Македонија

Лавиринт

Одамна, палатата на Миној била нарекувана лавиринт. Таму бил затворен минотаурот, од каде што Тесеј излегол со помош на нишката на Аријадна. Основна карактеристика е што таа градба е замрсена и минувањето низ неа е тешко. Лавиринтот е сплет на патишта, од кои неколку се без излез; тоа се слепи патишта меѓу кои се одбира за да се дојде до седиштето на таа пајакова мрежа. Споредбата со мрежата на пајакот не е најдобра, бидејќи таа е симетрична и правилна, додека суштината на лавиринтот е да во што е можно помал простор да смести што е можно позамрсен сплет на патишта, и на тој начин да го одложи стигнувањето на патникот до средиштето. Таков сплет од замрсени патишта постои во природата – ходниците на влезовите на повеќе праисториски пештери, според Вергилиј има изгравиран лавиринт на пештерата на Сибила во Кума, тој е исто така изгравиран на подот на многу катедрали, според него се танцува во разни места – од Балканот, преку Египет па  до далечниот Исток.
Лавиринтот овозможува пристап до средиштето преку еден вид иницијациско патување, и оневозможува пристап на оние кои не го заслужиле тоа, тоа го потврдува и неговото поврзување со пештерата. Во таа смисла се споредува со Мандала, која понекогаш има изглед на лавиринт – симболичко прикажување на дискриминаторни иницијациски искушенија за патниците што се пробиваат кон скриеното седиште. Изгравиран на подот во црквите бил истовремено и потпис на иницијациските братства на градителите и замена за аџилакот во светата земја. Така, понекогаш во центарот ко наоѓаме или самиот градител, или Ерусалимскиот Храм: избраниот кој стигнал до Средиштето на Светот, или симболот на тоа Средиште. Верникот кој што неможел да отиде на аџилакот, во својата имагинација минувал низ лавиринтот, и така доаѓал до светото место – таквите биле нарекувани аџии на лице место.
Лавиринтот има и соларно значење, бидејќи тој е палата на секирата со две сечила, која е изгравирана на многу минојски споменици. Соларен е и бикот заробен во лавиринтот. На кратко, симболизира кралска моќ – владеењето на Минос со својот народ, додека катните свиоци на храмот ја следат во просторот тродимензионалната проекција на спиритуалниот лавиринт. Самото име палата на секирата потсетува на фактот дека Кносос, митското престојувалиште на минотаурот било пред сè светилиште на секирата со две сечила (кралски грб, односно архаичниот гром на Ѕеус). За алхемичарите, лавиринтот имал магиска функција на една од тајните што му се припишувале на Соломон. Токму затоа во катедралите – низа од концентрични кругови испрекинати на неколку места, кои прават една необична и неодгатлива патека – бил нарекуван Соломонов лавиринт. Според алхемичарите, претставува слика на целокупната работа при создавањето на Мената, една тешкотија е патот по кој треба да се оди за да се стигне до средиштето, каде што започнува битката меѓу двете природи, и другата е патот по кој уметникот мора да се држи за да излезе од таму. Тоа толкување е блиско на определена аскетско-мистична доктрина: сосредоточувањето на самиот себе со помош на илјада патишта на сензации, емоции и идеи, отстранување при тоа на сите препреки на интуицијата, и враќање на светлината без никакви застранувања. Влегувањето и излегувањето претставува симбол на духовна смрт и воскресение.
Лавиринтот води во внатрешноста на себеси, во еден вид внатрешно скриено светилиште, кое се наоѓа во најскриениот дел на човековата личност. Храмот на Светиот Дух во душата која е во состојба на милост, или пак на длабочините на несвесното. Свеста може да допре до едното и другото само по долготрајно талкање, или со интензивна концентрација. Кога со конечната интуиција сè ќе стане едноставно, благодарение на еден вид вдаховеност. Таму повторно се постигнува изгубеното единство на битието, кое се растурило заради мноштвото желби. Пристигнувањето во центарот на лавиринтот, како крај на една иниција, воведува во една невидлива ложа, која што изумителите на лавиринтот секогаш ја оставаат обвиткана во тајна, која што секој може да ја исполни според сопствената интуиција и личните наклонетости…
Во врска со лавиринтот на Леонардо Да Винчи, Марсел Брион потсетува на тоа друштво, составено од луѓе од сите векови и сите земји, што го исполнува магичниот круг што Леонардо го оставил бел, за што не му било својствено премногу да го објаснува значењето на централното светилиште на лавиринтот.

Лавиринтот е комбинација од два мотива: спирала и преплет. Ја изразува очигледната намера, бесконечното да се прикаже во своите два облика, што ги добива во човековата имагинација: бесконечното на спиралата, кое е во непрекината креација, спиралата барем теоретски нема крај; и бесконечното на постојаното враќање претставено со плетенката. Колку што е потешко патувањето, толку се побројни и понапорни препреките, толку е поголема преобразбата на приврзаникот, кој со тие патувања на иницијација го стекнува неговото Јас. Трансформацијата која ќе се доживее во средиштето на лавиринтот, и која ќе се потврди на светлина кога ќе заврши патувањето, на крајот од тој премин од темнина на светлина, ја означува

ПОБЕДАТА

 НА ДУХОВНОТО НАД МАТЕРИЈАЛНОТО,
НА ВЕЧНОТО НАД МИНЛИВОТО,
НА РАЗУМОТ НАД ИНСТИНКТОТ,
НА ЉУБОВТА НАД СМРТТА

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *