, па оттука протестира против оваа нова обврска за него.
Проверката за налепниците ми беше само попатна работа во мојата намера да поминам викенд во Дојран. Остатокот од денот го поминав во ова мало градче со медитерански мирис. од последниот пат кога имав дојдено тука, градчето видно ги имаше изменето својот лик. Секој дојранец со кој ќе се сретнеш ќе ти препорача да се прошеташ покрај новоизградената патека околу езерото, која е долга над 3км. Осветлена, декорирана со жардинерии навистина беше едно од најубавите места за прошетка на кои сум бил во последно време. Дефинитивно местово станува дестинација за вистински душевен и физички одмор, а за комарците ми кажаа да дојдам следната недела да се уверам дека ќе ги има помалку, затоа што Општината се спремала да прска против нив, не од авион, туку од земја, што било многу поефикасно.
Можеби нема да дојдам следната недела, но летово сигурно ќе поминам некое време овде. На колегите од редакција, радо ќе им понудам репортажа, а на сите Вас би Ви препорачал да останете со ладни глави на грчките провокации и јулското сонце. Ланскиот снег е одамна стопен, а дојранци се радуваат на секој дожд
и секој гостин и добронамерник. Испочитувајте ги, на патот за добивање на налепница, застанете на нивната замислена линија.
извор

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *