Коментари

Тројцата уметници

Ова не е есеј за фамозната слика на Пабло Пикасо, насловена како „Тројцата музичари“, иако се работи за силно колористичко милје, од кое може да се разобличат контурите на трите фигури кои ќе остават голем траг во историјата на 20 век. Овие тројца современици на генијалниот шпански уметник повеќе се покажаа во сферите на политиката или како што многумина ја нарекуваат – „уметноста на можното“. Сите тие три славни личности, без кои не може да се испише повеста за минатиот век, во суштина, беа колеги на Пикасо, барем што се однесува до нивните стартни позиции.

Секако, овие монументи на поновата историја на човештвото не се прославија во уметноста како Пабло Руиз Пикасо, но нивната слава во политиката ја достигна истата таа магнитуда, што симболот на модерната во ликовната уметност ја достигна во зоните на сликарското творештво. Имињата на овие славни личности од историјата, кои својата кариера ја почнаа како сликари, се Винстон Черчил, Адолф Хитлер и Мао Цедунг. Всушност, нивните биографии и творечката авантура реферираат на една Платонова препорака од неговото дело поврзано со расудувањето за идеалната држава, во кое тој сугерира сите поети и уметници да се прогонат од зоните на политичката креација, поради нивната претерана ирационалност, за сметка на оние најрационалните и најмудрите, кои се најповикани и најсоодветни за водење на државните афери, а тоа се философите, во чиј елитен круг спаѓал и тој самиот. Кога Платон повторно би можел да воскресне и да се обрати на јавната сцена, сигурно би посегнал по овие три примери, по искуството, што човештвото го имаше со овие тројца „несудени уметници“, за да ги верификува своите искази. Значи, овие тројца уметници во политиката беа значајни причинители за најголемите турбуленции во историјата на човештвото, а како резултат на нивната политика, десетици милиони луѓе ги загубија своите животи во ирационалната борба за власт.
Но, да се вратиме во зоните на уметноста и да се обидеме да дадеме по некој коментар за нивните ликовни дела, кои во помал или поголем обем се’ уште се појавуваат како куриозитет на маргините на културниот живот на светската уметничка сцена.
Винстон Черчил беше од аристократско семејство и отсекогаш можел да се занимава со се’ што ќе посака. Богатството што го беше наследил од своите предци му даде убава можност во неговата младост да се зафати со проблемите на ликовната креација, но и со литературата. Интелигентен, храбар и шармантен, тој не можеше, а да не покаже голем потенцијал во се’ со што би се зафатил, вклучително и со сликарството, во кое испробувајќи се во младоста, покажа голем талент. Неговиот стил беше близок до импресионизмот, со исклучителна и прецизна гестуалност, која резултираше со незаборавна и многу сугестивна амбиенталност во делата. Неговиот смел и харизматичен карактер, што го манифестираше во својата лидерска кариера како политичар, силно е присутен на неговите платна, од кои зрачи една екстраординарна поетичност. Да не беше премиер на Велика Британија, ќе стекнеше голема афирмација како уметник. Можеби ќе добиеше место во историјата на уметноста, како што добија неговите сонародници Вилијам Блејк (сликар и поет), Вилијам Тарнер (еден од најголемите европски сликари на своето време и голема инспирација за импресионистите), Френсис Бејкон (најголемиот британски експресионист) или, пак, Лусијан Фројд, за кого до скоро се зборуваше дека е најголемиот неореалист во британското сликарство, но Винстон Черчил не можеше да и’ се посвети на уметноста, која беше премногу изолирана од животот и премногу апстрактна за да ја менаџира сета таа моќ на општеството и човештвото од аутистичните позиции на сликарското ателје. Вака, тој и’ се посвети на политиката, во која постигна невидени резултати и голема слава, но никогаш не пропушташе да наслика по некое платно во моментите на одмор – како сликар-хобист. Сепак, слободното време на толку важна личност е прилично редуцирано, па така и неговиот сликарски опус, и покрај неговиот долг живот, не покажува голем обем.
Примерот на Адолф Хитлер е дијаметрално спротивен од оној на Черчил. Потекнувајќи од ситно бургерско семејство, Хитлер уште како млад носеше големи фрустрации, посебно откако беше одбиен на приемниот испит на Виенската академија за ликовни уметности, за која, како често се изјаснуваше, била гнездо на еврејското лоби. Ова искуство кај младиот и гневен Адолф ќе генерира уште поголемо чувство на антисемитизам, за кое ќе пишува во својата култна книга „Mein Kampf“ (Мојата борба), која ја беше напишал во затвор по неуспешниот минхенски пуч, во кој младиот нацистички револуционер беше ранет, уапсен и осуден. Неговите дела, главно, цртежи и акварели, поседуваат неверојатна прецизност и дистанца. Тој е објективен и бескомпромисен опсерватор на темите кои ги третира во својата уметност – главно, ведути од Виена, Грац и Линц, по некој портрет на блиските личности, автопортрети и понекој пејзаж од австриските шуми и планини. Хитлер брзо го напушти сликарството откако се фати со магичните потенцијали на политиката, фасциниран од естетиката на моќта, што доаѓа со неа. Експертите велат дека последно негово дело е кукестиот крст или свастиката, која прерасна во симбол на нацизмот и кој самиот Хитлер го дизајнирал пред основачкиот конгрес на НСДАП (Nationalsozialistische Deutsche Arbeiterpartei).
Мао Цедунг, пак, учел за калиграф. Тој ќе станеше еден од најдобрите сликари на кинеските симболи и хексаграмите од окултната книга на промените „Ји Џинг“ во гигантската Кина, но политиката, посебно револуцијата и моќта, како и романтичната аура што доаѓа со нив, му го плени духот. Можеби да станеше сликар на симболи ќе постигнеше голема слава и восхитувачка кариера, а 55 милиони луѓе ќе останеа да живеат се’ до нивната природна смрт. Но, Мао ја напушти уметноста и стана политичар и револуционер.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *