избор

Мотивот за самовилите во народниот фолклор

Самовилите во македонскиот фолклор премногу потсетуваат на античките менади и нимфи!
Нашиот познат толкувач на тајниот говор на поезијата Душко Наневски се чини ус-пеал длабоко да навлезе во тајната на мотивот за самовилите. Откако ги изнесува нивните општи карактеристики и откако потсетува дека самовилите можат да бидат “горски, езерски или прекуморски”, како и дека во нашиот фолклор се среќаваат под различни имиња, какви што се: самодиви, самовили, јуди или стии, тој открива дека тие всушност претставуваат симбол на нескротливата лична човекова слобода. Понекогаш дури ни мајчинството не може да го задржи нивниот порив кон својата слобода. Во врска со ова Наневски констатира:
“Македонските песни сведочат дека самовилите остануваат во својот елемент и над мајчинскиот биомотив, над се волшебници на љубовната игра кои, во занес, ги забораваат дури и родените деца”. (Душко Наневски: “Раѓање на метафората”, Скопје, 1982, с. 39).
Од друга страна, Наневски ја потенцира и јаловоста (неплодноста) од самовилскиот начин на живеење, исполнет со постојани песни, танци и секаков вид забава. Тој смета дека “самовилата со својата игра е симбол на неплодноста.” (Душко Наневски, цит. дело, стр. 42).
Ако се споредат особините на самовилите со особините на одделни ликови од античката митологија (конкретно со ликовите на менадите, нимфите, па и на ериниите) ќе се согледаат забележителни сличности. СЛИЧНОСТИ ПОМЕЃУ САМОВИЛИТЕ, МЕНАДИТЕ И НИМФИТЕ
Најнапред да ги разгледаме сличностите помеѓу самовилите и менадите. На оваа тема, д-р Марко Китевски наведува податок дека српскиот истражувач Милоје Васиќ објавил труд под наслов “Дионис и наш фолклор” (САНУ, Белград 1954, стр. 146) во кој пишува дека самовилите се развиле токму од митолошките ликови на менадите. Слично смета и Зечевиќ, кој тврди дека е можно верувањата во самовилите да се измешани со верувањата на староседелците на Балканот. (Марко Китевски “Прилози за македонскиот фолклор”, Култура, Скопје, 1989, стр. 9).
Во врска со особините на античките менади (исто така млади жени чиј култ бил длабоко почитуван од античките Македонци затоа што менадите биле придружнички на бригиско-македонскиот бог Дионис) еминентниот познавач на античката митологија Карлос Парада пишува:
“За менадите се сметало дека биле во состојба да прават чуда… Нивното свирење и танцување не можело да биде сопрено од никого, затоа што музите биле лути секому што ќе се обидел да ги смири и сопре овие божествени жени. Тие биле познати и по тоа што биле многу сурови кон непријателите на богот (Дионис, з.м.) што го обожувале…”. (Карлос Парада, цит. дело, наслов Пентхеус 1).
Парада наведува и други особини на менадите, запишани низ античките легенди. Тие војувале против непријателите на Дионис, не можеле да бидат ранети со оружје, уништувале градови и слично.
Понатаму Парада пишува:
“Меѓу нив имало неколку кои ги оставиле своите новородени деца и си ги изеле градите. Тие носеле венци направени од бршлен и лисје од даб. На местото каде некоја од нив ќе удрела со својот тирс (еден вид маѓепсан стап, з.м.) се појавувал извор со вино. А кога гребнувале по земјата со прстите се појавувале извори од млеко, додека од нивниот тирс течел мед.” (Карлос Парада, цит. дело, наслов Пентхеус 1).
Од сето ова гледаме дека и самовилите и менадите се убави млади жени, кои главно живеат во групи.
И едните и другите животот го минувале во пеење и танцување, но и едните и другите правеле чуда, а знаеле да бидат и сурови кон луѓето.
Сепак, најсуштествената сличност помеѓу нив е љубовта кон безграничната слобода. Оваа слобода одела до таму што дури ни мајчинството не можело да ги задржи на едно место. Во една од наведените македонски народни песни видовме дека самовилата, откако се ослободила и побегнала, не сакала да се врати дури ни по своето дете кое плачело, затоа што била занесена во песната и играта. Зарем не е ист случајот со описот на менадите од Карлос Парада кој вели дека “меѓу нив имало неколку кои ги оставиле своите новородени деца.”? Практично и менадите ги оставиле своите деца токму за да продолжат во својата бескрајна игра и забава.
Некаде сличноста помеѓу менадите и самовилите оди дури и во детали. За менадите видовме дека имале моќ со своите тирсови да пуштаат извори со вино. Токму истиот детал го имаме и во песната за Марко и самовилата во која Марко, откако ја заробил самовилата, ја натерал да ги пушти изворите со вода. Значи и овде станува збор за нивна заедничка особина. И менадите и самовилите имале моќ од сувата земја да пуштаат извори (без разлика што едните биле со вино, т.е. млеко, а другите со вода).
Во македонските народни умотворби спомнати се и неколку имиња на самовили. Интересно е тоа што името на една од нив било Ѓурѓа. Речиси исто име носела и една од менадите (Gorge), која го придружувала Дионис за време на неговиот престој во Индија (Nonnus, 29.266).
Но, самовилите имаат допирни точки и со античките нимфи. Веќе потсетивме на фактот дека самовилите во македонскиот фолкор можеле да бидат: “горски, езерски и прекуморски”. Слично е и со нимфите. Во врска со нивните особини Карлос Парада пишува дека нимфите биле “женски духови на природата”.
Во продолжение тој пишува дека постоеле различни видови нимфи: ореади (горски нимфи), дријади (нимфи на дабовите), хамадријади (нимфи на дрвјата), нијади (водени нимфи) и други. (Карлос Парада, цит. дело, наслов Nymphs).
Во врска со особините на нимфите Карлос Парада пишува:
“Нимфите можат да бидат сурови во нивната љубов, што се докажува со киднапирањето на Хил (Hylas) или со убиството на Химн (Hymnus) од нивна страна. Тие имале натприродна моќ да ги претвораат работите од една во друга форма. Така, на пример, истиот тој Хил бил претворен во ехо, додека некои жени биле претворени во нимфи од страна на самите нимфи.” (Карлос Парада, цит. дело, наслов Nymphs).
И овде се забележува сличноста помеѓу самовилите и нимфите. Некои од античките нимфи видовме дека живееле во вода. Ист е случајот и со некои самовили во македонскиот фолклор (на пример, во песната под наслов “Ангелина и морска самовила”, која е под реден број 7 во Зборникот на Миладиновци).
Понатаму, заеднички сегмент помеѓу нимфите и самовилите е и суровоста што ја покажувале во љубовта. Нимфата Дриопа на прв поглед се вљубила во убавецот Хил кога тој случајно дошол да полни вода од изворот крај кој нимфите танцувале. Кога тој се наведнал над изворот, нимфата Дриопа го повлекла во водата. Подоцна неговиот другар Херакле насекаде го барал, а нимфите го престориле Хил во ехо, плашејќи се дека ќе им биде одземен.
Речиси ист е случајот и во споменатата песна “Ангелина и морска самовила”. Овде самовилата го љубела братот на Ангелина, но откако Ангелина се спротивставила на оваа љубов, самовилата го отепала.
Како израз на ваквата суровост се вклопува и киднапирањето. Нимфата Дриопа го киднапирала Хил, а во песната “Оро ми играле триста самовили, Ѓурѓа самовила го киднапирала Димо и го однела на врвот на планината за да им свири на самовилите.
Конечно и самовилите имале моќ да ги престоруваат работите од еден во друг облик, исто како што правеле и нимфите. За нимфите видовме дека го престориле Хил во ехо. Сличен случај се среќава и во македонската народна приказна под наслов “За самовилите што го умреа момчето” во која самовилите го престориле момчето во камен, затоа што тоа не одговорило позитивно на нивната љубов.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *