Македонија

Ти не си логичен, Архангеле…

Архангел 1 – деби изданието на групата Архангел. Албумот излегува во 1991 година кратко пред почетокот на војната во поранешната држава. Уште на самиот старт групата го покажува сиот свој потенцијал и најавува долг престој во македонската свест. Албумот преставува вистинско рок остварување, перфектно за деби албум. Со себе носи голема количина на енергија. Чиста моќ. Тоа што мене лично, слушајќи го ми предизикува дразнење на секој поединечен нерв на моето тело, разбудувајќи реакција на секое единечно влакненце, не е ниту малку случајно или наивно од моја страна. Слушајќи го, едноставно се лепи за моето тело, а неговите тонови и мелодични па понекогаш параноични вокали,  непрестајно одзвонуваат часови и часови после слушањето. Без разлика што е излезен во сосема друго време, ме потсетува на есен, на оној период кога есента преоѓа во зима, на Скопје во крајот на деведесетите во сув студ и празни улици, на срамежливиот одблеснувачки сјај од ретките светлечки реклами врз мокрите улици кои за жал нема кој да ги гледа и да им се восхитува, на сето сивило што со себе го носат кратките и магливи есенски денови и тие ноемвриски студени попладниња, на сите поголеми рок фестивали од тоа време без разлика дали Архангел биле дел од нив или не.

Албумот ја пренесува силата на една младост. И не само сила, дури и гнев и тоа во онолкава доза колку што е потребно, таман да работите не излезат од контрола. Вистински удар. Силно стегната песница спремна да уништи сè што ќе и се најде на патот. Патот кон никаде, каде што чекоревме ние. И после толку години постоење, после милион пати преслушување сеуште треперам пред неговото пуштање. Како првиот пат, како вториот пат, како првиот…

Мелодичната гитара која што го носи албумот прави да се чуствуваш благо, а колку само на моја фреквениција се наога бојата на вокалот и начинот на којшто интерпретира Вртев едноставно не можам да ви опишам. Сеуште не е измислен таков збор, таков епитет. Милозвучното и “продерувањето” – хармонијата и гневот, ја даваат добитната комбинација и го прават овој половина час парче безценето време.
Концептот на албумот е неверојатен. Започнува енергично и дрско, да речам застрашувачки, за малку подоцна да се покаже жестината на немоќта преку урнебесна балада. Она што потоа се случува се слуша само со ум, се гледа само со разум. Андерграунд во вистинска смисла на зборот. Младост. Сила. Реков и малку гнев. Психоделични и заразно мелодични вокали. Завршен удар со застрашувачки последици. Чекор кон смртта. Пет парчиња, пет ремек дела те тераат да се тресеш и доагаш во безтежинска состојба, да се радуваш, да тагуваш, да посегнеш да убиеш, да живееш вечно. Безобразна слика на реалноста, на она што вистински се случило, се случва. Можеби жал за изгубена залудно потрошена младост. Носталгија. Weakness. Ниту збор повеќе за мене омилената Два во Еден. И секако завршниот удар Архангел. Епска приказна кажана преку неколку реченици. Толку малку…а толку многу.
Ако го прочитавте претходното, и добро го анализиравте, ќе се надоврзам дека текстовите се најсилната страна на овој дијамантски половина час. Текстовите се оној дел од овој албум којшто не се заборава после првото слушање. Посебно не издвојувам, бидејќи овде секој стих, секој збор па дури и секоја буква е подеднакво совршена како претходната, како следната. Ќе земам право да речам дека во тој дел од животот, или поточно кажано во раната младост само совршено брилијантен мозок може да си дозволи луксуз и да створи споменик како што е песната Архангел.
Слушајќи го Архангел 1 чувствувам дека и неродените ги знаат стиховите, ги слушам и мртвите кога ги пеат рефрените.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *