Македонија

Писмо од Борис Сарафов

КОНГРЕС НА ЕРМЕНСКИ СТУДЕНТИ

Писмо на Борис Сарафов

извор

На 1 април во Женева е отворен 5тиот конгрес на Сојузот на ерменските студенти од Европа. Сојузот, чиј одбор има седиште во Женева, разви голема активност во преземената пропагандна активност. Тој пред извесно време го повика граѓанинот Франсис де Пресансе во Женева каде што тој одржа забележително предавање за ерменското прашање; тој го делегира нашиот собрат Пјер Кијар за Мировниот конгрес во Монако и побара од Едуард Бернштајн од Германија и од други публицисти и политичари во Рим и Брисел да одржат предавање за Ерменија.
Турскиот султан преку својот амбасадор при владата на Конфедерацијата направи повеќе чекори за да не дојде до свикување на конгрес. Но, тој сепак се одржа и траеше пет дена, во текот на кои беа донесени значајни решенија. Ќе ги наведе главните:  1. Продолжување на активната пропаганда преку печатот и со зборот;  2. Организирање на служба за посебни публикации за Кафказ и Турција;  3. Испраќање во Турција на претставниците, кои на самото место ќе ја испитаат состојбата.
Македонските студенти во Женева присуствуваа на отворањето на конгресот.  Во нивно име нашиот главен уредник С. Радев ја поздрави ерменската студентска младина и го наслика нејзиниот горд и упорен идеализам, жарот во борбата, неуморната приврзанот, и покрај тешките часови, на идеалот на правдата и на слободата. Потоа зборуваше за солидарноста меѓу Ерменците и Македонците. Таа солидарност, која се забележа во нивната пропаганда во странство, неодамна се покажа на славен и трагичен начин во Одринскиот вилает каде што ерменските и македонските револуционери, предизвикани на бунт поради угнетување, херојски се бореа против турските војници и башибозуците.
Г. Радев потоа го прочита писмото на Борис Сарафов, кое предизвика срдечен аплауз на делегатите.
Во прилог го пренесуваме во целост, без коментари; тоа е доволно само по себе.
ДРАГИ ДРУГАРИ,
Се зборуваше за моралната солидарност на угнетените поради нивните заеднички маки, солидарноста која продолжува во сонот, за кој сметам дека е илузорен. Реалната солидарност, како што ја разбирам јас, се раѓа со одлуката за дејствување и се покажува во акција.
Таквата солидарност треба да ги поврзува Ерменците и Македонците во истата упорна борба против режимот кој не угнетува.
Уверен и занесен приврзаник на таквиот договор, јас секогаш се залагав за неговата неопходност како и за неговата морална убавина. Веднаш по мојот избор за претседател на Врховниот македонски комитет, потпишав заедничка декларација со претставниците на Ерменската револуционерна федерација во врска со Хашката конференција. Оттогаш постојано ме раководеше свечената обврска што ја презедовме пред Европа дека солидарно и заеднички ќе се бориме против турската тиранија.
Ми се чини дека се ближи времето кога ќе бидеме повикани овој сојуз да го запечатиме со нашата крв на бојните полиња, кои се единствени и на кои ќе се решава нашата судбина.
Во овој возвишен час, уверен сум дека ерменската револуционерна младина, која изврши неколку востанички гестови во скорешно време, целата ќе биде таму, за да изврши потполно својата задача  – и со таа надеж братски ја поздравувам младината собрана на конгресот во Женева.

Б. Сарафов

 
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *