изборПревземено

Патот на Тајната Книга

 “Палете ги сите, а на небото Господ ќе ги познае праведниците.“

Идејата за истрагата на патот на Тајната книга, низ 12 места од островот Голем Град во Преспа преку југо-западниот дел на Европа, до Музејот на инквизицијата во Каркасон, Франција е предизвикана од трагањето по нејзиниот оригинал и мистериозна судбина, мисија што трае повеќе од илјада години. Тајната книга како продукт на средновековната теозофија, во литературата позната како Јованово или Лажно евангелие, припаѓа кон апокрифната книжнина со апокалиптична и визионерска ориентација. Содржината на Тајната книга имлицира еретички елементи, во принцип карактеристични за дуалистичките учења и особено за учењето на богомилите. Во содржински поглед таа ја опишува предисторијата на создавањето на светот, самото создавање и ја открива идната историја на човечкиот род, при што во космогониска смисла се мешаат христијанските сфаќања со нехристијанските, засновани на религиозно-филозофската концепција на умерениот дуализам и гностицизмот.
Овој состав денеска е познат само преку два латински преписа, парискиот и виенскиот, познати под називите Каркасонска и Виенска верзија. Настанувањето на латинскиот превод се поврзува со мисионерската дејност на епископот Назариј во Ломбардија во 1170 година, која имала за цел проширување на богомилските идеи сред приврзаниците на катаризмот, кога била преведена на латински јазик. Нашата потрага по претположливата убикација на патот на Тајната книга започнува од Преспа, по трансверзалата на нејзиното движење, што не впушта во детерминација на 12 можни топонимски одредници за нејзиното движење низ времето и просторот, од Голем Град во МКД до Каркасон во Франција. Овде вршиме за првпат екслузивна презентација на претположливите 12 точки од мапата на југоисточна Европа, на Италија и јужна Франција по кои минала Тајната книга.

МАКЕДОНИЈА

1. ПРЕСПА Врз основа на одредени латински извори може да се изврши претположива убикација на еретичкиот каструм во Македонија, како можен терен од кој потекнала Тајната книга. Такви податоци нудат документирани латински извори кои се однесуваат на Првиот крстоносен поход, чии учесници се движеле по значајната комуникација Виа Игнатија, која минувала низ југозападниот дел на Македонија, каков што е Историјата на крстоносниот поход до Ерусалим од Петар Тудебод. Од него се дознава дека во периодот 1096-1099 год. во Пелагонија постоела и утврдена еретичка населба (castrum haereticorum), која се наоѓала до некакво езеро (in qodam lacu). Непрецизноста на овој податок во науката пласира повеќе различни ставови во врска со неговата убикација. Многу веројатно е дека се работи за просторот во и околу Преспанското Езеро. Така, С. Антолјак денешното село Асамати на Преспанското Езеро, според грчкиот назив , го поврзува со сектата на богомилите и претпоставува дека токму сегашното преспанско место било споменатиот град на еретиците кое се наоѓало до езеро, до некое езеро или при езеро. Т. Томовски, во студијата „Преспа во средниот век“ упатува на Острово како можна локација на еретичкиот каструм. Е Бозоки, во својата книга посветена на Тајната книга го изнесува мислењето дека нејзиниот пат почнува токму во 1096-тата година кога е изгорен градот на преспанскиот остров Голем Град. Овде се преплетуваат митските и реалните стории, а до една од нив дошол Ј. Плевнеш врз основа на истражувањата вршени во Ватиканската библиотека, каде пронашол запис за монах-крстоносец кој со пресечен јазик ја пренел книгата од островот, преку Балканот, до Италија и Франција, а е пронајдена некаде околу Венеција и запишана од страна на хрватскиот публицист Антонио Јерков во списанието Relacion Macedonia, публикувано во Рим во шеесетите години на минатиот век.
2. БОГОМИЛА Именувањето на селото се доведува, од една страна, во врска со апелативот богомил, лоцирано во областа Азот на реката Бабуна (десна притока на Вардар), западно од Велес. Од друга страна, именувањето е изведено од истоимениот антропоним, од името на основоположникот на учењето, попот Богомил, и од семантички апсект се поистоветува со значењето „село кое му припаѓа на Богомил“. Според постојниот изворен материјал, кој главно се содржи во Беседата против новопројавената ерес на Презвитер Козма е нагласено дека дејноста на попот Богомил „се случила“ во времето на бугарскиот цар Петар (во периодот помеѓу 927 и 969 г.). Според едно предание, родното место на попот Богомил било селото Богомила, во чија близина се наоѓале неговиот гроб и малиот параклис во близината на т.н. „црквиште“, кој на богомилите им служел како молитвен дом. Постои верување дека во времето на прогонствата, гробот на попот Богомил бил користен за скривалишта и молитвен дом на истомислениците, вистинско место за пребивање на Тајната книга.
3. БАБУНА Терминот бабун во своето основно значење претставува „човек со збрчкано лице“, богомил, припадник на еретичка секта. Има основа да се претпостави дека со поимот бабуни се означувале стари, духовни отци, најверојатно припадници на совршените богомили. Овој апелатив е засведочен во повеќе топонимски одредници во Македонија: планината Бабуна (помеѓу Прилеп и Велес), реката Бабуна, предел Бабуна во западниот дел на планината Клепа, кој се наоѓа по сливот на реката Бабуна, селото Бабуна, кај кое се наоѓа устието на реката
Бабуна во Вардар. Д. Драгојловиќ го толкува еретичкиот апелатив бабун (од бабини, како синоним за малоазиските богомили), што во јужнословенските средини бил пренесен со посредство на сириските еретици, коишто царот Јован Цимиски ги населил во Тракија и во Македонија. Адаптацијата на бабини во бабун, тој ја идентификува токму на просторот на Македонија, во областа на истоимената планина, како значаен центар на богомилската ерес.
 
БОСНА (ХЕРЦЕГОВИНА)
4. ТРЕБИЊЕ Кон крајот на XII и почетокот на XIII век, богомилството продрело и во Босна, а неговите приврзаници овде познати како патарени и кутугери, се појавиле за време на владеењето на банот Кулин (1180-1204). Постојат
контраверзни согледби во врска со идентификацијата на Босанската црква, но сепак во науката преовладуваат мислењата дека таа била дуалистичка институција, која во однос на теолошко-догматските определби имала слични тенденции со богомилството. На овој простор се среќаваме и со еден културен феномен од доменот на материјалната култура, познат како особен вид на надгробни камени споменици, т.н. стеќци, преку кои се согледува едно поврзување со езотеричната доктрина на богомилското и катарското движење. На територијата на Босна постојат две клесарски и уметнички школи: источнохерцеговска и источнобосанска (саркофази, флорални мотиви и сл.). Централна и југозападна Босна претставуваат преодна зона со свои одредени особености. Според статистиката на територијата на Невесиње, Коњиц, Рогатица, Требиње, Столац, Лудмер, Ливно, се најбројните застапени некрополи со стеќци (2000-3000 примероци), а речиси половина од сите натписи датира од овие предели. Особено близината на Требиње со Дубровник, можела да диктира развој на регионот, карактерот на населението и неговата културна и верска улога согласно актуелната општествено-политичка состојба. На мислење сме дека овие околности ја усмеруваат линијата на движење на Тајната книга, како простор кој отварал поволности за нејзина дисперзија и транзиција.
5. МОСТАР Токму во насоката на создавањето на најгустата концентрација на стеќци во Херцеговина и е подрачјето Лиштица (денешен Широки брег) во непосредна близина на Мостар. Во оваа насока е и трасата која можела да се
формира помеѓу Требиње, Билеќа, Столац, Мостар, Имотски и Сплит, како можна трансферзала по која се движела Тајната книга. Пределот на Лиштица според бројот и положбата на некрополите бил доста густо населен, пред и особено во XIV и XV век, иако централни (управни) точки во регионот биле Мокро и Лединац. Се претпоставува дека целиот регион бил населен со одвоени братства, а на територијата на секое братство имало по една или по повеќе некрополи. На овие некрополи се издвојуваат по неколку специјално изработени стеќци, кои најверојатно им припаѓале на старешините на овие братства. На некои некрополи се согледува дури и потесна хиерархија, со прикази на старешините, кметовите и обичното население.
 
ХРВАТСКА-ДАЛМАЦИЈА
6. ИМОТСКИ Во однос на прашањето сврзано со постоење на еретички црковни организации, значаен историски извор претставуваат актите на Катарскиот собор, одржан во 1167 год. во Сан Феликс де Караман, во близината на Тулуз, Франција.  Со овој Собир претседавал папата Никита од Цариград, кој припаѓал на еретичката црква Драговитија, позната по својата строга дуалистичка ориентација. Овде тој зборува за постоење на црквите на Романија (Romanae), Дрогометија (Drogumethiae), Мелингија (Melinguiae), Бугарија (Bulgariea) и на Далмација (Dalmatiae), за кои истакнува дека меѓусебно се поделени и утврдени и дека живеат во мир. Многу веројатно е Тајната книга од Македонија и Босна да стасала до Хрватска (Далмација), од каде се префрлила во Ломбардија како силно средиште на катарените. Токму просторот на Имотска краина, како регион помеѓу реките Цетина и Неретва, ја задржал стратешката и трговската важност низ целиот среден век како важна комуникациска линија во Далматинското залеѓе. Оваа состојба во Имотски може да се следи преку евидентираните некрополи, што претставуваат маркер за демографско-економската и верската состојба во регионот. Преку преодното подрачје на Макарското приморје, Каштели и Трогирска загора каде речиси исклучиво се среќаваат стеќци-плочи со меч и штит, крст и соларно-лунарни симболи, овие знаци од иконографијата продираат во далматинските градови (Омиш, Сплит, Трогир). Тајната книга ја следела оваа комуникациска врска, како линија која во себе вклучува многу подлабока симболика.
7. СПЛИТ
Основањето на Далматинската еретичка црква можело да се одвива на два начина: едниот поради близината на особено силното босанско богомилско средиште, а другиот преку силните трговски врски помеѓу Цариград и Далмација, со Сплит и Трогир како средиште, каде се следи линијата на движење на катарените и дуалистите во периодот на 1250 г. Иако е силно влијанието и на Сплитската надбискупија, која својот примат го обезбедува уште во врeмето на Томислав (почеток на X век) врз основа на историското право, таа ја стеснува својата јурисдикција во текот на XI и XII век, кога се засилува влијанието на унгарската црква и на загребската, задарската и дубровничката надбискупуја. Сепак, Сплит како значаен политички, трговски, дипломатски и комуникациски центар во средновековниот период ја исполнувал улогата на премостувач на производи и религиозно-верски движења од Истокот кон Западот. Преку Сплит, како низ значајна комуникациска раскрсница на Средниот век најверојатно се
пренела пораката на Тајната книга кон западниот свет.
8. КРК
Пред појавата на латинскиот превод, оригиналната јазична провениенција на Тајната книга, нејзиното оригинално глаголско писмо, наишле на поволно тло на островот Крк, каде што се согледува долговековна глаголска традиција. Банот Звонимир во втората половина на 11 век обезбедува стабилна позиција и управа во далматинските градови (бил прогласен за крал во 1075 г. во солинската базилика Св. Петар). Тој го зајакнува бенедиктинското монаштво во самостаните во Далмација. Доказ за тоа е познатиот натпис на Башчанската плоча (околу 1100
год.) од островот Крк, пишуван во 13 реда со глаголско писмо. Во него се наведува дека двајца бенедиктински монаси го основале манастирот на островот Крк, чиј ктитор бил кралот Звонимир. Во периодот на изработка на плочата, Звонимир веќе бил убиен, прогнозирајќи тешки, трагични денови за своите сонародници и долг период на политички (и верски) премрежија. И навистина, во Хрватска, по неговата смрт настапил долг период на немири и метеж, кои не ги исклучуваат и верските превирања. Тајната книга со својата дуалитичка ориентација, го следела текот на
актуелните збвиднувања, а нејзината содржина алудирала на апокалиптичните предвидувања на нејзините современици. Нејзиниот трансфер од островот Крк кон Западот веќе бил подготвен.
 
ИТАЛИЈА
9. ЛОМБАРДИЈА Настанувањето на латинскиот превод се поврзува со мисионерската дејност на епископот Назариј во Ломбардија, која имала за цел проширување на богомилските идеи сред приврзаниците на катаризмот. Бидејќи
Назариј веќе во 1170 г. презентирал дел од нејзините содржини пред слушателите, се претпоставува дека таа била преведена на латински јазик кон средината на XIIвек. Во втората половина на XIII век алузија на Тајната книга наоѓаме кај Рајнер Сакони, кој во 1230 пишувајќи „за катарите и бедниците од Лион“ потенцира дека таа заблуда ја научил од епископот и поголемиот син на бугарската црква – Назариј, пред околу 60 години.
10. КОНКОРЕЦО Во врска со одредницата Конкорецо, како можна точка на минување на Тајната книга, го споменуваме коментарот на италјанскиот теолог и инквизитор Анселмо Александриски во делото Расправата за еретиците, пишувано од 1260 до 1270 г., кој на крајот од Каркасонскиот препис потенцира: „Ова е тајна на еретиците од Конкорецо, полна со заблуди, донесена од Македонија од нивниот епископ Назариј“.
Во поново време Борст утврдил дека во радикално дуалистичката Октицанија кон крајот на 13 век често се јавувале доктрините на старобогомилскиот умерен дуализам и дека италјанските катарски пратеници често ги посетувале своите матични богомилски бискупии на Балканот, што сведочи за нивната интензивна релација и во подоцнежните периоди. А тоа само ја поткрепува релевантноста на идејата за континуиран транфер на идеи во средновековниот период.
 
ФРАНЦИЈА
11. КАРКАСОН – Непобитен доказ за минувањето на Тајната книга низ Каркасон е самиот Каркасонски латински препис. Признавајќи дека катарството во Албија било многу силно помеѓу 1185 и 1227 г. Ели Гриф забележува дека сепак не можеме да заклучиме дека во тие места катарите биле многубројни или надбројни бидејќи нема докази. Засега може само да се создаде релативна слика на катарските бројни сили. Таа гледна точка успешно може да се прошири преку динамичниот преглед на катарските движења од Окцитанија во северна Италија, посебно во Ломбардија, која после падот на Монсегур во 1244 г. станала ветена земја за еретиците. Во втората книга од Инквизиција Жерард споменува ductores hereticorum, како и имиња на луѓето кои тие водичи од Окцитанија преку
приморските Алпи, Ница и Кол де Тенд ги префрлиле до Рокавионеа и од овде во низината Кунеа, познат како “introitis Lombardiae”. Ова е сведоштво за живите и динамични врски на катарите во областите на Окцитанија и Ломбардија.
12. МОНСЕГИР – Во местото Монсегир во 1196 г., 100 години по претпоставеното пишување на Тајната книга, извршено е најголемото погубување на катарите. По наредба на Симон Де Монфор на клада живи биле запалени 3260 катари. Кога го прашале Монфор дали да се запалат сите бидејќи тука има и праведници од цела Европа кои
верувале во вистинскиот Бог, Монфор ја изговорил познатата реченица:

“Палете ги сите, а на небото Господ ќе ги познае праведниците.“

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *