Тајната на Олимпија од Паскал Камбуровски

Каде е гробот на Александар

Италијанскиот историчар и професор Ахиле Адријани, кој како директор на Историскиот музеј на Александрија, цели 30 години додека бил жив вршел истражувања за да ја открие тајната поврзана со гробот на Александар. Но, за жал, не пронашол ништо.

Овие примери ги истакнав со цел да докажам дека многу вистини се пред нас, само ние треба да знаеме како да ги откриеме. Овој одговор го давам и на сите кои ќе сакаат да ме прашат, како ја открив вистината за големата измама на Олимпија.
Да се вратиме пак малку на почетокот и да размислиме: кој прв ја измислил приказната за наводното грабнување на ковчегот од Птоломеј? Како се случило сите досегашни истражувачи, цели два милениуми да се држат за нешто што нема никаква издржлива аргументација дека тоа така се случило? Дали проклетството на Олимпија ги зашеметило мозоците на сите? Како е можно човечкиот интелект до таков степен да затаи?
Ова личи на општо прифатената „вистина“ дека Македонците се дојдени од зад Карпатите во 6 век од нашата ера, а нема никаков доказ или напис за тоа. Кој ги тера луѓето да веруваат во таков апсурд?
Во чиј интерес сето тоа се пласира?
Сите досегашни информации во врска со гробот на Александар, почнуваат со податокот дека ковчегот бил грабнат од Птоломеј и однесен во Египет.
Наметнато е верувањето дека ковчегот на Александар бил однесен најпрвин во Мемфис- светиот град на Египет, а потоа од како е направен мавзолејот на Александар, преместен е во Александрија. Никој не обрнува внимание на античките историчари како Страбон, Диодор, Плутарх и Ариан, кој дословно го премолчуваат овој настан. Диодор дури се спротивставува дека ковчегот било кога бил однесен во Мемфис. Како е можно во време на тривековното владеење на Птоломеите да не напишат ништо за божемниот мавзолеј на Александар? Најстарите записи се на Страбон – грчки историчар и географ кој престојувал во Александрија од 25 до 20 година од старата ера и таму го напишал 17-от том од својата 30-томна „географија“, кој бил во целост посветен на Александрија.
Страбон дава детален опис на Александрија која штотуку била освоена од Римјаните. Според него повеќе од една четвртина од градот бил зафатен со мавзолеите на починатите цареви од династијата Лагиди или Птоломеи. Ги опишува детално сите мавзолеи и заклучува дека таква убавина не може на друго место да се види. Го опишува нивниот сјај, блесокот на мермерите кој зрачи насекаде, така што и во ноќно време можело да се вдене конец во игла. Како е можно Страбон да не напише ниту еден збор за мавзолејот на Александар? Инаку Страбон бил прв што напишал и ја пласирал веста дека златниот ковчег бил претопен од Птоломеј Десетти, но не пишува што станало со телото на Александар. Римскиот историчар и публицист Лукан во 39 година од нашата ера ги опишува посетите на римските императори Цезар и Антониј и тврди дека тие најверојатно му се поклониле на Александар, до толку повеќе што тоа се однесува до Цезар како голем обожавател на Александар.
Римскиот историчар Касиус Дион, коментирајќи ја посетата на Октавијан на Александрија во 30 година од старата ера пишува дека Октавијан ги посетил музеите на Птоломеите и наводно извикал: „Јас не дојдов да гледам трупови, туку дојдов да го видам царот“. Неминовно се наметнува прашањето: за какви трупови станува збор, кога се знае дека сите цареви од лозата Птоломеи по смртта биле кремирани, а урната се ставала во ларнака, односно, златен ковчег. Дион пишува за уште една случка дека Октавијан бил однесен во гробницата на Александар и побарал телото на Александар да биде извлечено од ковчегот за да му ја стави неговата круна, но кога се наведнал да го бакне царот, си го повредил носот што подоцна му отпаднал. И во овој случај се поставува прашањето: од кој ковчег е извлечено телото на Александар кога се знае дека од поодамна бил претопен?
Нема изворни податоци дека гробот на Александар го посетиле Хадријан и Нерон. За Калигула е напишано дека го посетил гробот на Александар и му го одзел градникот и со него парадирал низ Рим, правејќи се Александар. Подоцна римскиот историчар Зенобиј (120 година од нашата ера) се обидел да ја исправи работата и тврди дека во време на владеењето на Птоломеј 4 наречен Филопатер, како голем љубител на татка си (221-204 г. ст. е) направил нов мавзолеј на Александар надвор од ѕидините на градот, на висорамнината Лохос, во близина на светилникот Фарос. Никој од римските писатели не објаснува зошто е направен нов мавзолеј наречен сома (тело) и никој не објаснува зошто светилникот Фарос е прогласен за светско чудо, а не мавзолејот на Александар. Како е можно, ако постоел таков мавзолеј да не биде претставен ниту во една монета, медалјон или во било каков украс?
Во месноста Лохос во поново време како и во самата Александрија се извршени мноштво ископувања, но за жал не се пронајдени никакви докази кои би упатувале на гробот на Александар.
Вреди да се спомене трудот на италијанскиот историчар и професор Ахиле Адријани кој како директор на Историскиот музеј на Александрија, цели 30 години додека бил жив вршел истражувања со цел да ја открие тајната поврзана со гробот на Александар. Но, за жал не пронашол ништо.
извор: НОВА МАКЕДОНИЈА

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *