Коментари

Што е пријател

Што е Пријател

Пријател е некој што ни оддалеку не сака да те корегира. Ни во фотошоп не би ти ги смалил ушите и не би ти ги избришал брчките.
Пријателот те сака каков што си и баш заради тоа што си таков. Пријателот би те сакал и да си поинаков. Пријателот те прифаќа.
Пријателот ти дава заем пред да му побараш. Пријателот не ти се лути ако не му вратиш подолго време. Пријателот те разбира.
Пријателот те сака повеќе одошто ти можеш себеси да се мразиш. Пријателот секогаш знае како да се справи со твоите автодеструктивни пориви. Пријателот пие со тебе за да има некој што ќе остане трезен.
Пријателот мисли на тебе повеќе одошто ти самиот, но не те заморува со својата стратегија за скриените богатства.
Пријателот е хотел во кој секогаш има соба за тебе.
Пријателот е место во срцето. Пријателот е мислата што ќе ги елиминира сите лоши мисли наутро и ќе предизвика насмевка на твоето лице. Пријателот  ќе се смее со тебе, а кога плачеш ќе биде нечуен и прозрачен до невидливост.
Пријателот е твоето алтер его од соништата. Пријател е некој што успешно балансира помеѓу тебе и твојата совест. Пријателот секогаш знае дека си невин. Прегратката на твојот пријател е единственото место  на светов каде што грижата на твојата совест се топи како мраз на сонце.
Пријател е некој што ќе ги разбере твоите најлуди идеи. Пријател е некој што не те сака посесивно и не се поистоветува со тебе. А кога се поистоветува тоа го прави нежно и без да забележиш.
Пријателот никогаш не се изморува од твоите тавтологии.
Пријателот оддалеку ја забележува твојата покачена температура, покачен шеќер и покачен холестерол. Пријателот никогаш нема да ти зготви нешто што не сакаш да јадеш. Пријателот ги знае сите твои алергии, иако се различни од неговите.
Пријателот го знае датумот на твојот роденден и го прославува така што зрачи благодарност заради тоа што ти постоиш. Пред да се родиш пријателот те замислувал токму таков каков што си.
Му веруваш не затоа што тој ти верува тебе туку затоа што низ многубројните разговори гледаш дека е голема веројатноста неговите сфаќања да се многу пошироки од твоите и тоа ти овозможува секогаш повторно откривање на нештата. Ова постојано преоткривање го освежува твојот дух и неретко крадешкум те погалува  во вид на преќутна потврда на нешто во што не си сигурен а поминуваш низ тоа со главата во ѕид.
Пријателот е твојот одмор. Тој не ги суди твоите постапки затоа што ги разбира и затоа што не му се битни твоите постапки туку Ти. Што и да направиш, пријателот во сè те гледа тебе. Неговото мислење ти е секогаш битно затоа што тој не го наметнува. Со него разговорот тече однатре. Тој разговор не е врзан со времето, туку трае. Иако ти самиот никогаш не можеш да претпоставиш што би рекол тој, затоа што размислувањето на пријателот е секогаш ненадоместливо оригинално бидејќи извира од неговото срце. Пријателот е деноноќна утеха.
Пријателот е некој со кого можеш да јадеш и да спиеш во недоглед и тоа никогаш да не се потроши. Пријателот ја разбира твојата несоница и не се соблазнува од начинот на кој џвакаш. Пријателот ти ги дава своите кошули, своите чевли и четката за заби без да му ги побараш а тој притоа не се смалува во твоите очи. Пријателот го почитуваш заради неговата подготвеност да се лиши од сè што е негово за да ти даде Тебе. Почитта доаѓаа оттаму што знаеш дека го прави тоа не очекувајќи да му вратиш.
Без посебна причина, само затоа што е таков каков што е, пријателот те тера да се радуваш што ти си токму онаков каков што си, инаку можеби не би ти бил пријател.
На пријателот му светнуваат очите кога сакаш со него да разглобуваш некоја тема. Пријателот се впушта во најдлабоките провалии за тебе и притоа не те користи како сигурносно јаже. Пријателот не се плаши од твоите идеали и знае што да прави со сивата мозочна маса во твојата глава и пошироко. Пријателот замолчува кога ќе почувствува дека си го допрел дното. Пријателот нема да ти ја подаде раката освен ако ти не побараш.
Пријателот ќе направи мимеза на мракот само за да го притаиш својот срам. Пријателот никогаш не морализира, тој е секогаш над законитостите на рефлексот. Пријателот ја знае границата на твоето достоинство и ќе направи сè во неговата куќа да се чувствуваш како дома, бидејќи куќата е неговото срце во коешто нема ниту еден услов што ти не го исполнуваш. Оттаму неусловеноста на пријателството којашто ја нема на ниту едно друго место во светот, и оттаму нејзината непроценлива скапоценост…
Пријателот не може да прави чуда и не е волшебник. Тој живее од твојата љубов. Пријателот е ретка можност да ја испроектираш својата потреба за Субверзијата на Пријател, и затоа тој е некој што не те остава да му се качуваш на глава во секое време туку само кога е специјално расположен или кога има причина за славење.
Тој нема да ги поддржи твоите ставови за да ти го потврди егото ако гледа дека не си токму.
Никогаш нема да ти позајми пари ако знае дека само малку по разделбата со него ќе завршиш во коцкарница или во кафана.
Ќе ти ги плесне во лице твоите најгрди особини и нема да те штеди подгревајќи ја лажната слика на синот на мајка, во која секогаш има круна на главата и го заслужува својето ладно пиво и топлата супа од кокошка само заради моќта на навиката.
Пријателот секогаш ќе ти го заврти грбот на време и тоа точно во мигот кога во тебе созреала желбата да му го брцнеш ножот. Од позади. И се разбира дека нема токму него да го употребиш како полигон за твојот anger management. Во тие мигови добро е да се има понекој непријател на лагер.
Затоа пак, пријателот е единственото место за СЛОБОДА во овој свет на бесконечна зададеност…
 
сестра Макрина
ЛОЗА 2012

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *