Коментари

Моќта на човекот

Само сегашноста е Стварност. Сé друго е на граница да не постои и меѓите на ова околчување ги одредува свеста за Матрицата.

Од каде се? Колкава е моќта на матриксот? За да не испадне дека човекот е марионетка во рацете на Универзумот, втурнат не по своја волја во приказната на Животот, човекот ја има слободата да моли. Тоа е врвот на неговата автентична креативност.
Молитвата има моќ да го ослободува човекот од врзаноста со умот. Го обожава човекот, го реконектира со неговиот божествен извор, го враќа во неговиот Почеток, каде што се крие ковчежето со скапоценото богатство. Цветот на личноста, круната на сé создадено.
Но пред да биде крунисана, главата мора да биде подготвена. Една обична забоболка може многу да помогне во изнаоѓањето на одговорите.
БОЛКАТА ЧКРАПАЛО
Болката го заробува (го држи) вниманието на умот и го принудува на пренасочување. Нервниот систем е во грч, напнатост.
Има две можности: да се остане во болката или да се ослободи од неа. Дури и во најдолните слоеви на пеколот, и во седмото небо на задоволството, ТИ си тој што одбира, само несвесно.
Си го поставуваш прашањето, полека, многу полека, за да можеш да одговориш, да не биде формалност што ќе помине незабележано: сакам ли да боли?
Сакам ли да е вака?
Треба да се најде местото на тоа „сакам“.
Тоа „сакам“ е навигатор потиснат длабоко во себе, закопан под прашината на нештата што се случуваат на површина.
Треба да се оди таму длабоко.
Прашината, и површината во која живееме, се илузиите. Привидот што сами си го создаваме. Заборавеноста нема крај. Човек може да се роди, да живее и да умре без да се сети.
Затоа, исчистена од психопатски моменти на мазохизам, болката има позитивна (и примитивна) функција да нé потсети. Сакам ли? Ако не сакам, зошто? И како? Во смисла на „чкрапало“.
Треба да се оди длабоко.
Вистината не боли. Вистината смирува и го враќа умот во состојба на едност со себството, со Бог. Еден вид истост. Во истост со Себе.
Оној што е сум јас, ама не како его. Како состојба на свеста. Како светлина. Нешто што свети однатре.
Значи, има внатре едно сонце, или нешто уште поголемо – извор на енергија. Кога сме закачени на овој извор, „имаме енергија“. Кога ни е прекинат дотурот, не нé фаќа место на овој свет, облечени сме во Умор. Уморот е состојба на истрошеност, кога целото битие вапи за енергија, од која е испразнето. Овој енергетски вакуум е природна состојба на човечката одвоеност од изворот. Смртта е одвоеноста, празнината, ништотата. Што прави Господ за да го воскресне Лазар? Го повикува од мртвите. И Лазар оживува.
Просто, што попросто не може да биде. Кој ги комплицира работите? Централниот нервен систем. Мозокот. Треба да се поведе кампања против неговите трикови, блефови и какви ти не мајстории во областа на илузионизмот. Целиот град осамнува со графити: не си верувај себеси, не се поистоветувај, не мисли, не примај, не верглај, НЕЕЕ…
Запри го умот. Стивни. Одмори. Поистовети се со неделивото. Ти си атом, индивидуа. Што има зад таа неделивост? Тоа си Ти.
Ајде да речеме Љубов. Но треба длабоко да се копа. Лесно им е на оние што се веќе потонати, треба само да поверуваат.
Зошто е Бог – „тајна“?
Затоа што и тоа е место повеќе за проекција на човечката себичност. Ако некој ја открие тајната, таа веќе не е тајна. А тоа е опасно, нешто да биде достапно за сите, универзално. Нешто како што е воздухот, или водата. Бидејќи е бесконечен и беспочетен, Бог не може да биде потрошен, резервите се неисцрпни. Но ако е така, има за сите, и нема потреба од организирано чекање во ред, а потоа и тепачки. Тогаш редарите и чуварите на тајни би останале без работа. Затоа тие се прогласуваат себеси за неприкосновени и вечни наследници на правото на авторизирање на тајните, а потоа го организираат Духот во прописи, правила и обичаи.
Значи, Бог не е тајна. Тој е проста реалност, повеќе од очигледна. Но секој добар менаџер на сопствената судбина ќе биде претпазлив во начинот на соопштување на ова необично откровение – дека Он е љубов, а љубовта е животот на сé што постои. Колку опасно! Љубовта не може да биде потрошена како изворите на нафта во Саудиска Арабија, туку колку повеќе се троши, толку повеќе ја има! Нејзиното присуство е смирувачко и претставува директна закана за секаков тип неуроза. Во нејзино присуство неурозата се тресе од страв и чувствува одвратност на ниво на инстинкт.
Бог проектира, но и човекот ја има таа способност, како слика Божја. Ако дојде до средба на овие две проекции, се случува феноменот на среќата.
Затоа, сé што имаш дај му го на Другиот и не се плаши дека ќе останеш без ништо. Надминувањето на овој страв значи искачување едно скалило погоре, каде што се случува она „што на човека на ум не би му паднало…“ На тоа друго скалило не само што ќе добиеш двојно од тоа што си го дал со љубов, туку искусуваш и состојби што се зад вообичаената сила на зборовите. Цената е стравот. Стравот нема тебе да те ослободи, никогаш. ТИ се ослободуваш од него, кога ја совладуваш вештината на запирање на Умот.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *