Како во минатото, така и во денешно време, Македонија е посетувана од многу туристи кои поминуваат низ раскрсницата на Балканот, од патници кои допрва ги истражуваат овие краишта од светот, од туристи кои се во потрага по културен и духовен туризам.
Дефинирањето на туризмот е различно во различни учебници, книги, научни трудови и зависи од изворите на литература кои се користат, но и од намерата поради која се прави обид за дефинирање на туризмот. На светско ниво, сѐ уште не постои консензус за дефиницијата на туризмот, и скоро секоја институција го дефинира на различен начин. Светската туристичка организација при Обединетите Нации го има објавено следното толкување:„Туризмот е збир на активности, услуги и индустрии коишто доставуваат патувачко искуство, кое вклучува: транспорт, сместување, храна и пијалоци, продавници, забавни активности и други туристички услуги за индивидуи или групи коишто патуваат надвор од својот дом.“Гелднер го дефинира туризмот како „збир од феномени и врски коишто се раѓаат од интеракцијата на туристите, фирмите, домаќинските институции и домашните заедници во процесот на привлекување и сместување на туристи и други посетители“. Затоа што не секое патување претставува туризам, за патувањето да е дел од туризмот, треба да вклучува посета надвор од вообичаената околина, да има намера и времетраење. Туризмот и патувањето се нераскинливи, па така и најобично патување може да се трансформира во туристичка посета. Патувањата и туризмот се едни од најголемите генератори на вработувања и инвестиции, и основна движечка сила за економски раст и развој. Патувањето и туризмот генерираат една од единаесет работни позиции на светско ниво и се одговорни за една третина од светскиот извоз на услуги. Преку директно, индиректно и индуцирано влијание, патувањата и туризмот стигаат до една десетина од светскиот БДП, што ги прави витален учесник во светскиот развој, овозможувајќи градење на уникатна улога во градењето на силен, издржлив и балансиран глобален развој. Создавањето на работни места преку креирање на издржлив туризам и пристојни работни позиции, ја овозможуваат потребната стабилност и безбедност за подобар живот на населението.Побарувачката за геоиздржлив и екотуризам од искусните и свесни туристи, предизвикува подигање на свеста за природните ресурси, културното наследство и квалитетот на живот на луѓето на целата планета Земја. Пазарот е жив сведок дека потрошувачите се тие кои ја дефинираат побарувачката, ги поставуваат основите за идните промени, влијаат на трендовите, а во 21 век модерните технологии, заедно со културното наследство и природните ресурси се основни столбови на побарувачката на потрошувачот, дури и туристот на 21 век.Туризмот е економски механизам кој има огромен потенцијал за развивање на издржлив развој во земјите кои се развиваат, особено во земјите со низок степен на развој и раст. Иако неговите корени лежат во често непланирани практики за истражување и откривање, неговата иднина лежи во високо структурирано и добро планирано и менаџирано извршување. Туризмот е многу повеќе од индустрија, тој претставува различен, мултидимензионален синџир на достава низ различни сектори. Изгледа едноставен, но всушност е многу сложен, а неговиот успех зависи од тоа на какви основи се поставени и поврзани издржливите системи и локалните заедници. Светската туристичка организација потврдува дека фокусот е врз осигурување дека се овозможени услови за да локалните производители и доставувачи на продукти и услуги ќе можат да го снабдуваат туристичкиот оператор. Се бараат вештини за развој на локалното вработување и развој, поврзување на домашната култура, создавање на иновативни и издржливи практики за долгорочна стабилност и позитивен исход не само за економијата, туку и за животната средина.
***
На територијата каде што се наоѓа денешната Република Македонија, уште од дамнешни времиња поминувале, доаѓале, останувале разни патници намерници, буквално од сите краишта на светот. Патеписците во своите написи ги поставиле основите на денешната туристичка географија како научна дисциплина. Трговците, во потрага по нови пазари за снабдување и продавање, практикувале бизнис-туризам уште пред нашата ера. Оваа земја била посетувана, е посетувана, и допрва ќе го привлече вниманието на многу патници и туристи од целиот свет. Географската положба, климатските услови, природните ресурси и културното наследство се концентрирани на една навидум мала територија, Република во која можат да се посетат места коишто се ретки не само во регионот, туку и во целиот свет.Како во минатото, така и во денешно време, Македонија е посетувана од многу туристи кои поминуваат низ раскрсницата на Балканот, од патници кои допрва ги истражуваат овие краишта од светот, од туристи кои се во потрага по културен и духовен туризам, до луѓе кои практикуваат рекреативен туризам, но и такви кои го проучуваат и истражуваат нашето културно наследство и природните ресурси со коишто располагаме. Поради младоста на државата и малото искуство во начинот на управување, туристичката понуда како дел од административниот систем, изразена преку преплетеност на институции и приватен сектор, заостанува зад она што навистина се бара на пазарот од активните туристи, чиишто интереси ги оформуваат трендовите во туризмот и патувањата. Сѐ уште се работи на нацрт-стратегии, планови и агенди за развој, промоција и проширување на видовите на туризам во Република Македонија, но сведочиме и на зголемен број на активности од физички лица и граѓански здруженија, кои со своето делување во одредени делови од РМ допринесуваат за развој на туризмот. Забележливи се и промени во здравствениот и бизнис-туризмот во Република Македонија, иако засега само во регионите коишто се близу до границите. Сè повеќе се забележува присуството на многу домашни, но и странски туристи на многуте искачувања на планини, пешачења во природа, посети на природни реткости и културни знаменитости, но и развој на „екстремниот“ туризам. Истовремено, комерцијалната понуда со својата сложеност и недоволна промоција, односно недостиг на соодветно претставување и прикажување, заостанува зад вистинските побарувања од „свесните“ туристи, што како држава нè прави дестинација која допрва треба да се зачувува, стабилизира и развива. Недостига и вклученост на официјалните институции за поттикнување на организација на манифестации од домашен и меѓународен карактер, кои секогаш можат да допринесат за развој на туризмот и промоцијата на истиот. Промоцијата на Македонија како туристичка дестинација со посебни карактеристики, различни од било што во светот, на начин како што тоа го прават поголемите земји и пазари, допринесе за развој на туристичкиот пазар и понуда, но се покажа дека промотивните активности без реална поткрепа од моменталната ситуација и состојба во којашто се наоѓаат природните ресурси и културното наследство, на долгорочен план создаваат нови предизвици со кои под итно треба да се соочиме. Тоа се заштитата на објектите коишто се културно наследство, издржливо управување на истите, но и на природните ресурси, научни истражувања за природните реткости, пронаоѓање на модели и начини преку кои би можел да се развие издржлив туризам во Република Македонија. Демографските процеси и миграцијата допринесоа за отварање на нови можности на туристичкиот пазар, па така веќе може да се избира помеѓу напуштени села и региони со посебни природни карактеристики, а зачувувањето на поврзаноста помеѓу локалното население и културното наследство може да допринесе до развој на издржлив туризам во блиска иднина.Според официјалните документи од државните институции, стратегиите и проектите за развој на туризмот во РМ, како и меѓуграничните соработки за истата цел, може да се забележи дека во 21 век се прават обиди и напори за развој на туризмот во Република Македонија. Реалната ситуација покажува дека и покрај сите обиди, стратегии, планови и проекти за развој, надградување и проширување на туристичката понуда, како и поврзување на туризмот со традицијата на населението и културното наследство, резултатите изостануваат. Според моите досегашни истражувања, успеав да заклучам дека туристичката понуда во Македонија е далеку зад својот вистински потенцијал, затоа што додека институциите на системот и учесниците во пазарот да се адаптираат на светските трендови, побарувачката на различни туристички понуди од комерцијалните на големиот пазар расте, а со тоа заостануваме зад брзите промени во трендовите и побарувањата. Она што секогаш е на цена кај искусните туристи, е културниот туризам поврзан со традицијата на локалното население на туристичката дестинација, неговите обичаи, видови на храна, начин на живеење, прославување и слично. Затоа што изобилуваме со потенцијални дестинации за најмодерен вид на туризам – враќање кон природата и вистинските вредности, наместо луксуз и „модерни дестинации“. Со својата релативно мала површина, природни карактеристики и географска поставеност, Република Македонија може да прерасне во држава во која не само што ќе се произведува органско производство и разумно ќе се употребуваат природните ресурси, туку и ќе се развие туризам кој ќе претставува спој на најсовремените технологии, најновите достигнувања на економските науки и човечката свест, изразена преку „свесните туристи“ и „свесните домаќини“. Земјава ја посетуваат секаков вид на туристи, но забележливо е сѐ поголемо присуство на посетители од сите краишта на светот, кои се во потрага по македонската традиција, културните знаменитости, природните реткости, автентичната храна и прекрасните македонски пејсажи. Имаме предност пред останатите од соседството заради големината на нашата земја, но и поради тоа што иако сме при крај на втората деценија од 21 век, кај нас сѐ уште се чуваат старите рецепти, семенски сорти, народни носии, се практикуваат традиционални обичаи, и во Република Македонија сѐ уште живее митот и битот на народот, кој се чува со векови, ако не и милениуми. Туристите со развиена свест за значењето на чувањето на планетата Земја, како и одржувањето во живот на културните вредности на различните народи, се во постојана потрага за нови искуства преку кои ќе се запознаат со автентични приказни, убави региони и автохтона храна и пијалаци. Република Македонија го има огромниот потенцијал за развој на туризам кој би бил поразличен од комерцијалниот, што ќе придонесе не само за развој на економијата, туку и за ширење на културата и традициите на нашиот народ.
***
На сите континенти на планетата Земја постојат локации кои ги привлекуваат луѓето кои не живеат во тие предели да ги посетуваат местата по своја сопствена организација, аранжман, односно по лично планирање. Културниот туризам опфаќа посети на библиотеки, музеи, згради кои се културно наследство, култни места, археолошки локалитети, места на живеење на луѓе заслужни во различни дејности, историски места, води, планини, пештери, и што ли уште не. Човекот отсекогаш имал, ќе има, а во 21 век е засилена потребата да си создава услови за т.н. авантура, односно доживување и преживување на искуства кои благопријатно влијаат на неговата психа и целиот организам. Постоењето на локации и градби каде се случиле одредени настани во минатото, или живееле различни цивилизации, дури и места на кои се војувало, но и примери на места кои ги чуваат сеќавањата од дамнешните љубови, се причина за туристите од блиската околина, но и од далечни земји, да ги посетуваат тие споменици на културата. Културниот туризам опфаќа многу области и може да биде, како што е и во научната литература, дефиниран на повеќе начини. Искуството на туристот на 21 век е многу поважно отколку условите според општоприфатените норми за туристички патувања и посети, што е нераскинливо поврзано со еволуцијата на научната дисциплина маркетинг во новиот век.Како што напредува туристичката понуда и овозможувањето на услови според највисоките норми и стандарди на пазарот, така расте и побарувачката за туристички престој на егзотични и мистични места, буквално низ целиот свет. Примери за истото гледаме на сите континенти, манифестирани преку различниот вид на туризам, па така во Австралија и Нов Зеланд посетите на локации каде се снимени големи филмови, но и на природни убавини и локации каде што живеат домородни луѓе. Во Африка, исто така, посетата на старите рудници е зачестена желба како дестинација на многу туристи, а големите пирамиди на неколку континенти, како и стари храмови, но и реткости на природата, се причина за многу туристи да пронаоѓаат начини за посета, иако сепак пазарот сведочи дека понудата секогаш заостанува зад побарувачката. Затоа што големите пазарни периоди, дури и посебни моменти во годината кога туристичката побарувачка е највисока, преовладуваат на начинот на моделирање на понудата на пазарот, која во таков случај станува зависна од високите стандарди на туризмот. Од друга страна, побарувачката за културен, дури и духовен, односно спиритуален туризам влијае на зголемување на вредноста и на понудата на такви дестинации – овозможување на организирани патувања кои иако не се дел од големата слика на туристичкиот пазар, со својата сложеност но и едноставност, затоа што најчесто се оформени според природниот човечки код за спознавање на непознатото, што ги прави вреднувани на скали различни од општата комерцијална побарувачка. Така, вредноста на различниот вид на туризам, кој е поврзан со човечката свест и цела природа, постојано расте, а местата кои се определуваат како природни реткости, знаменитости, свети и сакрални добиваат на значење. Еволуцијата на туристот предизвикува и промени на пазарот, за што сведочат сè почестите различни и разновидни понуди за туристички патувања и посети.Како што се развива човекот, во зависност од тенденциите на глобално ниво, најчесто пресметани според стандардите и условите на најголемите пазари, така се менува и општеството и побарувачката на потрошувачите за нови продукти и услуги. Праволиниски, понекогаш иако ретко и побрзо од развојот на свеста на потрошувачот, се развива и научната дисциплина маркетинг, а со тоа и начинот на промоција, односно претставување и прикажување на постоечките продукти и услуги. Животот на човечката цивилизација, кој постојано еволуира со целиот свет во кој живее, најмногу заради развојот на технологијата, има причинето промени и во научната дисциплина маркетинг. Маркетингот е жива наука, која се развива во чекор со општествениот и технолошкиот развој, но и со развојот на човечкото битие. Светските авторитети веќе потврдуваат дека научната дисциплина маркетинг веќе премина кон својата нова ера, започна периодот на Маркетинг 3.0. Старата ера, идентификувана како Маркетинг 1.0. е концентрирана само на продуктот и опстојувала во периодот кога потрошувачите и немале многу услови за да ги споредат различните понуди и цени. Откако започнало набљудувањето на клиентот како дополнување на продажбата на продуктите, маркетингот се развил во својата 2.0 верзија, која е концентрирана на грижата за клиентите и одржување на стабилна врска на компанијата со потенцијалните потрошувачи. Со развојот на општеството и технологијата и потенцирањето на опасноста од уништување на природните ресурси на нашиот заеднички дом – планетата Земја, веќе се појавува и нов маркетинг кој клиентите ги гледа не како потрошувачи, туку како целосни човечки битија кои имаат срце, ум и дух. Маркетингот на туристичките дестинации, особено на локациите, местата и регионите кои ги предизвикуваат потрошувачите на културен, но и духовен туризам еволуира според побарувачката, но и се развива под влијание на спознавањето како на нови знаења, така и на нови технологии, но и начини за презентирање на постоечките дестинации пред потенцијалните посетители. Па така, самите туристи многу често можат да избираат рути, односно патеки на движење, комбинации на места, храна, услови, и што ли уште не. Едноставноста на сложената понуда е приемчива затоа што новите технологии се „user friendly“, што е навистина потребно за туристот од 21 век.
***
Побарувачката за можности за посета на дестинации кои не се посетувани од многу туристи и најчесто ја имаат зачувано својата културна автохтоност, уникатна традиција и овозможуваат увид во природните ресурси и културното наследство, расте правопропорционално со зголемувањето на искуството на туристите. Источниот дел од Република Македонија ги има сите потребни услови за привлекување на многу поголем број на туристи од постоечкиот, преку активно вклучување на институциите и заедниците со цел развој на издржлив и еколошки туризам. Културното наследство и природните ресурси со коишто располага целата држава, а и во овој регион се зачувани преку многу повеќе усни преданија и живи традиции, дополнети со многуте видливи археолошки локалитети, споменици коишто претставуваат културно наследство, живиот бит и мит на македонската култура, заедно со архитектонскиот континуиутет и живеење на луѓе на овие простори, сѐ и повеќе од доволни за да се употребат како туристички ресурси кои можат да го раздвижат регионот. Многубројните митови, легенди и преданија, како и извори од стари книги чекаат на достојно претставување и прикажување не само преку најмодерниот медиум – интернетот, туку и во публикации, списанија, брошури и книги. Релативно малата оддалеченост на Кумановскиот, Кратовскиот, Штипскиот, Велешкиот и неколку други региони од Овчеполската Котлина ја прават центар на идниот туризам во Македонија, земјата каде што се пресекуваат Балканските патишта. Транзитноста треба да биде употребена во корист на заедниците каде што поминува и да биде еден од основните сегменти на развој на дел од општините во Република Македонија.Овозможувањето на услови за различните видови на туризам коишто се наведени во овој труд може да биде извршено и преку разумно менаџирање на постоечките ресурси, за почеток дури и без многу финансиски средства, користејќи ги сегашните услови и состојби во Овчеполието. Разновидноста на туристички локации, дури и атракции, сместени во котлината, ја прави Овчеполската Котлина идна дестинација за туристите со висока свест за културното наследство и природните ресурси. Подигањето на свеста за значењето на овој регион, како и организирањето на стручни тимови за работа на научни истражувања, маркетинг-стратегии и менаџмент-планови и прогнози за иднина, се неопходни во било каков иден стратегиски план за раст и развој на општините во регионот.
***М-р Никола Ристевски
www.nikolaristevski.com
Делови од „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, 2017 година.