Тајната на Олимпија од Паскал Камбуровски

Народ што не го признавал ропството

Според Павзаниј, Александар велел: „За нас, Македонците, сите луѓе се раѓаат со исти права за живот. А во рудниците ќе работат престапниците и тие кои не ќе бидат просветлени со сончевата светлина“

Според историчарите (Питер Грин, Бадијан) по враќањето на Александар, тој и забележал на мајка си: „Зарем си морала и неа и ќерката да ги погубиш?“. Значи, Александар ја укорил Олимпија само за тоа што ја погубила Клеопатра и ќерка и, а не затоа што било погубено и синчето на Филип.
Македонските обичаи биле многу сурови кога се работело за мерките што можел да ги презема секој цар за да си го обезбеди своето владеење. Тој имал право да погуби секого кој би претставувал реална опасност за неговиот живот. Да претпоставиме дека ќе останело живо детето на Филип. Тогаш тоа по смртта на Александар би имало 14 години и Собранието на Македонците не би се двоумело при избор на нов цар. Можеме со сигурност да тврдиме дека не би биле избрани за цареви на Македонија ниту хендикепираниот Аридеј, ниту нероденото дете на Александар и Роксана, туку синот на Филип, Керавн. Но, ако продолжиме со претпоставките, тогаш не се знае каква би била судбината на синот на Александар кога по 4 години синот на Филип ќе стапел на должноста македонски цар. Тогаш, можеби, не би дошло до распаѓање на македонското царство, а можеби и Олимпија не би била погубена ако Керавн се покажал великодушен како и татко му.
Никој не може да ја одгатне судбината.
# # #
По заминувањето на Александар во поход против Персиското царство, дел од власта и била доделена на Олимпија. Таа била задолжена да им поднесува жртви на боговите за успех на царот и татковината, да ги организира државните празници, да управува со царскиот двор и царските добра и, покрај Антипатер кој бил назначен за регент, да учествува при донесување важни дипломатски одлуки.
Олимпија уживала почесни привилегии како царица на Македонија. Нејзината статуа била една од петте кои биле изложени во олимпискиот Филипион. Олимпија имала посебни овластувања за снабдувањето на Македонија со жито од Кирена.
Секојдневниот живот во царскиот двор бил скромен. Жените на царското семејство биле зафатени со подготовка на јадења, со ткајачки и кројачки работи, со везење, со хигиената на дворот и други обврски.
Тие немале робови или евнуси, како што било случај во персиските царски дворови. Познато е дека облеката на Александар била подготвувана од сестра му Клеопатра. Облеката на царот требала да биде истакната со квалитетот и колоритот и да се разликува од облеката на генералите (пурпурна, хламида, црвени пердуви на шлемот, сребрен штитник, бел фустан и др.). Исто може да се каже и за облеката на генералите и на војниците. Таа целосно била изработувана од македонски жени.
Тука можеме да се потсетиме и на еден случај што го спомнува Диодор. Имено, Александар кој го имал под своја заштита персиското царско семејство и кое ги користело сите царски привилегии, било сожалувано од негова страна, поради нивното безделништво и неработење. Решил да им ја растресе малку досадата и за таа цел наредил да се доведат од Македонија млади девојки, кои ќе ги научат персиските дворкињи да плетат, везат и кројат. Овој добронамерен гест на Александар, тие го прифатиле како голема навреда, зашто според нивните сфаќања тоа биле работи за робови. Можеме да го замислиме разочарувањето на Александар.
Зачудувачка била македонската филозофија во однос на човекот. Македонците биле единствен народ во светот кои не го признавале ропството.
Пред Александар да тргне во поход, го посетиле во Пела грчки филозофи за да го посоветуваат младиот цар дека без робови не може да гради нов свет. „Кој ќе ги прави патишта?“. „Кој ќе работи во рудниците?“. „Кој ќе гради мостови?“. Го опсипаа Александар со прашања за да го убедат дека светот не може да постои без робови. Не е ни чудно зашто тие биле ученици на големиот грчки филозоф Платон, според кој државата ја сочинувале три принципи: аристократијата, војската и робовите. Според Павзаниј одговорот на Александар бил: „За нас, Македонците, сите луѓе се раѓаат со исти права за живот. А, во рудниците ќе работат престапниците и тие кои не ќе бидат просветлени со сончевата светлина“.
На Грците оваа филозофија им била непозната, зашто Атина, која била населена со 30.000 жители, имала дури 90.000 робови (Бадијан). Александар верувал дека вредноста на човекот не е монопол на Грците, туку дека таа тлее кај секој човек (Аријан).
извор: НОВА МАКЕДОНИЈА

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *