изборПревземено

Македонски атентати

По формирањето на автономистичката ВМРО на Тодор Александров, посебно по нејзиното претворање во класична терористичка организација од Ванчо Михајлов, атентатите биле главно обележје на македонската револуционерна борба. Нејзини атентатори повеќе децении сееле смрт низ цела Европа. Македонци вршеле убиства во Марсеј, Виена, Милано, Прага, Белград… Биле убивани познати балкански личности, а нејчести жртви биле српски и бугарски политичари чии интереси се судрувале во Македонија. Во европските метрополи од македонски терористи гинеле и познати револуционери на ВМРО. Атентати или обиди за атентати имало и пред и по овој крвав период од македонското минато. На пример, тројца гемиџии долго време го демнеле султанот Абдул Хамид Втори за да го убијат, а британски специјалци обучувале Македонец да го ликвидира Хитлер.
Атентатори на автономистичката ВМРО на Тодор Александров во почетокот на дваесеттите години на минатиот век извршиле два атентата врз министри на Бугарија. Прво бил убиен министерот за внатрешни работи Александар Димитров, кој претходно од Александров бил обвинет дека ги собирал околу себе „отпадниците“ на ВМРО кои, според него, вршеле насилства, рекетарство и убиства и од нив формирал чети и ги испраќал во Македонија. Во предупредувачкото писмо до министерот тој подвлекува дека главно оружје на власта бил Ѓорче Петров кого го поставила за претседател на Комисијата за бегалци. Димитров нема сериозно да ги сфати неговите предупредувања и затоа ќе плати со живот. Бил ликвидиран кога патувал со автомобил за селото Козница. Македонски терористи, испратени од Александров му поставиле заседа при што министерот и неговиот возач биле ликвидирани на самото место. Истата судбина ќе го снајде и полуслепиот Ѓорче Петров, кој ќе биде убиен, исто така, по наредба на Александров.
Од терорист на автономистичката ВМРО ќе биде егзекутиран и наследникот на Димитров, министерот Рајко Даскалов. За да го спаси од македонската организација, премиерот Стамболиски ќе го испрати за амбасадор во Прага, но и таму ќе биде пронајден. „Даскалов продолжи да живее во чехословачкиот главен град, свесен за фактот дека го демне смртна пресуда од ВМРО. Живееше во една вила во предградието. Едно утро (27 август, 1923 година) тој и двајца негови придружници чекореа од вилата кон градот кога дваесет и двегодишниот ’џелат’ од ВМРО се судрил со него да се осигури дека не згрешил. Повлекувајќи се неколку чекори, Македонецот го извлекол својот револвер и го убил Даскалов.“, пишува американскиот писател со македонско потекло Стојан Христов, кој како новинар на најпознатите њујоршки и чикашки весници ќе известува од Балканот и ќе ја следи македонската револуционерна борба.
Кога атентаторот бил уапсен од чехословачката полиција кажал погрешно име и презиме, дека се вика Атанас Николов. На судењето изјавил дека на ВМРО и се придружил откако се сретнал со Тодор Александров во едно македонско село. Како што наведува Христов, атентаторот и други членови на ВМРО во мај 1923 година биле поканети од Александров во едно село на Скопска Црна Гора. Им одржал куса реч, потсетувајќи ги на нивната должност кон македонската револуционерна борба. Потоа им раскажал како владата на Стамболиски ги прогонувала Македонците, по што ВМРО изрекла смртни пресуди за четворица членови од неговиот кабинет.
„Кога Александров завршил, сведочеше момчето, тој извлекол хартија од својата кожна торба и го прочитал името ’Атанас Николов’ и го замолил да истапи чекор напред. Александров му рекол: ’Тебе ти се падна жрепката да го убиеш Рајко Даскалов. ’ Младичот посведочи дека му рекол на Александров оти поради неспособноста да говори странски јазик ќе му биде тешко да ја пронајде жртвата во Чехословачка. На тоа Александров извлекол од торбата копие од Уставот на ВМРО и од него го прочитал извадокот: ’Секој член на организацијата кој што ќе одбие да спроведе смртна прсуда ќе биде застрелан не подоцна од дваесет и четири часа.’“, пишува Христов.
Вистинското име на атентаторот било Јордан Цицонков, роден во Штип. Во Прага стасал преку Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија. Додека ја барал својата жртва живеел со бугарски и со српски студенти. На Бугарите им се претставувал дека е Бугарин, на Србите – Србин. Преку студентите разбрал каде се храни Даскалов. За да го препознае со себе го носел весникот „Чешко слово„ во кој била објавна сликата на неговата жртва. Цицонков од прашкиот суд бил ослободен со образложение дека дејствувал како агент на ВМРО и поради тоа што се наоѓал под ’непреодолива принуда’, немал друг избор освен да ја исполни задачата или да умре. Меѓутоа, подоцна одново бил суден, надвор од Прага, во едно провинциско гратче. Го осудиле на 20 години. По две години одлежани во затворот се самобуил. Ванчо Михајлов тврди дека бил ликвидиран.
Неколку дена по воениот преврат во Бугарија во јули 1923 бил убиен и премиерот Стамболиски. Многумини сметале дека зад ликвидацијата стои ВМРО на Тодор Александров, меѓутоа тој ќе ги демантира таквите тврдења. Михајлов пишува дека Стамболиски бил нивен голем непријател, испратил луѓе да го убијат Александров, соработувал со Белград и ги прогонувал Македонците, но и покрај тоа тие не посегнале по неговиот живот.
По смртта на Александров автономистичката ВМРО ќе биде претворена во класична терористичка организација од Михајлов и таа ќе изврши серија атентати. Тој во своите спомени ќе се пофали дека за девет години биле извршени 85 атентати само во вардарскиот дел на Македонија. Кога го правел списокот на тие што треба да бидат ликвидираник на прво место ги ставил, според него, “најголемите непријатели на македонското дело“: Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО на автономистичката ВМРО, кој „се шетал по Европа на сметка на Виенската комунистичка централа“, потоа, Стојан Мишев кого го обвивнувал дека соработувал со Србите и „тероризирал и истребувал се’ што било побудно бугарско во Брегалничкиот регион“ и Тодор Паница, кој работел за комунистите, Србите и Грците.

Прв ќе биде ликвидиран Стојан Мишев. Тој е штипски војвода од Ново Село, родното место на Михајлов. Семејствата на Мишев и Михајлов биле соседи и многу добро живееле. Смртната пресуда ја реализирал 21 годишниот штипјанец Кирил Григоров. Мишев бил убиен на 30 декември 1924 година, точно напладне, на прагот на куќата во која што живеел, пред неговата неколкугодишна ќерка Нада, покојната сопруга на претседателот Киро Глигоров. Атентаторот успеал да избега од Штип и стигнал близу до границата со Бугарија, но таму бил предаден од некој селанец и фатен од српската полиција. Осуден бил на смрт и стрелан на 30 август 1925 година.
„Машкиот удар на Кирчо Григоров за него самиот беше многу лесен чекор; решен беше да умре и со тоа сите пречки беа надминати. ’Ми се чини, пет души да се, ќе ги истркалам еден по друг’, кажуваше насмеано нашиот херој.“, пишува во своите спомени Михајлов, кој никогаш не влегол во Македонија и не зел пушка в рака да се бори за неа како што се бореле многу други македонски револуционери, плашејќи се за сопствениот живот. Наместо тоа испраќал млади сиромашни момчиња кои слепо му верувале, . извршувале секоја негова наредба и убивале во името на Македонија.
Нецел месец подоцна, на 23 јануари 1925 година во Милано ќе биде застрелан и Петар Чаулев. Него ќе го убие Димче Стефанов, кој четири години подоцна ќе учествува и во ликвидирањето на Александар Протогеров, кој како член на ЦК на ВМРО пред тоа ќе потпише многу смртни пресуди на Македонци, па и таа на Чаулев. Од тринаесетте терористи што ќе ги повика Михајлов да ја извршат смртната пресуда на охридскиот војвода, жрепката ќе му се падне на Стефанов. Чаулев не го познавал па затоа ќе носи негова слика и цел месец ќе ја бара својата жртва по хотели и кафеани во Милано. Го пронашол во бар на плоштадот Верциере и со пет куршуми му пресудил.
На судскиот процес што ќе се одржи 16 месеци подоцна, за да го бранат Стефанов, Михајлов ќе ангажира двајца тогаш познати италијански адвокати –сенаторот Винченцо Морело од Рим и пратеникот Јученцо Капа од Милано. Стефанов ќе биде ослободен со образложение дека морал да го убие Чаулев. Единствено ќе биде казнет со 203 лири поради тоа што носел опасно оружје. Атентаторот на Чаулев е роден во кратовското село Маричино 1901 година. Останал сирак а го посвоила една штипска фамилија. Работел како месар, а по Првата светска војна пребегал во Софија.
Од тројцата „најголеми непријатели на македонското дело“, последен ќе биде застрелан Тодор Паница од Менча Карничу. Најпрво, таа ќе се спријатели со неговото семејство, а смртната пресуда ќе ја изврши на 8 мај 1925 година во виенскиот Бургтетар додека заедно ќе гледаат претстава. Таа пукала во Паница во моментот кога на сцената била импровизирана бура и се слушало како се крши и потонува брод. Никој од присутните не чул ништо. Излегла на улица и таму била уапсена од полицијата.
Менча Карничу, која подоцна ќе му стане сопруга на Михајлов, била Влаинка, родена во Крушево, а Паница, нејзината жртва, бил Бугарин, познат санданист. Тој во 1907 година во Софија ги убил Борис Сарафов и Иван Гарванов по наредба на Јане Сандански, а казната ќе го стаса по 18 години.
Како и во многу други случаи, Михајлов ќе ги ангажира најдобрите адвокати да ја бранат атентаторката. Карничу ќе биде осудена на осум години затвор, но потоа била ослободена. Според тогашните австриски закони, ако осудениот поради болест не можел да ја издржува казната, се ослободувал. А Карничу тогаш била тешко болна од туберкулоза. Со амбулантно возило ја префрлиле до железничката станица, од каде во спална кола заминала за Будимпешта. По еден месец стасала во Софија каде и бил организран величенствен пречек.
Откако Михајлов ќе ги ликвидирал повидните македонски револуционери кои му пречеле, започнал со атентати во вардарскиот дел на Македонија. Од позначајните атентати е убиството на српскиот генерал Михајло Ковачевиќ извршено на 5 октомври 1927 година. Во него стрелале штипјанецот Ипократ Развигоров и кумановчанецот Благој Кралев, испратени од Софија. Ним им помагал штипјанецот Илија Лилинков. Два дена по убиството српската полиција ги открила. Жив го фатиле само Благој Кралев, а Ипократ Развигоров и Илија Лилинков се самоубиле.
По атентатот власта почнала немилосрдно да се одмаздува. Тогаш со стапови бил убиен таткото на Илија Лилинков, 75-годишен старец, а таткото на Михајлов и неговиот брат биле стрелани на мостот на реката Отиња кај Ново Село. Во затворот жандари со раце го задушиле братот на атентаторот Развигоров. Се смета дека тогаш биле ликвидирани 200 лица. Преживеаниот атентатор Благој Кралев, бил осуден на смрт и стрелан.
И атентатот на Мара Бунева врз српскиот службеник Велимир Прелиќ е дел од терористичката стратегијата на ВМРО на Михајлов. За него се подготвувала во Софија. Во Македонија се вратила во мај 1926 година, а од родното Тетово се преселила во Скопје со намера да убие некој од раководителите на српската власт. Се вработила во кројачки дуќан и шиела облека за жените на познатите српски политичари. Живеела под кирија кај семејство кое било во соседство на убиениот Прелиќ.

Атентатот го извршила на 13 јануари 1928 година точно во 12 часот и 15 минути на кејот на реката Вардар во близина на денешниот хотел „Холидеј ин“. Три куршуми испукала во Прелиќ, а еден во себе. Тешко ранета ја однеле во болница. Починала наредниот ден. Полицијата ја погребала тајно, така што денес никој не го знае нејзиниот гроб. Прелиќ починал четири дена по атентатот. Семејството Буневи биле познато тетовско семејство. Мара имала двајца браќа и три сестри. Постариот Борис станал бугарски офицер и ги подучувал терористите на Михајлов, а помладиот, Лазар, служел во српската војска на Кралска Југославија, исто така како офицер.
Најспектакуларен и најголем одѕив во светот имал атентатот што го извршил Владо Черноземски на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Некои тврдат дека најсаканиот атентатор на Михајлов бил роден во едно мало село во Разлошко, во кое неговите родители стасале како бегалци од Македонија. Стојан Христов, пишува дека бил роден во 1899 година во штипското село Патрик кое денес не постои. Најпознатиот егзекутор на терористичката ВМРО најпрво бил лично обезбедување на Тодор Александров, кој, подоцна, го унапредил и го префрлил во казнената дивизија на организацијата.
Христов пишува дека Черноземски бил тивок човек со променлива нарав, кој секогаш се држел прибрано и постојано нешто читал. Ниту пиел, ниту пушел, ниту пак јадел месо. Кога еднаш го прашале зошто не јаде месо им одговорил дека било свирепо да се убиваат животни. Каква иронија, човекот што секојдневно убивал, кој ги ликвидирал познатиот комунист Димо Хаџи Димов, членот на Задграничното претставништво на ВМРО, Наум Томалевски, додека засадувал дрвце по повод новородениот син, и кој им пресудил на многу други македонски револуционери, му било жал да убива животни!
Откако Черноземски му завршил многу крвави задачи, Михајлов му го позајмил на Анте Павелиќ за да го убие српскиот крал. На 15 јули 1932 година го повикал и му рекол: ’Сега одиш кај нашите браќа, Хрвати. Борбата е иста само различен е фронтот. Непријателот е истиот.“
Атентатот во Марсеј бил извршен на 9 октомври 1934 година. Черноземски покрај кралот го убил и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Притоа бил убиен и Черноземски. Француски полицаец го исекол со сабја. Французите дознале дека атентаторот е терорист на Михајлов по черепот и четирите букви ВМРО истетовирани на неговото тело.
Брутално убиство на бугарски премиер

Ресенчанецот Наум Туфекчиев, познат трговец со оружје, при крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век бил главен организатор на неколку политички атентати во Бугарија. Бил централна фигура во заговорите против бугарскиот премиер Стефан Стамболов, кој се смета за еден од архитектите на современа Бугарија. Стамболов бил убиен во 1895 година и атентатот врз него го смета за едно од најбруталните политички убиства во Бугарија. Додека се возел со пајтонот на Македонецот Мирчо Ацов му се нафрлиле три лица со јатагани и му ги исекле рацете. Бил се’ уште жив кога го пренеле во неговиот дом. Лекарите му ги ампутирале двете раце, но сепак не успеале да го спасат.
Истрагата траела една година. Било подигнато обвинение против Наум Туфекчиев кој бил посочен како организатор на атентатот, а директни извршители Македонците Боне Георгиев и Михаил Ставрев – Хаљо со учество на Атанас Цветанов –Таљо и Мирчо Ацов кој го возел пајтонот. Туфекчиев бил осуден на три години затвор, „за помош и превоз на оружје”. Една година подоцна пресудата била преразгледана и изменета, а тој прогласен за невин.
На Туфекчиев му се припишува и убиството на бугарскиот дипломатски агент во Цариград, д-р Георги Волковиќ, близок пријател и политички истомисленик на Стамболов, ликвидиран во 1892 година. Името на ресенчанецот се вмешува и во еден друг атентат извршен во градското казино во Софија, во очи на Новата 1915 година, кога од подметната експлозија загинала ќерката на воениот министер, синот на началникот на штабот на армијата и уште неколкумина. Тогаш биле тешко повредени уште осум лица. Туфекчиев бил ликвидиран од луѓе на ВМРО во 1916 година.

Македонец сакал да го убие Хитлер

Македонец требало да изврши атентат врз Хитлер. Како што пишува Џулен Емери, заменик-директор на Балканскиот отсек на британските тајни служби за време на Втората светска војна, се’ било подготвено за атентатот, меѓутоа, поради обични човечки слабости сите планови пропаднале. Македонецот требало да го убие Хитлер за време на една негова посета на австриски град. Атентаторот обезбедил и добро место од каде требало да стрела. Се спријателил со тамошниот конзул на Бугарија која беше сојузник на нацистичка Германија. Како човек на конзулот можел да се најде во непосредна близина на Хитлер и така да го убие. Меѓутоа, вечерта пред посетата на фирерот, од собата во хотелот во кој бил сместен слегол во барот да се напие. Откако испил неколку часи алкохол почнал да прикажува со девојките во барот и притоа му испаднал револверот. Тие веднаш го пријавиле на полицијата која го уапсила и го протерала.
Британскиот таен агент не го кажува името на атентаторот ниту, пак, го споменува местото од каде потекнувал. Единствено нагласува дека припаѓал на македонска терористичка организација и дека него им го препорачала бугарската партија БЗНС, која во тоа време била против профашистичката политика на својата држава и единствена сила со која Британците соработувале во тоа време во Бугарија. Македонецот боледувал од рак. Му преостанувале уште два месеца живот и поради тоа бил решен да го жртвува животот.

Србите надмудрени од Михајлов

По атентатите што ги вршел Михајлов, српската власт не стоела со скрстени раце и се обидела да го ликвидира. Жика Лазиќ, тогаш првиот човек за безбеност на Кралска Југославија, испратил свој терорист во Пиринска Македонија. Станува збор за Иван Момчилов, Македонец кој живеел во Белград и соработувал со тогашната власта. Преку Битола и Грција стасал во Софија, а потоа се видел со Михајлов. Наместо да пука во него, му се исповедал и му кажал кој е и зошто е испратен. Тогаш лидерот на терористичката ВМРО скроил контразаговор. Му преложил на Момчилов да се врати во Белград и да го убие Лазиќ, со што би се искупил за петте години служба кај Србите и би станал македонски херој. Направиле и план како полесно да се врати назад. На границата исценирале инцидент и јавиле дека во борбата со српските граничари бил убиен Михајлов, нешто што веднаш го пренеле бугарските весници и светските новински агенции.
Така Момчилов стасал во Белград како „српски херој“ и притоа лично бил пример од Жика Лазиќ во неговата канцеларија. Кога Лазиќ му поддавал рака да се поздрават Момчилов испукал четири куршуми во него, а еден во сопствената глава. Лазик имал голема среќа, бил тешко ранет, но преживеал. Подоцна станал гувернатор на Вардарска Македонија и министер за внатрешни работи на Кралска Југославија.

Гемиџии сакале да го убијат султанот

Гемиџијата Светослав Мерџанов и уште двајца македонски студенти во Швајцарија сакале да го убијат султанот Абдул Хамид Втори, познат по прекарите „црвениот султан“, „Абдул проклетиот“ и „големиот убиец“ поради масакрите на отоманските Ерменци во негово време. Како што пишува Стојан Христов, познатиот американски писател со македонско потекло, Мерџанов и двајца студенти кон крајот на 1899 година од Женева заминале за главниот град на Босфорот. Секој петок попладне султанот патувал од својата палата во Истанбул во една џамија на молитва. Сметале дека можат да го убијат само за време на неговото патување до џамијата, бидејќи единствено тогаш ја напуштал палатата. Пет месеци го ги следеле сите негови движења за на крајот да сфатат дека не мошат да и се приближат до него бидејќи бил добро чуван од обезбедувањето.
 

извор: Виктор Цветаноски, ГЛОБУС

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *