КоментариПревземено

„Славомакедонци“ и „циганоскопјани“

Кога ќе кажете антички Македонци не мислите на одредена нација или националност, туку на конкретен историски период во кој живеел тој народ, оти тие луѓе живееле тогаш и таму, се нарекувале себеси Македонци, се раѓале и умирале, оставале потомци

и никако не исчезнале одненадеж, макар меѓу нив паднале Словените во облик на метеор.
На минатонеделната моја колумна во коментарите добив прашање. Коментаторот така и се потпишал, со „Прашање“. Еве го неговото прашање:
„А што сме ние ако не славомакедонци? Можда античкимакедонци?“
Ви го пренесувам во оригинал, нема да му објаснувам на прашувачот каде се става голема буква, што се тоа сопствени именки, кои зборови се пишуваат одвоено, а кои заедно. Некој бегал од часовите по македонски јазик и литература. Ама затоа ќе му одговорам. Ние не сме ниту едното ниту другото, ние сме Македонци. „Славомакедонци“ не постојат, тоа е модерна кованица смислена со одредена цел. Не можете да ја најдете во ниту еден историски текст, сеедно дали читате византиски документи или учебници во кои се зборува за Словените, Карпатите, Дунав, цевките и така натаму, оваа кованица ја има во речникот на некои денешни поединци или во коминикеата на одредени групации.
 
Толку за „славомакедонците“. Антика е историски период, кој траел околу петнаесет века, некаде од 1000 години пред нашата ера, па сѐ до падот на Западното Римско Царство. Поврзан е со териториите на Хелада, Тракија, Македонија и Римската Империја. Луѓето што живееле таму и тогаш не се нарекувале себеси антички Римјани, туку Римјани, како што и денес граѓаните на Рим не се нарекуваат себеси „италоримјани“. Кога ќе кажете антички Македонци не мислите на одредена нација или националност, туку на конкретен историски период во кој живеел тој народ, оти тие луѓе живееле тогаш и таму, се нарекувале себеси Македонци, се раѓале и умирале, оставале потомци и никако не исчезнале одненадеж, макар меѓу нив паднале Словените во облик на метеор.
 
Затоа е кулминација на апсурд да се прашуваме дали сме „славомакедонци“ или антички Македонци, ама некој бегал и од часовите по историја и мене, искрено, сосем ми е јасно дека постојат вакви манипулации, макар и во прашална форма, оти во ова денешно време, кога просечноста владее со светот, незнаењето и бесот кон одредена политичка партија лесно склопуваат најразлични бесмислици. Можеби за петнаесет века од денес, кога некоја идна цивилизација ќе ја листа нашата оставина, ќе заклучи дека овој период во кој битисувал светов го карактеризира исклучиво моќта на просечноста, па токму така и ќе го нарече денешново време, ќе го именува како „просечна цивилизација“, ама се надевам дека нема да се прашуваат дали потекнуваат од антички или од просечни Македонци.
 
А такви просечни Македонци, кои мешаат историски периоди, нации и правци во уметноста за да стигнат до небулозна конструкција од типот „преку барокот се врши антиквизција на Македонија“, денес можеш да ги ринеш со лопата и никако да не ве чуди моментот кога налетувате на некој што ви поставува тешко „филозофско“ прашање, кое гласи: „Дали ние потекнуваме од Александар Македонски или од Гоце Делчев?“ Можете само да му се изнасмеете во лице и да му кажете, скраја да е дечко, не дај боже јас и ти да потекнуваме од ист предок, а кој ја „цепал“ прабаба ти, Аце или Гоце, навистина не ме интересира.
Во меѓувреме веќе не сме ни „славомакедонци“. Кретените од грчката Златна зора, на чело со нивниот лидер Никос Микалолијакис, тој џуџест и спечен „потомок“ на русокосиот горостас Ахил, ни кажаа дека всушност сме „циганоскопјани“.
 
– Господине, што сте вие по националност?
– Ром, ама ние Ромите секогаш сме знаеле да живееме и со Албанците, и со „циганоскопјаните“, и со „славомакедонците“…
– Господине, „циганоскопјани“ и „славомакедонци“ е исто.
– Е, како?
– Па, тоа ви се крадачи на туѓи истории, инаку неосвестени бугарски Срби со тешка говорна маана.
Ова малку ги меша нештата, нели? Значи ли тоа дека јас сум велешанец, припадник на „циганоскопската“ нација, потомок на „славомакедонците“, кои пред тоа биле Словени зад Карпатите, кои всушност се неосвестени Бугари, закотвени на вековната српска земја наречена Вардарска Бановина? Дали тогаш името „Циганоскопска Вардарска Бановина Бугарска Славомакедонија“ може да стане заемно прифатливо решение? Аиво Орав да си го земеме за претседател, Фуере за премиер, а знамето да ни биде кругот од ѕвезди на Унијата во бело-зелено-црвена бугарска нијанса, во кој врз четирите „С“ ќе биде послан црн двоглав орел и сето тоа да биде пречкртано со грчката бела и сина линија што ќе го симболизира нашето вековно непостоење, односно преправање дека постоиме.
 
За да нема недоумици мора да се дообјасни дека „Циганоскопска Вардарска Бановина“ е замена за „Република“, а „Бугарска Славомакедонија“ му доаѓа наместо она озлогласено „Македонија“. Попат мора да се расчисти и со историските факти и еднаш засекогаш да се напише дефиниција, која со мали корекции од врвните експерти по историја, наречени политичари, би требало да гласи „Неосвестениот бугарски цар Александар Македонски, потомок на српскиот предок Каран (читај Карановиќ), по националност е Грк, чиј татко Филип, според неговиот современик Демостен, не е Хелен, што апсолутно синот го прави уште поголем атињанин, кој всушност е Албанец, оти мајка му е епирска принцеза“. Јасно?
 
Е да бе, не е јасно, да не треба да ви цртам? Ама океј, еве ако мене не можете да ме разберете, под оваа колумна уште в понеделник ќе ви се распостелат белосветските експерти по немање македонска историја и континуитет, разни дописници од Коминтерната, тукашни претставници на светите тврди столици од нашиот комшилак.
Во меѓувреме, дур не му текнало на некој да прави егејска парада (дефиле на гордите почитувачи и одморачи покрај Егејско Море), јас ве оставам на мир да си планирате каде ќе одите за Нова година по крајот на светот.
 

 
Нова Македонија
1 декември 2012

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *