Производството на електрична енергија преку искористување на сончевите зраци станува хит во Македонија
Постои голем интерес од домашни и од странски компании, но велат дека постојат пречки во административните постапки. Словенската компанија „М-Лан солар“ планира својот бизнис со сончеви панели да го прошири во нашата земја и инвестира на полето на фотоволтаичните централи благодарение на природните богатства што ги има Македонија.
– Имаме планови, желби и разни договори. Планиравме оваа година да инвестираме во централа со моќност од 350 до 500 киловати, а веќе идната година тие да прераснат на 1 мегават. Околу 20 отсто од изработените централи би ги користеле самите, а преостанатите со поддршка на други заинтересирани инвеститори – вели Андреј Мласко, сопственик на компанијата „М-лан солар“.
Нивните сончеви панели веќе се монтирани над саемските згради, а произведената енергија се користи за потребите на „ЕРА сити“.
– Иако има голем интерес и многу преговори, сепак постојат пречки во реализацијата, од кои најголемиот дел се во комплетирањето на административните постапки и одобренијата од комисијата и банките – додава Мласко.
Компанијата во Словенија има инвестирано во 12 локации на кои се поставени сончевите панели. Гаранцијата им е 25 години, а искористеноста во првите десет години е 100 отсто, во следните 10-25 години се движи меѓу 80 и 90 отсто.
– Досега преку централите што ги имаме поставено во Словенија се произведуваат 450.000 киловат-часа енергија годишно, но планираме до крајот на оваа година да го зголемиме производството на 570.000 киловати – објаснува Мласко.
Откако ќе се добијат сите документи за изградба, изведбата на централата од 50 киловати се прави за 15 дена, тврдат од компанијата.
Според Законот за енергетика, во Македонија е предвиден повластен статус за производителите на електрична енергија преку фотоволтаични централи. Досега осум компании произведуваат струја од сонце, а од регулаторна комисија за енергетика велат дека уште 12 други побарале таква лиценца.
Македонија има сончево зрачење од 1.250 киловат-часа на квадратен метар во северниот дел од земјата, и 1.530 киловати во југозападниот дел.
Инвестицијата во фотоволтаична централа од 50 киловати, според сончевите панели што ги застапува „М-лан“, чини 100.000 евра, а се враќа за пет години. Централата годишно ќе произведе 75.000 киловати електрична енергија, кои по повластената цена на Регулаторната комисија за енергетика од 0,3 евра годишно ќе донесат 22.500 евра.
Сончевите панели може да се поставуваат на училишта, фарми, колиба и индивидуални и колективни станбени објекти. Би можело да се користат за приватни потреби, но и за производство на струја што би се продавала на пазарот.Нуклеарката во Мариово останува под мраз
Идејата за изградба на нуклеарна централа во Мариово, како најдобро решение за спас од енергетската криза, веќе подолго време е ставена под мраз. По инцидентот во атомската централа „Фукушима“ во Јапонија, на темата нуклеарка воопшто и не се разговара. Во енергетската стратегија на државата, со важност до 2030 година, вклучена е опцијата за изградба на нуклеарна централа и во неа се предвидува таа да се гради со учество на странски инвеститори и да биде готова до 2026 година. Владата уште лани формира комисија што ќе работи на нуклеарната опција, во која, покрај вицепремиерот Владимир Пешевски и енергетичари од МАНУ, учествува и светски признаениот експерт од македонско потекло Никола Попов, професор на универзитетот „Макмастер“ во Хамилтон и директор за сигурност и лиценцирање атомска енергија во Канада. Попов смета дека во глобални рамки нема да има застој во користењето на нуклеарната енергија, иако ќе се заострат барањата и безбедносните мерки. Сепак последните најави од Владата се дека одлуката за нуклеарка треба да се очекува дури по неколку години.
– Тоа не е прашање само на една влада. Развојот на нуклеарната опција е пошироко прашање, кое многу повеќе е стручно и треба поширок консензус. Потребно е и мислење од ЕУ и Меѓународната агенција за атомска енергија- е ставот на вицепремиерот Пешевски.
Она од што потајно стравуваат експертите е и можното вето од страна на Грција. Развивањето атомска програма е сложена постапка, за која треба согласност и од соседите, дознаваме од дипломатски извори. Изградбата на нуклеарка во Мариово се поврзуваше и со изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, заради обезбедување вода за ладење на реакторите. Нуклеарката би чинела од 4 до 5 милијарди евра и целосно би го решила проблемот со енергија во државата, а би имале и за извоз.
Извор: Нова Македонија