Македонија

Македонскиот литературен кружок

Македонскиот литературен кружок во Софија претставува една од најмаркантните пројави во литературно-културниот континуитет и во развитокот на македонската национална свест воопшто.
Тој е директно продолжение на националната мисла што се изрази во Словеномакедонската книжевна дружина на Ѓорѓи Пулевски (1888) и Младата македонска книжовна дружина во Софија (1890-1892), во ученичката дружина Вардар (1893-1894) и Македонскиот клуб со читателите во Белград (1902) и пред се’ во Македонското научно-литературно другарство (1902-1917), словеномакедонското национално-просветно друштво Свети Кирил и Методиј (1912-1913), руско-македонското благотворно друштво Св. Кирил и Методиј (1913-1914) и Македонскиот револуционерен комитет (1917) во Санкт Петерсбург. По Првата Светска војна во новонастанатите историски околности истата идеја најде автентичен израз во активноста на ВМРО (Обединета) (особено во периодот 1930-1936), поспецијално во Литературниот кружок на Кочо Рацин (1931-1932) и МОРО (1933-1934) во Скопје и во културно-просветното друштво Вардар во Загреб, Белград и Скопје (1935-1937), како и во македонскиот народен сојуз во САД и Канада (1930-1945) и македонските прогресивни групи во Аргентина (1935-1945) со сите активности и печатни периодични и други изданија.
Македонскиот литературен кружок беше формиран во почетокот на август 1936 година при Редакцијата на весникот Македонски вести во Софија, но по укинувањето на весникот и прогонот на редакторите, работеше илегално под името Македонски публицистички кружок Нација и култура (1937-1938). Од есента 1938 па се до почетокот на 1942 година се развиваше една богата литературно-културна, национално-политичка и општествено-револуционерна дејност на веќе стабилизираниот полуилегален Македонски литературен кружок во Софија што го водеше раководно тело на чело со познатиот поет и македонски национален деец и револуционер Никола Јонков Вапцаров.
Активноста на Кружокот се развиваше континуирано и ангажирано на однапред насочени и подготвени редовни неделни состаноци, но и на разновидни неформални средби, каде што се читаат и се оценуваат литературни творби и компетентно критички се разгледуваат новите подготвени збирки песни, раскази, репортажи, есеи и трактати на членовите, како и на веќе објавени литературни дела од Македонци (на македонски или на друг јазик) независно од местото на издавањето. Некои од овие материјали се зачувани интегрално или фрагментарно.
Знаменит остана воведниот реферат на Никола Вапцаров на првиот, обновувачки состанок на Кружокот (октомври 1938) што потоа беше вообличен во познатата негова песна – поема „Доклад“ (реферат). Овој текст во извонредната форма во 1963 година се наоѓаше во Домот, музеј Никола Вапцаров, но брзо по нашето прочитување (од сината тетратка) беше засолнат во депото на тогашниот Централен партиски архив на ЦК на БКП во Софија и дури на 15 февруари 1995 година, во весникот „Литературен форум“ беше објавен според еден нецелосен и на крајот фалсификуван препис што го направил Николај Шмиргела во 1994 година.


Македонскиот литературен кружок Софија 1938-1941 Документи, Архив на Македонија, Скопје 1995

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *