Македонија

Ристос и комарџијата

Kога шетал по земјата Ристос со дванаесетте апостоли, отишол у еден комарџија на гости, на вечера.
Јале, пиле, што беше дал Господ и што беше им зготвил домаќимот, и откога прележал ноќта у комарџијата, утрото рано се спремал да си оди.
„Еј бре човече; му рекол Ристос на комарџијата, сакај што дарбина да ти дадам за вечерата што ми ја даде”.
Кога го чул комарџијата тој збор од Риста, се замислил малку и му текнало нешто да му посака.
„Е, што дарбина да ти сакам, Ристе?
И јас не знам; блаосови ми го занаетот што го имам, и друго нејќам.”
„Мошне арио, да ти го блаосовам, туку што занает имаш, ја кажи ми?”
„Е, зер не знаеш ти, да што ме прашуваш, му рекол комарџијата, ами мојот занает е комарџилак.
Ете тој е мојот занает.
Co книги да играм комар.
Да ако е кабил, блаосови ми ги книгите, да не може никој да ме кутне, чунки многу мајстор сум за играње, и колај-колај не може човек да ме кутне, арно туку што ти велат; шејтан пушт, тики по некогаш и мене ме кутнуваат и пари ми земаат, да од тој себеп не можам да се обогатам”.
Се изнасмеа Ристос и му рече:
„Ај да ти се блаосовени книгите и даровите”.
Co ce што беше неправо сакањето од комарџијата ама, чунки му се такса Ристос отпрвин, му ги блаосови книгите.
По некој ден отишол комарџијата на кафе и фатил да игра со книгите комар.
Co кого беше играл, се го куткал и од ден на ден се напредувал и до неколку годиње многу стока добил.
По годиње посакал Ристос да му ја земе душата од комарџијата и пратил еден апостол од небеси, да го умре.
Отишол апостолот дома му и му рекол да се зготви за да умре, оти душата му ја сакал Ристос.
Многу го молил комарџијата апостолот да го прости за тогај, да откога ќе поминат неколку години без џефа ќе умрел, арно ама апостолот не го проштавал.
„Е, лели не ме проштаваш, бре апостоле, ќе се умира, туку една голема риџа ќе ти сторам, да седнеш за да изиграме еден оин со книгиве, да ако ме кутнеш, земи ми ја душава,
а пак ако не ме кутанеш, да ме простиш да поживеам барем за до три години”, му рекол комарџијата.
Co тие блази зборови, што му ги велел комарџијата, беше го кандисал апостолот да изиграат еден оин.
Едно заигрување, и паднал апостолот од комарџијата та отишол на небеси без душа кај Риста.
„Е, зошто од што не ти е од занаетот, бре човече, фаќаш работа, и после да не ми свршиш мене работа? му рекол Ристос.
Ја стани ти, бре апостоле Петре, појди кај комарџијата и земи му ја душата.
Ама варди и ти да си изиграш еден оин, како побратимот твој што поигра”, му рекол Ристос.
Оттишол Свети Петар кај комарџијата и го поканил да се зготви да умре.
„Повели, седни де, повели седни, Свети Петре, му рекол комарџијата, да за умирање колај е, туку ќе те помолам, ако е кабил, седни да изиграме една парса со папазиве, да ако ме кутнеш, да ме умреш, а пак ако не ме кутнеш, да ме простиш, до три години да бидам жив”.
„Легни сега умри, да на тој век ќе поиграме со книги, му рекол Свети Петар.
Ако сакаш земи си ги книгите в џеб и тргај танецот пред мене”.
Виде комарџијата оти друго не бидува, си ги клал книгите в џеб и си тргна пред Свети Петра на небеси.
Одејќи по патот, дошле кај првата баждарница, кај што ги бараа ѓаволите гревовите од луѓето, и го фатија ѓаволите за да му ги бараат гревовите.
На тоа згора комарџијата ги теклифил да изиграат еден оин со книгите, и ако падне,
да го земат со себе во вечна, а пак ако паднат ѓаволите, еден човек тој да земе од вечна, за да го однесе во рај.
На тоа згора кандисале ѓаволите и седнале да играат.
Фрлија неколку книги на плаз, зедоа-дадоа, и фатија да зијанат ѓаволите.
„Бре, аман, рекол поголемиот, држте се бре, опи срамота е да не заробат за во рај!”
Се нагрвалија — едни отаде, друзи одаваде ѓаволи, да кажуваат, за како од како да го кутнат комарџијата.
Арио ама ич можат со блаосовените книги да излезат на глава со комарџијата?
Едно доигрување и паднаа ѓаволите, и им го заробил првиот за во рај да го носи.
При се што не го оставаше Свети Петар да игра, арно ама беше си рекол со умот:
„Да видам, овој комарџијава каков марифет прави со книгиве блаосовени?”
Од првата баждарница паминале, отишле кај втората, третата, четвртата, дури до единаестата, и од секоја баждарница беше пленил по еден ѓавол со книгите играјќи.
На Свети Петра арно му идело дека заробувал ѓаволи комарџијата.
Врвејќи по пат дошле до вечна мука, и нарипале сите ѓаволи да се откинат.
Бре би ќет, бре не ќет, бре како бидува, бре што бидува?
Нејќат да ги дадат ѓаволите пленетите за во рај!
Арно ама со сила ништо не бидува, чунки со збор било пленетото.
„Е, што се лутите, бре ѓаволи? им рекол комарџијата, со суд рака сечат, и не боли;
лели ви е жал за вашите браќа, да не одат во рај,
елате да направиме трампа-трумпа,
дајте ни единаесетмина од вечна, да си ги земам откај вас и земете си ги единаесетте ѓаволи”.
„Оо, колку за тоа, евала, бујрум, одбери си единаесетмина”, му рекоа ѓаволите.
Влезе комарцијата во вечна и си одбра единаесетмина негови пријатели и појде кај Риста во рај.
„Што е ова калабалак, бре човече? јас само тебе те викнав, а не и друзи со тебе”,
му рекол Ристос.
„Вистина, Господи Исусе Ристе, саде мене ме викна, ама кога дојде ти у мене на гости,
ми дојде со тринаесетмина, ами јас еве ти идам со дванаесет, еден помалце, да не треба да ми се срдиш, речи ми повели, добре дошол, и толку ти чини, како што ти реков и јас”.
Откога се изнасмеа Ристос, му рекол:
„Е, ај повели де, повели во рај со сите единаесетмина што ги отме од вечна:
заради тебе и нив ги простив”.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *