Македонија

Mi3aP – Сонце Златно го молат да зајде, но овој скитник упорно зрачи…

Во овој летопис нема да ги објавувам имињата на членовите на бендот и тоа од засега неразјаснети причини. Ќе се фокусирам на содржината на овие ноти.
Преданијата велат дека деби албумот има најголемо значење за групата. Тоа што оваа банда младинци (претпоставувам гневни на тогашното опкружување и уредување – таа ситуација кога се преоѓа од една во ниедна агрегатна состојба) го оставаа во наследство на нас, бедните поданици, е од непроценлива вредност. Својот гнев и енергија решиле и успеале да ги пренесат преку хармонија и милозвучје. Ако некој го препознае гневот нека молчи. Кој не, нека го бара преслушувајќи го албумот до безсвест. Албумот решава да ни се исповеда и тоа преку чистокрвна рок форма. Со себе на врат ја носи тежината на времето во кое што е создаван, на неколку пати жртвуван од пријатната клавијатура на Мизар.
Честа да ни се отвори ја има Девојка од бронза, гитарски настроена, уште веднаш почнува да црпи од непресушните извори на творците на овој документ, пренесувајќи ни порака која ја допира вечноста, која пак заинтригирана од нејзиното споменување го претвора истиот документ во исто така, вечност. Продолжувајќи по Дождот во истиот ритам со различна идеја, наследството станува уште повеќе вредно токму поради дождот, кој само ќе не повлече и ќе не препушти на меланхолијата на нашата Магла, која напати ќе ни подари и трошки нервоза, кои пак колку што побргу доаѓаат уште побргу си одат и тоа со текот на дури 1060 Лета. Лета мирни, пријателски ни пристапуваат правејќи не нивни следбеници, покорувајќи се на нивните закони. Ние затечени, без свое Јас урламе по дождот во ноќта низ темните и тесните улички, групно извикуваме Униније, урламе простете, тоа е наредба која не се одбива, наредба од творецот, судбина. После се, застануваме. Врховниот заповедува, демон го превзема водството. И ако сакаш да останеш жив едноставно таму каде што си, Стој. Стој и гледај околу себе, да можно е, доаѓаат. Психоделичен раздор, налудничавост, хармонија, деструктивност, растројство, силен татнеж. Светот се превртува, ти стој и слушај. Овој гнев што сега го слушаш ќе одзвонува со векови, последното нешто што ќе го слушнеш додека си жив, последното пред да отидеш, и првото нешто одкако ќе стигнеш таму горе, ќе биде молитвата, наредбата да стоеш. И стој, мирно во редот. Затоа што веќе сите стојат. Стои и градот. А Градот е нем, па дури и немоќен, не знае ништо, шерифот е убиен власт не постои, а градот нема одговор на ниту едно прашање. Но признава дека музиката во позадина преминала во бела милина, лебди на пријатна клавијатура, која летајќи ја подпевнува Ходен Же носејќи манастирски мир, спокој и словенски речи. И уште еднаш нè полеваат со мир овојпат за последен пат. Ќе си земам за право да во додадам дека Истекувам, и тоа без сомнение, ќе одам со помош на мојата омилена доза на благосостојба, доза која со животи наназад ми ја дава Истекувам. Одам и се преселувам кон нашето сонце. Сонце Златно го молат да зајде, но овој скитник упорно зрачи и безброј пати до сега ме вратил во живот.
Живеам за да го слушам албумов. Плени. Етеричен. Влијае врз сите сетила. Највеќе мириса…на вечност.
 
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *