изборПревземено

Македонските масони се бранат со молчење

Не се обидувајте да дознаете кои се членови на масонската ложа во Македонија бидејќи тоа нема никој да ви го каже. Припадноста на ложата подразбира тајност, изјави вчера познат македонски банкар чие име деновиве беше спомнувано со имињата на повеќемина други познати личности што биле членови на Големата ложа на Македонија, која во иднина ќе функционира како дел од Братство на слободни ѕидари.
– Ниту потврдувам ниту демантирам. Тоа е организација што има свои цели, но членовите не се фалат со членството во неа – вели банкарот.
Познат македонски неврохирург, чие име се спомнува меѓу присутните на основачкиот собир во скопскиот хотел “Александар палас”, вчера демантира дека е член на ложата. Тој не прифаќа да се спомнува неговото име.
– Во хотелот бев само на кафе, а сите други приказни се производ на чаршијата – изјави тој.
Во јавноста се шпекулира дека меѓу присутните биле и еден познат писател, сопственик на фармацевтска компанија, еден научник… Се уште не се знае колку членови има македонската ложа, која се формира десетина години по првите најави дека и во Македонија ќе се формира таквото здружение на граѓани. Во 1993 година Зоран Ненезиќ, тогашниот Големиот мајстор на масонската ложа на тогашната Југославија, најави дека “за една година ќе биде формирана Македонска масонска ложа”. Тој тогаш најави дека основањето ќе се направи со помош на Југословенската и Бугарската масонска ложа, а дека и Грчката ложа најавила оти сака да учествува во тоа создавање.
Но, наспроти таквите најави, сега првпат се случува официјална промоција на масонската ложа во Македонија под патронството на Обединетата голема ложа на Англија (УГЛЕ). Одлуката и во Македонија да се формира масонска ложа, била донесена на последниот годишен конгрес на светските масонски организации. Во извештајот од Конгресот, во точката “разни информации” е посочено дека Обединетата голема ложа ја објавила намерата “на 1 октомври да формира свој разгранок во Македонија”. Во неа се вели дека “македонската ложа ќе биде составена од веќе признаени масони од Обединетата голема масонска ложа на Англија”.
На 14 септември годинава вториот човек во англиската ложа Спенсер Даглас Дејвид Комптон со писмо ги известил претставниците на светските масонски организации дека на 1 октомври со голема делегација ќе замине за Скопје за да присуствува на основачкиот собир.
До обновувањето на масонската ложа во Македонија не доаѓа случајно со оглед на долгата традиција на присуството на вакви организации и братства на овие простори. Според историски сознанија, една од највлијателните масонски ложи во Европа, Истанбулската ложа, била формирана токму во Македонија во периодот на Младотурската револуција. Изминативе децении постоењето и дејноста на масонските ложи биле квалификувани во негативен контекст, во што особено предничиле црковните кругови.

Професор од Правниот факултет во Скопје, кој сака да остане анонимен, вели дека не треба да се страхува од формирањето вакви организации.
– Тоа се во основа хуманитарни, полутајни организации, чие влијание во општеството не треба да се преценува. Случајот со соседните земји покажува дека ако тие имаа некое големо влијание, тие земји немаше да имаат толку проблеми. Тие немаат таква моќ каква што им се припишува. Едноставно, тие се дел од цивилното општество – смета овој професор.
Постојат две главни теории за потеклото на масонството. Според првата, мајсторите-каменоресци што ги граделе големите катедрали и замоци имале свои ложи во кои разговарале за своите проблеми и договори. Втората теорија вели дека во почетокот на 17 век една група луѓе се организирале за да ги унапредат религиозната и политичката толеранција и да изградат подобар свет. Големата ложа на Англија има 8.644 ложи секаде во светот и околу пет милиони члена.
Дневник 18 март 2006

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *