Коментари

МОЈОТ ИДЕНТИТЕТ (1) Kрај на лудилото

МОЈОТ ИДЕНТИТЕТ (1)
Kрај на лудилото
Kларенс: Не разбираш ли Џорџ? Тоа е зашто ти не се роди.
Џорџ: Ако не сум се родил, тогаш кој сум јас?
Kларенс: Ти си никој. Ти немаш идентитет.
Џорџ: Kако мислиш немам идентитет? Јас се викам Џорџ Бејли!
Kларенс: Не постои Џорџ Бејли. Немаш документи, немаш лична карта, немаш возачка дозвола…
Споменатиов дијалог е извадок од американскиот филм „Животот е прекрасен“ од 1946 година, во кој се појавува американската филмска легенда Џими Стјуарт. Во филмот ликот на Џими Стјуарт, Џорџ Бејли, е сопственик на мала банка во измислениот град Бедфорд Фолс. Тој ја презел банката од татка си и неговата намера била по дипломирањето да го напушти малото гратче, да го види светот, а потоа да направи нешто големо од својот живот.
Но, како што обично бива, домашниот есап не излегува на пазар. Еден настан водел кон друг и годините минувале. Џорџ се оженил, добил деца и станал дел од заедницата. Банката останала мала, но била камен-темелник на заедницата; луѓето зависеле од неа.
На другата страна од градот живеел господин Потер, најзлобниот, најлошиот и најбогат човек во градот. Тој поседувал речиси с`, но не и малата банка. Преку серија настани банката речиси е доведена пред банкрот и Џорџ доаѓа во ситуација да посака никогаш да не се родел; всушност, тој размислува да се фрли од мостот во студената брза вода во реката. И се помолил. Бог му ја услишил молитвата и му го испратил ангелот-чувар Kларенс да се грижи за него. Молитвата на Џорџ била услишена – му била дадена можност да искуси каков би бил животот во Бедфорд Фолс кога Џорџ не би бил роден. Исходот на филмот е дека Џорџ сфаќа колку богат му бил животот откако видел каков би бил светот кога тој не би се родил.
Ова е долг вовед кон мојата поента: за да имаме идентитет, сите ние мора првин да се родиме. И бидејќи сите индивидуи се родени во држава (или ако се родени во воздух или на вода, се поврзуваат со некоја држава) тие се родени со неколку идентитети. Прво, тука е машкиот или женскиот идентитет, определен долго пред раѓањето. Потоа, родителите им даваат име (лично име и презиме). Потоа, бидејќи е родено во држава, новороденчето го презема идентитетот на државата, кој општо земено е исто така и идентитет на неговите родители. Ова ме води кон неодамнешната посета на амбасадорот на ОН, Нимиц. Според медиумските извештаи, тој изјавил:
„Еве како јас гледам на работите. Според Резолуцијата на ОН, во прашање е името на државата што се користи во ОН и во други контексти. Не постои резолуција на ОН за идентитетот на луѓето. Луѓето во оваа држава имаат сопствен идентитет и тие самите се дефинираат. Тука не станува збор за идентитетот на луѓето, туку за името на државата“.
Токму тука и лежи проблемот: идентитетот произлегува од името. Тие две работи се меѓусебно поврзани. Така било отсекогаш и ќе биде засекогаш. Не познавам држава во која работите не функционираат така.
Во нашиот филм „Името е име“, Иван од средното училиште „Никола Kарев“ во Скопје тоа го сумира на следниот начин:
„Токму името Македонија го определува македонскиот јазик, нашата националност и с` друго поврзано со идентитетот. Без името ќе немаме за што да се бориме бидејќи името е основата и доаѓа со с` што е карактеристично за една нација“.
Амбасадорот Нимиц е добар човек и искусен дипломат. Но како и многумина други, и тој или одбива да го признае очигледното или е слеп за она што самото по себе се подразбира. Не постои друго објаснување. Верувам дека амбасадорот Нимиц признава дека е во невозможна ситуација. И верувам дека и другите во ЕУ и во НАТО веруваат дека се во невозможна ситуација. Еве што вели генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен:
„Потребна ни е поддршката од Грција за да испратиме покана во Скопје. Тоа е тоа. Јас сфаќам дека Грција не сака таа покана да биде испратена с` додека не се најде заеднички прифатливо решение за името. Оваа одлука ја донесовме во Букурешт во 2008 година и таа е се` уште на сила.“
Верувам дека Расмусен сфаќа оти тоа што го кажува е глупаво, бескорисно и безнадежно. Алберт Ајнштајн во една пригода саркастично дофрлил дека дефиниција за лудило е постојано да се прави истото нешто и да се очекуваат различни резултати. Според тоа, целата игра околу името е лудост.
Потребен ни е нов почеток. Името и идентитетот се неделиви. Ако силите во ЕУ, НАТО и во оние малку земји што се премногу луди за да ја признаат Македонија под уставното име инсистираат на верувањето дека името и идентитетот се две различни работи, тогаш можеби е време да се прекинат овие безуспешни преговори. Притиснете со реформите, продолжете да привлекувате директни странски инвестиции, останете на курсот со кој му помагате на НАТО итн., но ставете му крај на лудилото. Што е доста, доста е. Со членството во НАТО и во ЕУ не почнува се` и не завршува с` како што велат нивните лидери. И не вреди да тргувате со вашиот идентитет за да бидете примени во клубови што секој ден имаат се` помалку и помалку вредности.
Џејсон Мико, Авторот е менаџер за односи со јавноста од Аризона (САД), и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во Југоисточна Европа
Извор: ДНЕВНИК

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *