Коментари

Скопје – апансас – ампасан 2006 – 2012 – 2014

Скопје – апансас – ампасан 2006 – 2012 – 2014

 
“Ништо не е вистинско. Сè е дозволено” – тоа биле последните зборови на Хасан ал Бакр ал Сабах, што ги изустил пред својот ученик Бузург Умид, пред да се пресели во виртуелните џенети на својот “небесен калифат”, носен од хурии и психоделични кадежи, полуцинички потсмевајќи му се на сиот биодиверзитет на планетата Земја, особено на антропосферата.
Под сенката на оваа горенаведена “крилатица” ќе се обидам да го интонирам овој виртуелен дискурс низ “мојот” град, без никаква намера за “кантри” homeward bound или патетична “расходка” низ ендеците на меланхоличното и носталгичното, завиткани во лукративна обланда на времето ни постмодернистичко.
Елем во еден расказ на Аполинер, необичниот барон Ињес д Ормезан измислува нова уметност наречена амфионија. Тој вели дека инструментот на таа уметност, а наедно и нејзин предмет е градот, чиј еден дел треба да се помине така што душата на Амфионот, во вештината на виртуелното “љомзење”, треба да се облагороди низ откривање на секогаш новите аспекти на загадочната димензија на простор-времето. Убеден сум дека Алберт Ајнштајн, кумот на оваа полуметафизичка димензија, абер немал дека, коџа време пред него, таа димензија во Скопје или во Ускуп се нарекувала “амле”, односно, време врзано за специфична амбиентална средина, по кое се движи колективниот табиет на градот, сфатен како органички устроена целина, мандала или систем на знаци, комуникации и вредности во постојана интеракција. Имено, тоа “амле” карактеристично за градов, за жал, сè повеќе исчезнува или пак под дејството на “новиот светски поредок” толку мутира, што е невозможно да се види, или пак тоа што се гледа е само рефлексија на вистината што ја суплементира празнината пред која сите ние затечени се обидуваме да “ископаме” од себе некаква содржина и за миг да ја амортизираме бесмислата.
“Ништо не е вистинско. Сè е дозволено” – веројатно и Бодријар би се воодушевил на оваа мисла на “Старецот од планината”, аргументирајќи ја слоевитоста на симулакрумот Скопје, кој по една природна катастрофа стана “мајдан” каде што ампасан – апансас или наеднаш, ненадејно се сретнаа “ојлевци и дојлевци” и направија чудна турлитава на архитектонскиот апсурд и демографската хаварија. Навистина, Скопје за многу кратко време, би рекол со брзина на халуциноген “флеш”, ја смени својата физиономија, за по две-три децении да се заака во тежок постопиумски “stoned” без реален абер за будење. И по принципот “Ќор сокмиш Сагара, Сагар сокмиш Ќора…”, односно, интерактивниот интеркурс меѓу слепиот и глувиот каде што ни глувиот видел ни слепиот чул, градов се претвора во една “мегапаланка”, односно, “постмодернистичка Казабланка” во која сè потсетува на Голиот Ручек и “интерзоната” на Вилијам Бероуз видена низ ракурсот на Дејвид Кроненберг. Навистина, Скопје е далеку од Тангер, но ни тангира (лат. допира) длабоко.
И да не бидам сфатен како локалпатриот кој ламентира врз загубениот град, обвинувајќи ги другите за својата пасивност, по трет пат ќе се повикам на претсмртните зборови на калифот на “Хашишимите” Хасан ал Бакр ал Сабах – “Ништо не е вистинско. Сè е дозволено” – нека ми биде дозволено да го завршам овој виртуелен екскурс, апропо Скопје со еден “силогизам на горчината”: Нашето време ќе биде одбележано со романтизмот на апатридите. Веќе се формира слика на светот во кој веќе никој не ќе има право на граѓанство. Во секој граѓанин денес почива иден доселеник.

Церебрален FFF (flash for fantasy)

И ова беше напишано и објавено во 2006та година, …се сеќава ли некој на Скопје 2006тата година??? Наградно прашање: јал не јал – три и пол (позната битолска енигматична гнома).
Реминисцирајќи на едно време – невреме ми се појавува сцената што се случи баш тоа време – локација: кафана Сквер, масата на ќошот, а на масата Глигор Чемерски, Кирил Ценевски, Бранислав Саркањац, покојниот ми другар Цикле, јас и раби Барух Бахаудин…во еден халуцинантен brain-storming инспириран од пустото гумно на сред село, простете, на среде град. Фантазмагоричните визии за тоа како треба да изгледа Скопје одеа до таму, да мојата маленкост се осуди да поентира во запијански контекст, предложувајќи на сред плоштад да му се подигне паметник на Итар Пежо, јавнат на јарец – кожодерец, покажувајќи му со раката “шипинки” на секој оној што сака да се прави паметен и попаметен од што не е. А, од другата страна на Камениот мост да му се изгради споменик на Насрадин Оџа, како јава на магаре – ама од опаку, за секој да се чуди дали тоа магарето турило чалма или пак Насрадин почнал да оди на четири нозе…
 
Но, како и да е, односно, како и да беше, беше што беше…сето тоа беше само естетизиран рикошет на фрустрираниот глобтротер заглавен во епистемолошката челуст на филозофијата на паланката, иштафлаисан од бројните негови европски екскурзии, и со преполнети очи устројства, достројства и престројства, (архитектонски, амбиентални и монументални).
 
…и ни на крај памет не ми беше дека некој некогаш ќе ми го опредмети сонот, градов да ми биде град…
 
И многу бука, и многу ларма, и многу карма се покрена околу градов…и супер, и каде е дармата? Односно, мудриот молчалив заклучок?
 
Еле нејсе, ќе се почешаше по својата долга бела брада стариот дервиш и како да му мрмори на некој друг, или пак на својата брада, ќе протркалаше…eee, евљат, кога бев како тебе сакав да ми никне брада, кога ми порасна, се гордеев што јас ја носев неа. Па, кога почна да белее, за да се подмладам и да бидам како ти сега, сакав да ја избричам и решив да го сторам тоа. Го земав бричот и таман да засечам, нешто чудно ме заболе и во следниот момент сфатив дека брадата веќе ме носи мене…
 
И јас така, сакав да го отлачам од себе локал – патриотскиот мит за својот град и се обидував да го промислам феноменот на Скопје 2014та низ една антиномиска сопоставеност на двете парадигми, условно речено – папсаната модерна и еуфоризираната постмодерна, персонифицирани низ психолошките феномени на сентиментот и ресантиманот. Но, сето тоа беше само алузија на култниот филм Матрикс, каде што “младичот” или Нео, прохибираните пилули ги набавува од дилерот, а “нанчимот” или дилерот ги вади чудотворните апчиња од една ко-божемски книга, која всушност е кутија со скриено долапче. Е сега, доаѓа главното…што пишуваше на корицата на ко-божемски книгата? Проверете…Симулација и Симулакруми од Жан Бодријар.
 
И сега, што правиме? Што е вистина, а што вистинитост?
 
Едно време, едно амле, и јас си ја зедов на плеќи задачата да пишувам за градов…и го правев тоа. И ми здодеа. Зошто ми изгледаше бесмислено. Затоа што, за бадијала ламентирав по нешто што не сум го ни видел, ни вкусил, ни доживеал…и наеднаш, пред мене никнува нов град. И таман си сакал во весник да се откажеш од градот, како од некој свој близок, ќе почувствуваш длабока болка. Замавнувајќи со секирата од Pink Floyd, ти текнува…Carefull with that axe, Eugene! Внимавај со таа секира, младичу…зашто одекот прогонува, One of these days..I’m gonna cut you in little pieces.
 
P.S. Првиот дел од халуцинантнава екскурзија беше објавен 2006та. Сега е 2012та. Како ќе ми се види Скопје 2014та, да сме живи и здрави и при здрава памет и очи ќе се произнесам на денешен датум за две години, длабоко верувајќи во феноменот на церебралниот флеш.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *