Македонија

Ресенец главен организатор на политички атентати

Ресенецот Наум Туфекчиев, познат трговец со оружје, сеел страв во Бугарија при крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Тој бил вмешан во неколку атентати и главен организатор на ликвидацијата на Стефан Стамболов, еден од најголемите бугарски политичари во тоа време. Тој не спаѓа меѓу Македонци што во Бугарија се паметат по добро и по големиот придонес што го дале за државата. За него се знае дека убивал по порачка големи политичари и влијаел на текот на настаните.
Пред десетина години бугарските историчари Андреј Пантев и Борис Гаврилов направија список на стоте највлијателни личности во минатото на Бугарија, а меѓу нив се најде и Наум Туфекчиев. Во книгата образложуваат зошто на вечната листа на големите Бугари се нашле и такви имиња како него кои правеле големи зла. За да му го определат местото некому што, според нив, му припаѓа, се воделе од три критериуми. Прво, колку тие личности го промениле текот на бугарската историја или животот на обичните луѓе. Второ, колку целосно и долго било нивното влијание. И трето, каков е нивниот личен придонес, т.е. дали истите настани ќе се случеле и без нив. „Тоа не е класификација според заслугите. Влијанието на секој е оценето според размерот, а не според тоа дали е поволно или неповолно. Затоа тој, кој направил големо зло, стои понапред од тој што направил мала добрина“, објаснуваат тие.
Меѓу дваесетина Македонци кои се најадоа на ранг- листата на стоте само двајца се посочени како непријатели на државата – Јане Сандански и Туфекчиев. Јане поради тоа што, како што тврдат Пантев и Гаврилов, го свртел текот на историјата. Тие сметаат дека со појавата на ова колоритна личност од македонското револуционерно движење за сите времиња било загубено бугарското дело во Македонија.
Ресенецот Наум Туфекчиев е поместен на 83. место на листата, веднаш зад Јане. „Во бугарската историја од крајот на 19 век и првото десетлетие на 20 век се појавува една темна злосторничка фигура, вмешана во неколку заговори за убиства на видни политичари и во политичките игри со се’ уште нецелосно разјаснет маштап. Наум Туфекчиев е познат трговец на оружје (го продавал на сите заинтересирани страни), милионер и деец на македонското движење. Тој е меѓу основачите на организацијата ’Црвени браќа‘, создадена од младотурците за растурање на Внатрешната македонска организација, и важна заткулисна фигура од оној динамичен период преполн со настани “, пишуваат во образложението.
Туфекчиев роден во Ресен, но која година точно не се знае. Се смета дека е роден кон крајот на шеесеттите години на 19 век. Како најголем грев му се припишува тоа што бил централна фигура во заговорите против Стефан Стамболов, кој се смета за еден од архитектите на современа Бугарија, а понекогаш е нарекуван и „бугарски Бизмарк“. Врз него на 6 јули 1895 година е извршен атентат. Починал по три дена од задобиените рани. Неговото убиство се смета за едно од најбруталните политички убиства.
„Во фаталната вечер Стефан Стамболов излегува во 19,50 часот од ’Јунион клуб‘ со Димитар Петков (друг политичар, премиер и идна жртва на атентат). Ги качува пајтонџијата Мирчо Ацов. Тој го тера пајтонот бавно по ул. ’Раковски‘. А кога кон пајтонот се нафрлуваат тројца души и едниот стрела, моментално ги запира коњите. Од десно седи Стамболов. Кон него се насочува човек со јатаган, но ветеранот – револуционер скока кон улицата ’Стефан Караџа‘. Премиерот го вади револверот, но пред да го насочи еден од атентаторите му ја пресекува раката со јатаган. Во меѓувреме го пристигнале и другите двајца – па започнале да му ги сечат рацете, со кои тој се обидува да се заштити“. Вака ја опишуваат оваа крвава сцена на убиството на Стамболов Ана Заркова и Никола Кицевски во „Големите убиства во Бугарија“.
По нападот, Стамболов се’ уште бил жив, иако тешко повреден со исечени раце и глава. Брзо го пренесле во неговиот дом, лекарите му ги ампутирале двете раце, но сепак не можеле да го спасат. Додека се’ уште е при свест, изговорил имињата на тие што мислел дека го ликвидирале. „Убијците се Туфекчиев и Хаљо… Кнезот ме уби, Белчев, Белчев! … Принц Кобург, принц Кобург!“, биле неговите последни зборови.
По атентатот, била поведена истрага која траела цела година. Врз основа на сознанијата било поднесено обвинение, Наум Туфекчиев бил посочен како организатор на атентатот, а директни извршители Боне Георгиев и Михаил Ставрев – Хаљо со учество на Атанас Цветанов –Таљо и Мирчо Ацов, кој го возел пајтонот во кој се качил Стамболов.
„За мозок на егзекуцијата е прогласен Наум Туфекчиев, кој во 1894 година пристигнал во Софија, отседнал во хотелот ’Браќа Иванови‘ и започнал да го плете заговорот. Стамболов знаел дека му се подготвува атентат. На 16 март 1895 година тој го напишал прочуеното писмо ’Кроењето на моето убиство‘, во кое ги посочува сите познати податоци за заговорот. Го ставил во два запечатена плика и во април му го предал на германскиот новинар Рихард фон Мах, со кого бил мошне близок, со порака: ’Да се отвори по мојата смрт‘“, пишуваат Заркова и Кицвски.
Стамболов во писмото што му го врачил лично на дописникот на германскиот весник „Клинише цајтунг“ напишал дека му се подготвува атентат и притоа како организатори ги посочува Атанас Цветанов –Таљо и Наум Туфекчиев. По завршување на судскиот процес на 1 февруари 1897 година, Туфекчиев бил осуден на три години затвор „за помош и превоз на оружје“. Една година подоцна пресудата била преразгледана и изменета, а Туфекчиев прогласен за невин.
Кој го нарачал убиството и кој го платил Туфекчиев за атентатот не се утврдило. „Дали дворецот учествувал во егзекуцијата? Во секој случај таа била извршена со негово молчаливо учество… Дента кога бил извршен атентатот, Фердинанд бил надвор од Бугарија и се вратил во Софија ’потресен и гневен“‘, пишуваат бугарските новинари.
Ресенецот Туфекчиев, кој во тоа време снабдувал со оружје секој што ќе му плател добро, четири години пред тоа, исто така, организирал атентат врз Стамболов. И тогаш бугарскиот премиер бил нападнат во Софија, но имал среќа да ја избегне смртта. Четири лица пукале во него, но не го погодиле. Затоа, пак, на самото место останал смртно ранет неговиот министер за финансии, Христо Белчев.
Според Пантев и Гаврилов, Туфекчиев е една од централните фигури во заговорот за елиминирање на Стамболов, но основни поттикнувачи на тоа важно политичко убиство биле високо во политичките врвови. „Влијанието на Наум Туфекчиев врз развојот на нашата историја не треба да се преувеличува“, нагласуваат составувачите на книгата. „Можеби Стефан Стамболов никогаш повеќе немаше да се занимава со голема политика (што е малку веројатно) или, пак, ориентацијата на Бугарија ќе се определеше и без тој атентат. Сепак, секогаш останува недоискажаното прашање – што ќе станеше, ако не се случеше тоа?“, се прашуваат бугарските историчари.
На Наум Туфекчиев му се припишува и убиството на бугарскиот дипломатски агент во Цариград, д-р Георги Волковиќ, близок пријател и политички истомисленик на Стамболов, ликвидиран во 1892 година. Неговото име се поврзува и во еден друг атентат извршен во градското казино во Софија, спроти новата 1915 година, кога од подметната експлозија загинале ќерката на воениот министер, синот на началникот на Штабот на армијата и уште неколкумина. Тогаш биле тешко повредени и осум лица. Неколку минути пред експлозијата бил забележан Туфекчиев како се снова во една од ложите. Подоцна е утврдено дека е користена иста бомба како и бомбите со кои била снабдувана бугарската армија со негово посредство. Уапсени биле три лица, еден од нив познат терорист и член на организацијата „Црвени браќа“ што ја формирал Туфекчиев. Бугарските историчари тврдат дека тој атентат ги предизвикал идните настани кои довеле Бугарија да се вклучи во Првата светска војна на страната на централните сили.
Судбината на Туфекчиев не му била благонаклонета. Тој го загубил единствениот син Александар, а на 25 февруари 1916 година бил ликвидиран на една софиска улица од луѓе на ВМРО.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *