Коментари

Апокалипса сега

Пред 20 и кусур години тргнавме во прво одделение. Едните имавме буквари со Кирил и Методиј, а другите сеуште имаа книги со слика од Маршалот на почетната страница. Не ни ставаа капи со ѕвезди петокраки, ниту марами. Само што тргнавме на училиште, Македонија стана независна и суверена држава. Се сеќавам на радоста на татко ми и дедо ми кога се прогласи независноста. Како да почна едно ново време, време со македонска приказна, доаѓаше крајот на векот. Многумина од генерациите на нашите родители сеуште не се освестени од преминот и промената на општествениот поредок. Оние трпеливите и ден денес трпат, тешејќи се со е добро де синко, барем останавме чесни, живи и здрави. А другите сеуште уживаат во комфорноста која што им ја овозможи лудото доба на транзицијата. Децата на едните се радуваат на секоја нова промена, нова градба, абер и дело на внимание и грижа. А децата со скапите гаџети, и ден денес плукаат врз многу нешта кои што по default се македонски, и ни припаѓаат како на сите Македонци, така и на целиот Свет.

Целото постоење е двојно, дуално, па тоа се одразува и врз македонската младина – онаа група од општеството која што треба да е катализатор на секоја промена на подобро. Во 90тите ја немаше конекцијата со глобалното село – интернетот. Немаше кабловска и еден куп канали на ТВ. Уште пред пубертет одевме во библиотека и си разменувавме слободна литература. Детска работа или одраз на свест за она што доаѓаше? Децата растеа, растеше и државата. Додека ја крадеа државата, родителите на оние другите се обидоа да ни го украдат и сонот. Влијаењето врз туѓите соништа може да се оствари преку техники познати на древните врачови, современите магови, но и преку егрегорите. Над нас се создадоа такви егрегори, што секој обид за нивен опис се граничи со опасност по живот. Сега се сетив на ветераните и нивниот муабет: Дете, доста наши умреа, вие треба да живеете за Македонија!

2000тата беше најавена како крај на свет. Веќе бевме во средно, имавме скап и бавен dial-up интернет, па нè лажеа дека кога бројчаниците на компјутерите ќе дошле на нулата, ќе се расипел целиот електронски систем. Помина и Y2K. Децата на новата држава станаа пубертетлии во нов милениум. Кој ксмет! Сеуште одевме во библиотеки, се додворувавме со песни и книги, го слушавме гранџот од батковците и дадите, гледавме видеа и од Woodstock, Monterey, Isle of Wight… Станавме колекционери на филмови, ги чувавме The Wall, Hair, Tommy. Меѓу нас имаше барем по еден од секоја суб-култура. Панкери, рокери, рапери, металци, хипици, алтернативци…тогаш сепак немавме информација за што биле тоа битници. Сепак чувството на страв беше неизбежно. Бомби, бегалци, војни, починати сограѓани и роднини – припадници на безбедносните сили. Се чудевме како тоа кај нас имаше таков немир пролетта, а во САД есента 2001ва.
(Тоа е темница, која голта сè што е живо во тебе и во мене…Често се прашувам што може човек против лудост, глупост и суета…Таа е одраз, таа е ехо на нечии трауми…Војна е девојка која нема милост ниту за еден свој љубовник…сепак си логичен, Архангеле!)
Ко да бевме свесни за проклетството на новиот милениум – дека ова е времето кога општеството ќе стигне до својот апсурд, па откако ќе помине темнината на крајната мртва точка, и ние ќе си ја дочекаме нашата Бела Зора.
Годините си врвеа, се радувавме на првите Таксират и No Borders евенти, слушавме Мизар, Архангел, Тело-Наука Совршена, Last Expedition, Берлински Ѕид, Меморија, Санаториум, Мозаик, Саф…

Ги читавме По и Бодлер, се собиравме да дискутираме за музика, филмови, литература…да го бараме коренот на постоењето, сонувајќи за 40 години назад, ех да бевме ние Децата на Сонцето кои што ќе ја најавеа Ерата на Водолијата пред целиот свет.
Гореспоменатите егрегори продолжија да си го вршат своето. Општеството продолжи да се менува. Полека, но сигурно – исчезнуваа местата каде што имаше читања на поезија и свирки во живо. Почнаа да никнуваат локали кои што требаше да се fancy – како одраз на глобалниот тренд, а со тоа се појави и една нова раса на луѓе, кои што како да немаа ништо допирно со нашиот дотогашен начин на живот. На ТВ престанаа мирните филмови во петок и сабота, кога повеќето семејства се собрани на куп. Почна играта со нашиот хипоталамус. Некој се обиде да ни прсне црн спреј врз третото око. Децата на Сонцето се почувствуваа како странци во сопствената држава. Поминаа нешто повеќе од 10 години откако Македонија стана самостојна, и почна да се одмотува превезот на лагата. Кој имал очи – видел!
Се сменија и аватарите кои што ги прифаќавме како јавни личности. Од интелектуалци, вечни сонувачи, шегобијци, по преминот во новиот век на сцената се појавија некакви си битија кои што (веројатно за среќа) немаа ништо општо со жарчето кое сеуште тлееше во нас. Со нив почна да се множи и онаа друга раса на млади луѓе – игнорантни кон сопственото, секое туѓо влијание си го залепија врз себе, ко да е некоја мува…
Дојде и годината кога требаше да матурираме. Тогаш се појавија Небесната Машина на Архангел и Почесната Стрелба на Мизар. Нишани горе в небо!

Разумен е оној кој што се стреми да се приспособи според светот, а неразумен оној кој што се стреми светот да го приспособи кон себе си. Затоа развитокот секогаш зависи од неразумниот. – пишуваше одамна на еден ѕид.
продолжува
Годините врват, а на егрегорите очигледно веќе многу им се брза. Децата на Сонцето преживеаја. Многу од нив, свесни дека кај што текло пак ќе тече, си се вратија дома. Мизар имаа еден пролог пред Кобна Убавина…
Рози во пламен, убавина кобна, совршенство в пепел, тестамент од трње за изгубеното дете…тоа е цената што ќе ја платиш. Ако, засади го пак, тука се роди, тука умри, тука на небото испеј му песна…Тоа трње, сепак е твој дом!

 

Робин Луд, 2012та

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *