Превземено

Нова Македонија: Ретко кој наш лекар знае за моргелона

Лекарите објаснуваат дека луѓето може да ги чувствуваат симптомите ако си умислат дека се болни
Само малкумина македонски лекари знаат дека постои моргелона (моргелоноза), мистериозна болест на кожата или психички синдром што ги плаши Србите. Во нашата земја засега не се регистрирани случаи, а медиуми од соседството деновиве пишуваа за двајца пациенти што на делови од телото прво чувствувале чешање, болки и бодежи, а потоа имале чувство дека нешто им шета под кожата, таа се вцрвувала, наводно лачела леплив исцедок, пукала и гледале како од неа излегува нешто слично на влакна или, како што самите исплашено велат, црви.
Д-р Небојша Пешиќ, директор на Клиниката за кожни болести, вели дека не му е позната оваа болест, но секако би забележале ако се појавел пациент со специфичните симптоми.
– Првпат слушам за таква болест. Досега не сме имале пациенти со симптомите што ги опишувате. Доколку некому би му била потребна помош, сигурно би дошол на клиника и би го запомниле или испитале. Има ретки пациенти со змијолики паразити под кожата, како ларвата мигранс, која копа канали низ организмот и хируршки се отстранува, но такви немало неколку години, а и ги немаат симптомите што се опишуваат за моргелона – вели д-р Пешиќ.
За пациенти со мистериозната болест не слушнале ниту микробиолозите, проф. д-р Никола Пановски и проф. д-р Милена Петровска, директорка на Институтот за микробиологија.
– Има паразити или микрофилари што може да живеат во крвните садови, ние сме имале такви случаи и тие се докажани. Но со симптоми или знаци какви што опишувате не сме имале – вели д-р Петровска.
Пациенти со симптоми на моргелона немало ниту на Клиниката за пластична хирургија, а не се заведени ниту на Институтот за јавно здравје.
Д-р Рубенс Јовановиќ од Институтот за патологија точно знаеше за што го прашуваме. Тој вели дека моргелоната се истражува, особено во САД, каде што се издвојуваат многу пари за да се покаже што е тоа што се појавува на човечката кожа и под неа и дали е опасно. Објаснува и дека луѓето може да ги чувствуваат симптомите ако си умислат дека се болни.
– Истражувањата досега покажуваат дека се работи за синдром. Во 90 проценти од случаите што се испитувале се покажало дека на кожата има растителни или синтетски влакна што често се поврзани со облеката што ја носеле оние со симптоми на моргелона. Ми се чини дека повеќе се работи за психичка состојба. Влакната што ги гледаат пациентите може да се оние што растат на кожата, а се обидуваат да еруптираат. Апсолутно е недокажано дека се работи за болест и не ми е познато дека македонски пациенти чувствувале вакви симптоми – вели д-р Јовановиќ.
Лекарите објаснуваат дека во овој период многу луѓе имаат проблеми со алергии што предизвикуваат чешање.
– Ако често се чешате на исто место, ќе направите рана. Од местото се лачи плазма на која може да се залепат влакненца од гардеробата, па да изгледа дека тие се под кожата. Потоа сугестијата и мозокот може да ве испаничат, особено кога ќе пребарувате на Интернет за симптомите и знаците што ги имате – објаснуваат други лекари.
Експертите во светот се поделени во претпоставките за тоа дали станува збор за физичка болест или, пак, луѓето само мислат дека се болни. Сепак, дел еколози, биолози и теоретичари претпоставуваат дека таа се појавува поради користење генетички модифицирана храна, употреба на отровни хемиски соединенија за прскање, на пример против инсекти, па дури и честици од нанотехнологијата.
извор: Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *