избор

Сонот на Олимпија


Олимпија реши да го посети светилиштетo во Додона поради чудното претчувство што ја обзеде додека спиеше крај нејзиниот маж – Филип Втори Македонецот.
Таа сонуваше една змија, како полека се лизга долж надворешниот ходник и потоа како бесшумно се вовлекува во нивната постела. Можеше да ја види но не можеше ниту да се помрдне, ниту да повика за помош. Прстените на големата влечуга се лизнаа по камениот под а од месечевата светлина неговите врвови блескаа. За момент посака Филип да се разбуди, да ја земе во прегратка, да ја притисне на неговите гради, да ја милува со воинствените раце, но во истиот миг се сврте за да го види драконот пак, тоа големо животно што се движеше како дух, како магиско суштество, како оние нешта од подземниот свет кои боговите ги повикуваат кога и да им затребаат.
Сега, чудно – таа повеќе не се плашеше. Не чувствуваше никаква одвратност, дури се почувствува навистина привлечена од кривулестото движење, од таа грациозна нема спираловидна сила.
Змијата си го наоѓаше патот под прекривките и таа почувствува како ја зема, лесно и студено, ненасилно, без воопшто да ја повреди. Сонуваше дека змиското семе  се помешало со семето што нејзиниот сопруг со сила на бик, со сета силина на див вепар, веќе го пролеа во неа.
 
Valerio Massimo Manfredi
Alexandros: Il Figlio Del Sogno
АЕА Мисла, 2004
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *