Вести

МАСЛЕНИЦА 2021 – прва книга за Свети Николе на руски јазик

И оваа година во Свети Николе ќе се одржи одбележувањето на рускиот празник Масленица со соодветен настан, кој го организира Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ од Свети Николе. Масленица претставува традиционално испраќање на зимата и дочекување на пролетта, и е еден од највеселите руски празници. Впечатлив обичај од руската традиција за празнувањето на Масленица е палењето на сламена кукла, која ја симболизира старата година. Меѓународниот Славјански Универзитет годинава го организира настанот за Масленица по 13ти пат. Во сабота, на 13 март 2021, во 3Д киното Киноверзум во Свети Николе ќе биде прикажан рускиот филм „Стрељцов“, во просториите на Меѓународниот Славјански Универзитет ќе бидат промовирани две книги, најавен е мал базар на ракотворби, а во дворот на Универзитетот традиционално повторно ќе биде запалена стара сламена кукла.

Настанот е во организација на МСУ, Институтот за култура и уметност при МСУ, Амбасадата на Руската Федерација, Сојузот на здруженија за македонско-руско пријателство, Меѓународен центар за славјанска просвета и Здружението на студенти при МСУ.

Изданијата кои ќе бидат промовирани се „20 години од здружението на руски сонародници Чајка“ и „Свети-Николе – главное поселение Овчепольской котловины”, прва книга за градот Свети Николе на руски јазик. Автор на книгата е м-р Никола Ристевски, чие што 12то издание е преведено на руски јазик од Костадин Голаков.  По објавените 11 книги во изминатите четири години, со ова издание Ристевски го започнува новиот циклус на публикации, во кои Свети Николе и Овче Поле ќе бидат претставени и на руски и англиски јазик.

Масленица или руска Прочка претставува славење на новиот живот, будење на природата, доаѓање на сончевата топлина. На трпезата традиционално има руски палачинки кои го претставуваат сонцето, а од тој ден во православниот свет започнуваат постите како најава за големиот христијански празника Велигден.

Настанот ќе биде одржан според соодветните протоколи за заштита, а присуството ќе биде ограничено. Масленица 2021 започнува од 12 часот на пладне во сабота на 13 март во Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе. Поради вонредната ситуација и ограниченото присуство, се очекува видео запис од настанот за заинтересираната публика.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.