Македонија

Македонскиот национален сепаратизам

Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г. Во крајот на 1889 год. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега.

Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави – ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со сви сопствени сили и средства слобода и со тоа да го предупредат дележот на Македонија.
По нивна иницијатива во почетокот на деведесетите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”. Но тоа духовно движење на Македонците не и’ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што паминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите.
Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија. Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафов и другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација.
Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија.
Играта одиграна од нив имаше позитивни и негативни резултати. Меѓу првите треба да се однесат:
1/ Македонците со своето обединување за преследување на интересите на својата татковина станаа важен фактор што навидум влезе во сојуз со бугарскиот народ и со сите негови официјални претставници за достигнување навидумни општобугарски интереси во Македонија, а всушност со тоа го направи бугарскиот народ и неговите официјални претставници и установи орудија за свои сопствени чисто македонски цели и интереси;
2/ Македонците од сојузници со Бугарите во решавањето на македонското прашање станаа господари на тој сојуз, во кој Бугарите фатија услужливо, а понекогаш и со горчина во душата да ги исполнуваат барањата на Македонците.
Потоа и Македонците фатија да изјавуваат оти тие сакаат „Македонија за Македонците”, оти тие сакаат автономија на Македонија, а не соединување со Бугарија. Бугарите „скрепја серце” можеа да чујат таква новост што не можеше да им биде пријатна. Но Македонците ги успокојуваа Бугарите: Чекајте вие, нека ни дадат нам автономија, па ќе видите оти по неколку години таа Македонија ќе биде бугарска, зашто повеќето од македонската интелигенција го доби своето образование во Бугарија. Надворешниот свет пак го уверуваа оти историјата со Источна Румелија не може да се повтори и со Македонија, зашто во Македонија има многу народности, а не две-три, оти сите тие народности, како и сите соседни балкански државички и големите држави, ќе можат да го спречат соединувањето на Македонија со Бугарија. Најпосле изјавуваа: Каков интерес имаат Македонците да се соединуваат со Бугарија, кога од тоа соединување ќе има полза повеќе Бугарија отколку Македонија?
Македонците не се запреа на таа двојна игра со различните изјави пред Бугарите и пред Европа. Тие го пренесоа центарот на Револуционерната организација заедно со сите национално-политички прашања во Македонија за да бидат слободни во своите постапки од бугарската влада.
Во комитетите во Бугарија фатија да пропагираат полно одделување на интересите на Македонија од интересите на Бугарија.
Се зафати енергична работа на Сарафов, заедно со комитетите претседателствувани од него.” Сарафов, како претседател на Врховниот комитет во Софија работеше сосем не сообразувајќи се со бугарската влада. На Сарафов не му сочувствуваа бугарската влада и кнезот, со други зборови: Комитетот, на којшто му претседателствуваше Сарафов, по македонското прашање се придржуваше според едка таква програма, тогаш за тогаш само политичка, изработена уште од понапред, на која не и’ сочувствуваа оние што се повикани да ги бранат бугарските интереси, ами сочувстуваа оние што ја составуваа толпата, со други зборови, бугарскиот народ. Оттука е јасно оти Бугарите ја голтнаа пилулата и доцна е да си ја исправат грешката.
Владата направи услиби да го поврати изгубеното, но уви! – било доцна. Врховниот комитет во Софија се стави под претседателството на ген. Цончев, Бугарин, љубимец на кнезот. Но Македонците во Бугарија го убедија бугарското население во правината на нивната програма за полно одделување на интересите на Македонија од интересите на Бугарија, ја покажаа политиката на владата, на кнезот и на „генералскиот комитет” или Комитетот на Цончев-Михајловски како егоистичка и добија во Бугарија поголема власт над „генералскиот комитет” и над владината политика по македонското прашање. Таа сила се поддржуваше главно со полната солидарност на „Станишевскиот врховен комитет” со „Внатрешната организација”.
И така комитетите, а заедно со нив и воопшто Македонците, се ослободуваат од влијанието на бугарската влада, создаваат своја независна програма за работа, таа програма ја пропагираат во Бугарија и со неа добиват влијание врз бугарскиот народ, а преку него и врз владата. Откако се вкорени така македонското „дело” во Бугарија, Македонците фатија да одат и во Србија и таму да им ја излагаат својата програма на владата и на српскиот народ. Сарафов, Радев, Јанков уверуваа оти тие се борат со девизата „Македонија за Македонците”, за сите Македонци без разлика, и оти никогаш Македонија нема да се соедини со Бугарија. Не е ли јасно и од тие постапки на македонските водачи оти Македонците зедоа самите да ги решаваат судбините на Македонија и оти тие во својата дејност се готови да се судираат и да ги усогласуваат интересите на својата татковина не само со Бугарија, но и со другите балкански државички, откако ќе им се дадат на тие државички некои обврски од страна на Македонија за укажаната помош?
Од дотука реченото е јасно оти борбата помеѓу Бугарија и Србија за влијание во Македонија како резултат го даде развивањето на свеста дека судбините на Македонија треба да се во рацете на Македонците. Македонците се организираат со сознавање на своите права на својата татковина и својот долг пред неа. Со своето организирање Македонците станаа главниот фактор во решавањето на македонското прашање како во своите очи, така и во очите на Европа. Од Востанието со нас се церемонат; до него на нас гледаа како на една неопределена маса.
Тие се сите резултати од досегашното наше самосознавање…
– Извадок од ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *