Превземено

Македонскиот полк во Украина

Во  светската  историја  на  војувањето  забележани  се  воено историски  настани  кои  сведочат  за слободољубивоста,  борбеноста  и војништвото на македонскиот народ без оглед дали се наоѓал на сопствена или на туѓа територија, без оглед дали војувал сам или во коалиција. Военото наследство што  со  векови  го  следело  македонското име уште од создавањето на првите воено историски дела во антиката до денес се надополнува со богата архивска граѓа и литературни дела кои се чуваат во архивите и библиотеките во Русија и вo Украина, а кои се  дел  и  од  колекциите  на  Воениот  музеј во  состав  на  Министерството  за  одбрана на Република Македонија. Царски грамоти, наредби и укази, списоци на војници, описи на облека и униформи, грбови и воени знамиња и други извори го докажуваат организираното учество на македонскиот народ во воената служба на руската империја во војните што царството ги водело во втората половина на 18 век.
Масовното  иселување  на  Македонците  кон  северните  краишта  започнало  по задушувањето на Карпошовото востание. Во овој период османлиската војска за првпат била тешко поразена од австриската војска, што било силен мотив за христијанското население на Балканот под османлиската власт да ја започне својата борба за ослободување. Австриската војска со навлегување до Скопје, Велес и Штип дала силен поттик за Карпошовите  востаници  да  создадат  широка  слободна  територија  во  Македонија.  По  тие настани, здружената османлиско-татарска војска  во  крв  го  задушила  востанието  и презела најрепресивни мерки поради што населението било принудено да емигрира.
Тоа било дотогаш најмасовното селење на балканското  христијанско  население  преку реките Сава и Дунав кои претставувале граница меѓу Австрија и Османлиската Империја.  Најголемата  миграциона  група ја формирале населението од Македонија, од  Србија,  од  Црна  Гора  и  од  Албанија предводено  од  пеќскиот  патријарх  Арсение 3ти Чарноевиќ. Македонците главно се населиле во денешна Војводина, а некои стигнале  дури  и  северно  од  Будим.  Веднаш по преселувањето во Австрија католичкото свештенство започнало акција за католизација на православните христијани кои главно вршеле гранична воена служба во австриската војска. Во февруари 1711 година Русија објавила војна на османлиска Турција, а на 3ти март истата година рускиот цар  Петар  Велики  објавил  повик  до  сите балкански христијански народи во Србија, во  Македонија,  во  Бугарија  и  вo  други земји да кренат востание или да им се придружат на руските војски, бидејќи војната ја  започнал  за  ослободување  на  сите христијани. Повикот  го  прифатиле  единствено Црногорците. Околу 20,000 православни христијани се подготвувале да заминат од Австрија кон Русија, но биле откриени и спречени од австриската војска.
Со доаѓањето на царицата Елисавета Петровна, ќерката  на  Петар  Велики, на  рускиот  престол,  било  овозможено  помасовно  преселување  на  православните  балкански  народи  од  Австрија во Русија. Масовното заминување на православните  христијани  од  австриската империја, покрај другото било поттикнато и од укинувањето на воените краини при што доселените балкански народи ги загубиле правата на самоуправа, им била одземана земјата, доселените офицери биле заменувани  со  домородни,  задолжителна била употребата на германскиот јазик, исто така и задолжително било да се прими католичката вера, поради што балканските доселеници масовно се селеле во Русија.
За  преселувањето  на  македонското  население  од  Австрија  во  Русија  најголемо влијание  имал  Иван  Хорват,  Влав  од Македонија,  по  потекло  од  селото  Хорват,  подоцна  Хорвати,  па  Рвати,  а  денес Арвати  во  Долна  Преспа.  Неговиот татко Самуил бил учесник на Карпошовото востание и по неговото задушување се преселил во Австрија каде што добил чин потполковник  на  австриската  војска.
Иван  Хорват  е  роден  во  Петроварадин и по стапките на татка си во  австриската  војска  стигнал  до чинот  мајор  на  пешадиски  полк. Побарал  од  рускиот  амбасадор  во Австрија, Михаил Петровиќ Бестужев, во поданство и во руска воена служба да биде примена поголема  група  офицери  со  нивните семејства.  Истовремено  Хорват упатил молба и до Дворскиот совет на Австрија во која за себе и за 29 офицери барал отпуштање од  австриската  воена  служба.
Со  молбата  на  доселениците  од Македонија била запознаена и австриската царица Марија Терезија, која  била  во  пријателски  односи со  руската  царица  Елисавета  Петровна. По договорот меѓу двете царици  преселувањето  на  Македонците од Австрија во Русија го организирале  Бестужев,  неговиот секретар Черњев, Иван Хорват и  браќата  Тодор,  Јован  и  Никола Чорбе по потекло од Охрид.

Конвојот со македонските граничари пристигнал во Киев на 11­­ октомври 1751ва година.

продолжува
 
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *