Лоза

Чудотворец и исцелител

Свети Климент бил висок и полн, мошне претставителен, кој само со својата надворешност влевал почит и уважување кај неговите непријатели, како што вели житието на свети Климент. Свети Наум бил висок, слаб и сув, со мала четвртеста глава и долга заокруглена брада. Свети Климент бил начитан, надарен со дарот на зборот, зборлив; мислите слободно му течеле од устата и како мед паѓале во душите на слушателите. Притоа бил и многу трудољубив и енергичен. Свети Наум, спротивно, бил контемплативен, длабокомислен. Малку зборувал, а многу размислувал. И затоа во неговите зборови имало многу мудрост.


Со други зборови, свети Наум бил затворен во себеси, по­веќето време го минувал во молитви, во размислување за духов­ниот живот, за Господа и за Господовите дела. Тој факт, таа стра­на на карактерот на двајцата словенски просветители може да ни каже зошто кнезот Борис, откако се уверил во личните особини на секого од нив, се решил Климента да го испрати во Западна Македонија и Јужна Албанија, а свети Наум го задржал кај себе како советник и кул­турен деец во Преслав.
Во Преслав свети Наум работел седум години (886–893). Таму го проповедал делото и духот на своите учители. Ја ширел писменоста, оспособувал свештеници, го објаснувал и го толку­вал Светото Писмо и творбите на светите отци, а поинтелигент­ните, поспособните ученици и соработници ги поттикнувал да препишувуваат и да создаваат свои дела. Меѓу таквите бил пре­звитер Константин Брегалнички, кој во предговорот на него­вото Поучително евангелие, по мислата на Григориј Богослов дека е добро секогаш од Бога создадените и до Бога да завршат и наве­дува други библиски сентенции, пишува: „Поради тоа и јас, скром­ниот Константан, убеден во тоа од твоите молби, брате Науме, и споменатите горе заповеди, се преклонив пред твоето смире­ние“. Свети Наум во Преслав, како што вели Ѓорѓи Ки­селинов, „играл улога и на дворски советник, прво кај кнезот Борис, а по­доцна кај царот Симеон“.
Кога во 893 година свети Климент бил назначен за епископ на Древница и Белица, во областа Кутмичевица, во охридскиот литературен, просветно-културен центар го заменил свети Наум. За оваа замена, т. е. за дејноста на свети Наум до крајот на жи­вотот се зборува во Првото словенско житие на Свети Наум.
Од кусиот текст на Првото словенско житие на Свети Наум се гледа дека тоа било напишано од ученик на светите Климент и Наум, кој на тоа бил поттикнат од епископот на Деволската епархија Марко. Пред ова житие авторот напишал житие за свети Климент. Двете житија биле напишани набрзо по смртта на свети Наум и свети Климент, и тоа според она што го чул од светиите и што го видел тој лично како нивни ученик. Меѓутоа, поради нивната скромност, доста поединости од нив­ниот живот и од нивната дејност останале непознати.
Свети Наум во Кутмичевица целосно ја презел и ја продол­жил дејноста на свети Климент. Тој изградил манастир посветен на светите архангели Михаил и Гаврил. Изградбата иа манасти­рот во Второто словенско житие на Свети Наум сврзува со 905 година. Свеченото пуштање во служба/осветувањето на манастирот го извршил епископот свети Климент, ко­га тој ја одржал својата беседа, напишана во врска со изград­бата на Наумовиот манастир и неговата дедикција на светите архан­гели, под наслов Пофалното слово на бестелесните Михаил и Гаврил. По изградбата на манастирот, свети Наум, кој како свештеник дошол од Моравија, се замонашил и се по­влекол во него сè до крајот на животот на 23 декември 910 тодина (стар стил), кога во вечниот дом во манастирот бил положен од свети Климент.
Првото Светинаумово житие, покрај значајните податоци за судбината и на другите ученици на првоучителите Кирил и Ме­тодија, уште во почетокот („Еве браќа, да не остане без спомен, брат му на блажениот Климента и негов содругар и сострадал­ник…“) дава податок од кој во науката се појави мислење дека свети Наум и свети Климент биле родени браќа. Меѓу првите на тоа укажале П. А. Лавров и Н. Л. Туницкиј, а потоа и многу дру­ги. Како родени браќа свети Климент и свети Наум се прикажани и во романизираната биографија Naum Ohridski од Лазо Каров­ски. Тој заклучок се изведува од фактот што, според каноните, различните по свештенички чин (епископ и презвитер) не можат да се наречат „браќа“, освен ако не се родени браќа.
Грчкото житие податоците за свети Наум повеќе ги прика­жува легендарно, а некои податоци се историски неточни, како: смртта на Кирила и Климента, првиот починал во длабока ста­рост, а вториот пред свети Наум. Дејноста на свети Наум спрема свети Климент ја споредува со Арон и Мојсеј, т. е. што му бил Арон на Мојсеј тоа му бил свети Наум на свети Климент.
Поблиску до првото (словенското) житие е третото (второто словенско) по ред. И во него се даваат податоци за следењето на првоучителите, протерувањето и дејноста во Кутмичевица исто­риски е поточно, а завршува со констатацијата дека свети Наум умрел во длабока старост и неговото тело го положил со свои раце архијерејот Христов Климент во гробот на десната страна во неговиот храм, а Господ го прославил свети Наума со големи чу­да и исцелителна моќ

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *