изборПревземено

Тајната книга на Богомилите

Една од повеќето особености на богомилството претставува и неговиот културолошки феномен проследен преку интегралното имплементирање на филозофските аспекти на учењето, книжевните состави со оригинален богомилски статус и оние со интерполација, како и преку одразот на богомилството во македонскиот и воопшто во балканскиот фолклор.

Во тој контекст, книжевно-творечката активност на богомилите имала приоритено значење, меѓу другото и поради фактот што книжевните состави претставувале своевидна програма за суштината на учењето, но и непосреден механизам за дисперзија на ереста на пошироко географско рамниште. Типичен пример за книжевно-еретичка трансмисија претставува Тајната книга во литературата позната и под насловот Јованово или Лажно Евангелие. Зачувана е во две латински верзии Каркасонска од XII век, идентификувана во Архивата на инквизицијата во Каркасон, Франција и Виенска со потекло од XIV век. Последниот ракопис го содржи целосниот наслов на делото кој гласи: Испрашување на Јован, апостол и евангелист, на светата вечера на царството небесно за управувањето на светот, за Седржителот и за Адам (Ioannis et Apostoli et Evangelistae Interrogatio in coena sancta regni coelorum de ordinatione mundi et de Principe et de Adam). Компаративната анализа на ракописите укажува на фактот дека станува збор за едно исто дело, со извесни разлики во подробностите и јазикот, што ја зголемува веројатноста потеклото на оригиналот да се поврзе со друго јазично подрачје, и тоа според две одделни верзии. Повеќето од истражувачите сметаат дека оригиналниот текст на Тајната книга потекнува од јужнословенските средини, наспроти Б.Хамилтон и М.Барбер, коишто во поново време ја промовираат тезата за грчко потекло на Тајната книга, продуцирана од најтесното опкружување на попот Василиј во почетокот на XII век. Но, верзијата што Назариј (filius major во рамките на катарските комуни) ја пренел во Италија за своите мисионерски цели, во согласност со податоците од Анселмо Александриски, напишана на лош латински јазик, според овие истражувачи, претставува превод од старословенски текст.
Определбата на оригиналната јазична провениенција на Тајната книга и нејзиното хронолошко датирање е во директна зависност од изворниот материјал, којшто во конкретниот случај третира податоци единствено за латинскиот превод. Несомнено е дека потребата од постоење на латинскиот превод се поврзува со мисионерската дејност на Назариј во Ломбардија, чија основна цел била распространување на богомилските идеи меѓу приврзаниците на катаризмот. Тајната книга била преведена на латински јазик најверојатно во средината на XII век, зашто веќе во 1170 година Назариј презентирал дел од нејзината содржина пред своите слушатели. Имено, тоа е директно потврдено кај Рајнериј Сакони, поранешен приврзаник на катарите, кој подоцна преминал во редот на Домениканците, а во периодот од 1254 до 1259 година бил инквизитор во Ломбардија. Во неговото дело под наслов Изложување на братот Рајнериј од редот на браќата проповедници, за катарите и за бедниците од Лион (Summa fratris Raynerii de ordine fratrum praedicatorum, de Catharis et pauperibus de Lugduno), се истакнува: “Навистина Назариј, нивниот епископ и најстар раководител, пред мене и пред многумина други кажал дека блажената Богородица била ангел и дека Христот не примил човечка природа, туку ангелска природа или небесно тело” (Nazarius vero quondam eorum episcopus et antiquissimus coram me et multis aliis dixit quod beata Virgo fuit angelus et quod Christus non assumsit naturam humanam sed angelicam sive corpus caeleste).
Првиот впечаток при анализа на Тајната книга како извонредно респектирано дело во богомилските средини секако е формата на презентирање на дуализмот, космогониско-ешатолошките и сотиролошките компоненти како фундаментални постулати на апостазичното учење. Имено, во делото, апостолот Јован ја предизвикува беседата, поставувајќи му прашања на Исус, чии одговори не се предадени директно од него, туку со посредство на Јован. Почетната сцена претставува воведување на читателот во евангелскиот расказ за Тајната вечера, при што Јован, потпрен на градите на Исус прашува: “Господе кој ќе те предаде”? На што следи одговорот: “Оној што ќе ја потопи раката во чинијата, во него ќе влезе Сатаната и тој ќе ме предаде” (Domine, quis tradet te? Et Dominus dixit mihi: qui intinxerit manum in catino, et introibit in eum Sathanas, ille tradet me). Уште на самиот почеток доаѓа до израз диференцијацијата на двете основни начела – добро и зло, олицетворени во ликот на Исус и Сатаната, што секако претставува пандан на богомилскиот умерен дуализам.
Дејствието на апокрифот почнува во моментот кога Сатаната ќе се соочи со желбата за славољубие, па “…ќе посака да го постави престолот над облаците и да биде еднаков на Севишниот” (…volens ponere tronum super nubes et esse similis Altissimo). Овој мотив е идентично претставен и во Паноплиа Догматика, инаку релевантен антибогомилски извор во кој авторот Евтимиј Зигавен со истиот книжевен израз констатира: “ќе го постави престолот над облаците и ќе биде еднаков на Севишниот”.
Во функција на предочената цел Сатаната им се обратил на ангелите, ветувајќи им дека ќе царува заедно со нив. Сцената со ангелите на кои тој им ветува намалување на даноците има повеќекратна функција. Од една страна таа го претставува стремежот на човекот во средновековното општество кон подобар живот, но од друга страна пак имплицира на човековата немоќ да остане во сферата на нематеријалната божественост. Очигледно перцепцијата за божественоста била детерминирана од образецот со кој човекот се соочувал во своето секојдневие, а не обратно како што налага Светото писмо. Впрочем и во Тајната книга, независно од фактот што борбата се води на универзален план, сепак таа поттикнува на асоциации за една конкретна историска епоха, општествена дејствителност и социјално зло како творби на ѓаволот. Не случајно во основата на целиот текст преовладува историјата на Сатаната, кој е претставен како синоним на гордост, ревност и завист со нескриена амбиција да управува самостојно и самоволно.
Откако ги создал земните творби “…тој науми да го создаде и човекот за да му служи и зеде од земјата глина и направи човек според својот изглед” (…cogitavit facere hominem in servitio sibi, et tulit de limum terra et fecit hominem similem sibi). “И му заповеда на ангелот од второто небо да влезе во телото од глина и зеде од него и направи друго тело во вид на жена” (Et praecepit angelo secundi coeli interoire in corpus luti, et tulit de eo et fecit aliud corpus in forma mulieris). Расказот за создавањето на земниот свет во споредба со истиот, содржан во Паноплиа Догматика е претставен во подробности и пројавува поголема сличност со Библијата, со таа разлика што Библијата како творец на се го наведува добриот Бог, додека во Тајната книга таа функција му е доделена на лошиот ѓавол. Исконскиот грев на Адам и Ева, поттикнат од Сатаната во рајската градина, претставувал создавање на луѓе што не се нарекувале рожби на Бога, туку рожби на ѓаволот и на змијата што сугерира на основната богомилска мисла за телото како творба на дијаболизмот и за душата создадена од Бога.
Царувањето на Сатаната над човечките суштества траело седум дни, кои се поистоветувале со седум века. Сатаната го повикал својот служител Енох, заповедајќи му да напише седумдесет и шест книги, според кои луѓето требало да извршуваат свештенички дејствија. Во оваа епизода од Тајната книга се споменува Мојсеј, кому Сатаната му дал три дрва наменети за распнувањето на Исус. Личностите на Енох и Мојсеј, споменати во овој контекст имаат негативна конотација, токму поради фактот што биле третирани како мисионери на Сатаната. Овој сегмент од Тајната книга во содржинска смисла пројавува сличности со апокрифот Повеста за крсното дрво, кој бил познат многу порано, пред појавата на богомилството.
На крајот, пратен од Бога, Исус слегол на земјата, влегол и излегол од увото на мајка му Марија, претставена како ангел, за да ја исполни својата мисија, спасувајќи го човечкиот род. Во овој дел од книгата доаѓа до израз идејата за потенцирање на докетистичката природа на Исус Христос, карактеристична за богомилите, како и за непорочното зачнување на Марија, што во конкретниот случај го надминува и канонското предание. Со цел да ја спречи мисијата на Исус, Сатаната го испратил “својот ангел – пророк Илија, кој крштева со вода и кој се нарекува Јован Крстител” (misit angelum suum Elyam prophetam baptizantem in aqua, qui vocatur Johanes Baptista). Вистинското крштевање на кое се инсистира во Тајната книга е преку Светиот Дух, но се наметнува прашањето: зошто целиот свет го прифаќа крштевањето на Јован, на што се надоврзува одговорот на Исус: “…затоа што нивните дела се лоши и не одат до светлината. Учениците на Јован се женат и ќе се женат, а моите ученици не се женат и ниту ќе се женат, туку се како Божји ангели на небото во небесното царство” (ideo, quia opera eorum mala sunt et non veniunt ad lucem. Discipuli Johannis nubunt et nubuntur, discipuli autem mei non nubunt nec nubuntur, sed sunt sicut angeli Dei in coelo in regno coelorum). Овој пасус во содржинска смисла кореспондира со радикалниот аскетизам, како основен критериум за достигнување на моралното совршенство. Покрај постот и контемплацијата, претендентите за категоријата совршени биле обврзани во фунција на својата религиска посветеност да ги напуштат своите семејства и брачните партнери.
Последниот дел од Тајната книга, каде што се зборува за второто Христово пришествие, претставува реминисценција на воспоставените канонско-апокрифни нормативи. И покрај фактот што второто Христово пришествие ќе биде проследено со космичка катастрофа, сепак кон самиот крај содржината по својот основен патос добива оптимистичка конотација. “И тогаш ќе се разоткрие Синот човечки во својата слава, и сите светци и ангели заедно со него…Недостижна слава и почит ќе има за оние што го чуваат ангелскиот живот, а оние пак што и се потчинуваат на неправдата ќе добијат гнев, бес, мака и незадоволство” (Et tunc manifestabitur Filius hominis in gloria sua, omnesque sancti et angeli cum eo…gloria et honor inaccessibilis custodientibus angelicam vitam, et obedientes iniquitati, iram et furorem et anguistam et indignationem accipient).
Општ впечаток при анализата на текстот во целина е дека авторот на Тајната книга не претендира кон подробно интерпретирање на библиските мотиви, развивајќи, притоа, тези и антитези. Напротив, настаните за кои говори ги презентира ин медиас рес, без примена на реторски вештини и многу цитати. Меѓу изворите на Тајната книга се препознаваат Толковната палеја, Книга за Енох, Видение на Исаија, Откровение на Варух и канонската Апокалипса. Композицијата на Тајната книга, користенити извори и книжевниот израз упатуваат на претпоставка дека нејзиниот автор имал високо богословско образование. Во недостиг на конкретен изворен материјал, единствен аргумент врз чијашто основа може “условно” да се определи карактерот на Тајната книга е нејзината содржина што имплицира на еретички елементи, во принцип карактеристични за богомилите.
Имено, уште на самиот почеток се наметнува дилемата: дали изборот на апостолот Јован, којшто ја поттикнува и ја води беседата во Тајната книга е случаен или пак тенденциозен, особено поради позитивистичкиот став на богомилите кон неговата личност, а уште повеќе кон Евангелието според Јован, кое го користеле максимално во својата религиозно-обредна практика. Оттука реална изгледа претпоставката дека изборот на Јован бил во функција на идејата за поткрепа на авторитетот на Тајната книга во богомилските средини.
Седумвековното владеење на Сатаната над човечкиот род, нихилизмот кон пророкот Мојсеј, потенцирањето на докетистичката природа на Исус Христос, значењето на духовното крштевање наспроти крштевањето со вода, молитвата Оче наш како симбол на тајната евхаристија се сегменти од Тајната книга кои во најголем дел се речиси идентично презентирани и во Паноплиа Догматика. Впрочем општ впечаток е дека двете дела пројавуваат многу сличности во однос на космогонискиот мит и ешатологијата, засновани на религиско-филозофската концепција на умерениот дуализам и гностицизмот. Доколку станува збор за некаква разлика поме|у двете дела, секако треба да се истакне дека таа се однесува исклучиво на начинот на презентирање на содржината, што е сосем разбирливо ако се има предвид нивната функција и употребната вредност. Имено, основните богомилски поставки во Тајната книга се претставени суптилно и тие треба да се идентификуваат, зашто се наменети за еден потесен круг на приврзаниците на учењето, додека во Паноплиа Догматика, како релевантен антибогомилски извор, еретичките компоненти се децидни и се засноваат на личното сведочење на попот Василиј, главниот протагонист на богомилството за време на владеењето на императорот Алексиј I Комнин (1081-1118 година).
И покрај фактот што некои од истражувачите упатуваат на манихејското потекло на Тајната книга, не треба да се занемари фактот дека богомилството претставува своевидна симбиоза од постарото еретичко наследство, меѓу кое било и манихејството, така што доколку и станува збор за некакво “позајмување”, тоа било прифатено и вметнато во концепцијата на богомилскиот религиско-идеолошки инвентар. Голем дел од начелата на богомилството, во принцип се преземени од постарите еретички искуства и со самото инкорпорирање се третираат како составен дел од богомилската идеологија. И додека во Тајната книга отпочеток докрај преовладува умерениот дуализам, манихеите биле приврзаници на апсолутниот дуализам, изразен преку верувањето за постоење на две спротивставени божества, независни едно од друго, богот на доброто или светлината и богот на злото односно темнината.
Според тоа голема е веројатноста Тајната книга да се оквалификува како апокрифен состав, настанат за потребите на богомилите во периодот од крајот на 11 и почетокот на 12 век. Тоа е период кога богомилството го доживеало својот најголем подем со јасно изразена тенденција да се распространува во соседните балкански земји, а со извесна модифицираност и во земјите на Западна Европа. По некоја аналогија на нештата тоа се можеби и посредните историски индикатори, коишто упатуваат на старословенска јазична провениенција на оригиналниот текст. Со концепцијата на Тајната книга се воведува еден нов пристап кон пишаното слово во средновековната книжевност, при што канонските мотиви подлежат на филозофска оцена и на дополнителна литературна обработка. Како книжевен жанр во кој еден религиски систем се спротивставува на друг, во случајот богомилскиот на официјалниот, Тајната книга е многу блиска до Откровенијата. Изобилството на книжевно-творечка имагинација и наративност придонесува оваа книга како синоним за богомилскиот окултизам да се вброи меѓу позначајните дела на средновековната апокрифна книжевност, уште повеќе што нејзината употребна вредност го надминува локалниот карактер и добива интернационални димензии и литературен статус.
Статија на Проф. Д-р Маја Ангеловска-Панова објавена во Зборникот од меѓународниот симпозиум “Развојот на македонската литература”, Скопје, 2006 година и во списанието “Историја”, број 1-2, Скопје, 2009 година, издадено од страна на Здружението на Историчарите на Република Македонија.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *