Превземено

Македонија во европската трговија пред два века

Со оглед на заинтересираноста на европските земји за македонските земјоделски производи, кои биле потребни за индустријата што била во развој, тие отворале дипломатски претставништва во Солун, кон кој гравитирала цела Македонија. Во време на османлиското владеење Солун бил главен град, односно метропола на Македонија во природните граници.

Првите векови по освојувањето на поголемиот дел од Балканот, Османлиската Империја имала деловни односи со Ѓенова (1352), Фиренца, Дубровник (1365), Венеција (добила капитулации од султанот Мехмед Втори по освојувањето на Цариград), Анкона.
Според познатиот ориенталист Халил Иналџик, до 1569 година трговијата на Османлиското Царство со западниот христијански свет ја одржувале италијанските држави. Османлиите го прифатиле и долго го применувале трговското право што било во употреба во Венеција, Анкона и во Дубровник. Благодарение на стратегиското место и вештата политика на Дубровничката Република, која патем си ја плаќала слободата за 12.500 златни дукати годишно, дубровничките трговци имале значајна улога во трговијата со Османлиите. Тие биле посредници во поморската и во сувоземната трговија до Цариград и Бурса. Дубровнички колонии имало и во Скопје.
Иако во 16 век во левантската трговија се вклучиле Франција, Англија и Холандија, италијанските градови и Дубровник продолжиле да тргуваат со Османлиите, односно со Источното Средоземје. На средината на 18 век, според венецијанските конзули во Солун, овде биле донесувани и изнесувани стоки од и за Венеција, Месина, Ѓенова, Ливорно, Анкона. Трговци од Западна и Југозападна Македонија за италијанските градови изнесувале стоки преку поблиското пристаниште Драч. Интересно е што и како примачи на стоки во Венеција, Анкона, Месина, Ливорно се среќаваат трговци од Сјатиста, Јанина, Москопол и др. места, значи покрај италијански трговци на оваа релација биле вклучени и турски поданици.
До крајот на 15 век во Империјата се стабилизирала политичката и економската состојба, балканското население се вклопило во турскиот феудален систем и во Македонија бил забележан економски подем.
Во 16 век Портата воспоставила дипломатски односи со Франција (1535), отворена е француска амбасада во Цариград и во 1536 година е потпишан трговски договор помеѓу двете земји. Во согласност со шеријатското право, овој договор до 1740 година е обновуван 11 пати, кога султанот Махмуд Први внел клаузула истиот да важи и за неговите наследници. Овој договор бил пример за сите трговски договори што Портата ги склучувала со европските земји.
Кон крајот на 16 век, Портата воспоставила официјални контакти со Англија (1579) и во 1580 година бил потпишан трговски договор помеѓу двете држави.
Со мирот од 1606 година Високата порта се откажала од натамошно земање данок (200.000 форинти) од Хабзбурзите и ја признала Австриската Империја како рамноправна држава. Во 1616 година е потпишан трговски договор помеѓу Дворот во Виена и Портата. По мирот во Карловци (Сремски) 1699 година, Хабзбурзите добиле привилегии во трговијата со Турција. Со мировните договори во Пожаревац и Белград и со Сенедот од 1784 година австриските привилегии се изедначиле со оние на Франција, Англија и на Холандија.
Во 1612 година, Портата воспоставила трговски односи со Холандија и во 1732 година било отворено холандско конзуларно претставништво во Солун. Всушност 17 и особено 18 век е време на отворање на Османлиската Империја кон европските земји и вклучување во сферата на европското стопанство. Во 18 век, покрај веќе споменатите, таа склучила трговски договори, односно тргувала со речиси сите тогашни европски земји: двете Сицилии, Венецијанската Република, Неаполското Кралство и италијанските градови Анкона, Ѓенова, Ливорно, Тоскана, Месина, потоа Шведска, Данска, Прусија, Шпанија, Португалија и Царска Русија.
Со оглед на заинтересираноста на европските земји за македонските земјоделски производи, кои биле потребни за индустријата што била во развој, тие отворале дипломатски претставништва во Солун, кон кој гравитирала цела Македонија. Во време на османлиското владеење Солун бил главен град, односно метропола на Македонија во природните граници, со развиена трговија и центар на мануфактурата на волнени ткаенини во Османлиската Империја.
Во 1685 година во Солун отворила конзулат Франција, а во 1700 година и во Кавала (овој 1756 година е затворен). Следните децении конзулати во Солун инсталирале Англија, Холандија, Венеција, Дубровник, а потконзулати имале Австрија од 1768 (конзулат од 1846), Сицилија, Неапол, Шведска, Данска и од 1784/5 година и Русија. Од 1851 година, Австрија имала вицеконзулат во Битола.
Од македонските земјоделски и сточарски производи најмногу се извезувало: памук, кожи, тутун, волна, жито, восок, преѓа, свила, мед, опиум и др., а се внесувало: текстил, стакло, огледала, хартија, бакарни жици, колонијални стоки и др. Од Ливорно се увезувало бразилско дрво за бојадисување. Во Солун, односно во Македонија, во платежниот промет покрај турските монети во оптек биле и венецијански цекини и тапири, австриски талири, дубровнички дукати, шпански реали и др.
Водечко место во трговијата со Турција, аналогно и Македонија, во 18 век имала Франција. Кон крајот на 17 век, таа отворила трговска куќа во Солун. Во 1740 година во Солун имало 9, а во 1771 година 11 француски трговски куќи. Во средината на 18 век македонско-францускиот промет во Солун бил двојно поголем од прометот на сите други земји учеснички во трговијата со Солун заедно. Голем дел македонски трговци, особено Евреите, се ставале под француско покровителство и за бератите плаќале високи суми пари (до 10.000 гроша), но потоа биле ослободувани од плаќање на данокот арач (главарина), за што турските власти нерадо давале берати. Со францускиот конзул соработувала најголемата трговска куќа од Солун „Кафтанџиоглу“, а почесен француски драгоман бил богатиот трговец Константин Пајко. Франција извезувала од Македонија: памук, волна, жито, тутун, восок, зајачки и говедски кожи, кордован и др., значи суровини, а внесувале главно индустриски производи и колонијални стоки. Притоа, трговскиот биланс бил обично во полза на Македонија, што патем е резултат на скромните консумативни потреби на населението.
Во време на Француската револуција и во време на Континенталната блокада француската поморска трговија била парализирана и трговијата се одвивала по патот Солун-Сараево-Костајница. На оваа релација силно се вклучиле македонските трговци. Тогаш Франција била изместена од првото место во трговијата со Турција од Англија. Сепак, до средината на 19 век и подоцна, Франција била меѓу водечките трговски земји со Османлиската империја, вклучително и Македонија.
Автор: Милка Здравева
извор: Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *