Македонија

Шаманот и шаманската иницијација

РЕЛИГИИТЕ НА ДРЕВНА ЕВРОАЗИЈА : ТУРКО-МОНГОЛСКИ, УГРО-ФИНСКИ, БАЛТИЧКО-СЛОВЕНСКИ

од Мирча Елијаде

245. Шаманот и шаманската иницијација
Врховен небески бог кој станува deus otiosus или неограничено се множи ( Тенгри и 99 тенгри); бог творец чии дела (Светот и човекот) се упропастени со подмолното мешање на сатанскиот Соперник; краткотрајност на човековата душа; болести и смрт што ги предизвикуваат демоните и лошите духови; тројна Вселена – Небо, Земја, Пекол – која понекогаш подразбира многу сложена митска географија ( мноштво небески и пеколни нивоа за кои е потребно познавање на патиштата што водат на Небото или на другиот свет) … Овие неколку основни елементи ни се доволни за да ја оцениме значајната улога што шаманот ја има во религиите на средна и северна Азија, Имено, шаманот е истовремено и теолог и демонолог, специјалист за екстаза и човек-исцелител, помошник при лов, заштитник на заедницата и стадата, водач на душите на умрените, а во некои општества, научник и поет.
Терминот ,,шаманизам” означува еден архаичен религиски феномен (осведочен, изгледа, уште од палеолитот) кој е широко распространет (со исклучок на Африка). Но шаманизмот во тесна смисла на зборот преовладува особено во средна и северна Азија и во арктичките предели. Во Азија шаманизмот претрпел најмногу влијанија (иранско – месопотамски, будистички, ламаистички), без притоа да ја изгуби сопствената структура.
Многубројните способности на шаманот се резултат на неговите иницијациски искуства. Благодарејќи на искушенијата низ кои минува за време на својата иницијација, идниот шаман врши проценка на нестабилноста на човечката душа и ги сознава начините за нејзина заштита; исто така, од искуство ги разбира страдањата што ги предизвикуваат разните болести и успева да ги открие нивните причинители; тој доживува обредна смрт, слегува во Пеколот, а понекогаш се качува и на Небото. Накусо, сите моќи на шаманот зависат од неговите искуства и сознанија од ,,духовна” природа; тој успева да стане близок со сите ,,духови”: душите на живите и мртвите, боговите и демоните, многубројните привиденија – невидливи за другите луѓе – кои ги населуваат трите космички предели.
Шаман се станува:
1) со спонтана вокација (,,повик” или ,,избор”);
2) со наследно пренесување на шаманскиот позив и
3) со лична одлука или, поретко со волја на племето.
Но, кој и да бил начинот на избор, шаманот е признат како таков дури откако ќе помине низ двојна обука:
1) екстатичка (соништа, визии, трансови итн.) и
2) традиционална (шамански техники, имиња и функција на духовите, митологија и генеалогија на племето, таен јазик итн.).
Оваа двојна обука, за која се задолжени луѓето посветени од духовите и старите шамански учители ја сочинува иницијацијата. Таа може да биде јавна, но отсуството на еден таков свечен обред воопшто не подразбира и отсуство на иницијација: таа може да се изврши и во сон или за време на екстатичкото искуство на новакот.
Синдромот на мистичкиот повик лесно се препознава. Идниот шаман се одликува со необично однесување: тој станува замислен, се осамува, сака да талка по шуми или пусти места, има визии, пее во сон итн. Овој период на инкубација понекогаш се карактеризира со многу сериозни симптоми: кај Јакутите, се случува младиот човек да стане бесен и лесно да изгуби свест, да побегне в шума, да се храни со кора од дрвја, да се фрли во вода и оган, да се повреди со ножеви.[1] Дури и кога се работи за наследен шаманизам, на изборот на идниот шаман му претходи промена на однесувањето: душите на предците – шамани избираат некое момче во семејството, тоа станува расеано и занесено, кај него се јавува потреба од осаменост, има пророчки визии, а во некои случаи добива и напади од кои губи свест. За тоа време, мислат Бурјатите, духовите ја однесуваат душата; откако ќе биде примена во палатата на боговите, предците – шамани ја упатуваат во тајните на занаетот, во формите и имињата на боговите, имињата и култот на духовите итн. Дури по таа прва иницијација душата се спојува со телото.23

Мистичкиот повик многу често подразбира и длабока криза која има улога на иницијација. Имено, секоја иницијација, од било кој вид да е, опфаќа период на одвојување и извесен број искушенија и измачувања. Болеста што кај идниот шаман се јавува заради тегобното чувство дека бил ,,избран” со самиот тој факт се валоризира во ,,иницијациска болест”. Несигурноста, слабоста и осаменоста кои се појавуваат со секоја болест во овој случај се влошуваат преку симболиката на мистичката смрт: зашто со прифаќањето на натприродниот ,,избор” кај идниот шаман се раѓа чувство дека е препуштен на божествените или демонските сили, односно осуден на неминовна смрт. ,,Лудилото” на идните шамани, нивниот ,,душевен хаос” се знак дека световниот човек се ,,распаѓа” и дека во тој момент се раѓа нова личност.
Синдромот на ,,болест” многу често се јавува веднаш по класичниот обред на иницијација. Страдањата на ,,избраниот” личат во се на иницијациските мачења; како што во обредите за пубертет новакот го убиваат демони – “иницијациски учители”, така и идниот шаман себеси се гледа како го сечат и распарчуваат ,,демоните на болеста”. Болниот ја дожуваува обредната смрт како слегување во Пеколот: тој во сон присуствува на своето распарчување, ги гледа демоните како му ја сечат главата, му ги вадат очите итн. Според Јакутите, духовите го носат идниот шаман во Пеколот и три години го оставаат затворен во некоја куќа. Во неа тој ја доживува иницијацијата: духовите му ја сечат главата и ја ставаат настрана (зашто новакот треба со свои очи да го гледа своето распарчување) и го сечат на мали парчиња кои потоа им се делат на духовите на различните болести. Само под тој услов идниот шаман ќе се стекне со моќ за лечење. Потоа коските ги покриваат со свежо месо, а во некои случаи му ја менуваат и крвта. Некои други шамани раскажуваат дека за време на иницијациската болест предците – шамани ги прободуваат со стрели , им го сечат месото и им ги вадат коските за да ги очистат; или им го отвараат стомакот, им го јадат месото и им ја пијат крвта; или им го варат месото и им ја коваат главата на наковална. За тоа време тие лежат без свест, речиси безживотни, три до девет дена, во јуртата или на некое осамено место. Некои дури изгледа и престанале да дишат и за малку не биле закопани. На крај, тие воскреснале, но со наполно обновено тело и со дарба да се занимаваат со шаманство.[2]
Кога новакот лежи без свест во јуртата, семејството обично повикува шаман и овој подоцна ќе врши улога на обучувач. Во други случаи, по ,,иницијациското” распарчување, новакот тргнува во потрага по учител за да ги научи тајните на занаетот. Учењето е од езотеричка природа и понекогаш се изведува во екстатична состојба; со други зборови, учителот – шаман го поучува својот ученик на истиот начин како што тоа го прават демоните и духовите. Кај Јакутите, учителот ја зема со себе душата на новакот на едно долго екстатично патување. Првин се искачуваат на планина. Учителот од горе му го покажува на новакот патот кој се дели и од каде други патеки се искачуваат кон планинските гребени: таму престојуваат болестите што ги мачат луѓето. Потоа учителот го води својот ученик во една куќа. Таму тие облекуваат шамански носии и заедно се занимаваат со шаманство. Учителот му открива како да ги препознае и лечи болестите кои напаѓаат различни делови од телото. На крај, тој го води својот ученик во горниот свет, кај небеските духови. Оттогаш новиот шаман ќе располага со ,,посветено тело” и може да се занимава со својот занает.[3]
 
Постојат исто така и јавни иницијациски свечени обреди,особено кај Бурјатите, Голдите, Алтајците, Тунгузите и Манџурците. Церемониите кај Бурјатите се вбројуваат меѓу најинтересните. Главниот обред содржи вознесение. Во јуртата се закачува цврста бреза чии корени се во огништето, а врвот излегува низ отворот за чад. Брезата ја викаат ,,чувар на портата”, зашто на шаманот му го отвора влезот на Небото. Ученукот се искачува на врвот од брезата и, излегувајќи од отворот за чад, вика со сета сила за да ги повика боговите на помош. Потоа сите присутни во поворка се упатуваат кон место оддалечено од селото, каде претходниот ден во чест на обредот биле посадени голем број брези. Близу една бреза се принесува јарец како жртва, а на ученикот, кој е со голи гради, му ги мачкаат со крв главата, очите и ушите, додека другите шамани удираат на барабан. Учителот – шаман тогаш се качува на една бреза и на нејзиниот врв прави девет зарези. Следен од другите шамани, и ученикот се качува на брезата. При качувањето сите паѓаат – или се праправаат дека паѓаат – во екстаза. Според еден извор, кандидатот треба да се искачи на девет брези кои, како и деветте зарези, ги симболизираат деветте неба.[4]
 
Во врска со овој иницијациски обред треба да се запомни дека кандидатот шаман оди, наводно, на небото за да биде посветен. Како што ќе видиме, искачувањето со помош на дрво или колец е главен обред и во сеансите на алтајските шамани. Брезата или колецот се изедначуваат со Дрвото или Столбот кои се издигаат во Центарот на светот и ги поврзуваат трите космички зони. Накусо, шаманското дрво ги има сите магични својства на Космичкото дрво.


22 Види ги примерите наведени во Le Chamanisme, стр. 45 и след.
23  Од средината на минатиот век имало повеќе обиди појавата на сибирскиот и арктичкиот шаманизам да се објасни со ментална болест. Прашањето било лошо поставено. Од една страна, идните шамани секогаш не се невропати; од друга страна, оние од нив кои биле болни станале шамани токму поради тоа што успеале да се излечат. Иницијацијата е еднаква на оздравување; меѓу другото, таа се изразува и со нова психичка интеграција. Види Le Chamanisme, стр. 36 и след.; Mythes, reves et mysteres, стр. 105 и след.
24 Види ги примерите наведени во Le Chamanisme, стр. 45 и след., 73 и след., 102 и след.
25 G.V. Ksenofontov, наведено во Le Chamanisme, стр. 105.
 26 Le Chamanisme, стр. 106-111, според N.N.Agapitov,M.N.Changalov и Jorma Partanen. Како што тоа добро го забалежил Uno Harva ( Relig. Vorstell., стр. 492 и след.), овој обред потсеќа на некои церемонии од Митрините мистерии. Така, прочистувањето на кандидатот со крв од јарец има сличност со taurobolium, а неговото искачување по брезата потсетува на Митриниот мист кој се качува по седум скали кои ги претставуваат седумте планетарни небеса (сп. 217). Како што веќе забележивме, влијанијата од древниот Блиски Исток се очигледни речиси насекаде во средна Азија и во Сибир, а иницијацискиот обред на бурјатскиот шаман треба најверојатно да се вброи меѓу доказите за таквите влијанија. Но треба да се додаде дека симболиката на Дрвото на Светот и обредот со иницијациско качување по брезата им претходат на културните елементи кои дошле од Месопотамија и Иран.
Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *