Македонија

Крстоносците во Македонија

Во почетокот на 80-те години на XI век,, Норманите ја ограбуваат и завладуваат Македонија. Тогаш балканските поседи на Византија ги нападнале Норманите, предводени од Роберт Гвискард и син му Боемунд. Доаѓајќи од Апенинскиот Полуостров во 1082 година, тие извојувале голема победа кај Драч, а наредната година кај Јанина. Со овие победи им се отворил патот за освојување и на еден голем дел од Македонија. Така, Боемунд го зазел Охрид, војсководителот Петар Алиф ги освоил двата Полога, а грофот Пунтес – Скопје. Од Охрид Боемунд се упатил кон Верија (Бер), а потоа во Меглен. Тука го оставил грофот Сарацин, а самиот тргнал кон реката Вардар и стигнал до т.н. Бели Цркви, каде останал три месеци. Потоа ги зазел Пелагонија, Трикала и Костур. Се обидел да ја заземе и Лариса, но во јануари 1084 година претрпел пораз.
Во 1085 година, по смртта на Роберт Гвискард, Боемунд бил принуден да се повлече од Балканот. Но, веќе во 1096 и 1097 година во Македонија навлегле крстоносците од Првиот крстоносен поход, кој се движеле по патот Виа Егнација. И овие навлегувања на норманските крстоносци оставиле тешки последици кај македонското население. Особено страшни биле крстоносците на Боемунд Тарентски, кои навлегле во 1096 година. За да се снабдат со храна и други потреби, тие не се воздржувале од употреба на сила. Тие ограбувале во Костур, а во Битолско-прилепскиот крај, уништиле тврдина на некакви еретици заедно со населението. При преминот на реката Вардар, крстоносците биле нападнати од Турците и Печенезите што дејствувале во состав на византиската војска, но непоразени, тие го продолжиле патот кон Серес, каде биле удостоени со големи почести и богати подароци што Византијците ги собрале од населението. Крстоносците потоа го продолжиле патот за Мала Азија.
Капетанот Фулхер од Шартр (Foucher du Chartres,1059 – 1127), бил католички свештеник и историчар, кој е познат по својата хроника за Првиот крстоносен поход. Тој како духовно лице бил учесник и патувал со крстоносната војска предводена од херцогот Роберт Нормански и грофот Стефан од Блоа и Шартр. По преминувањето на Италија, во пролетта 1097-та година, преку Драч, крстоносната војска се движела по античкиот и средновековниот магистрален пат Виа Егнатија кон Цариград, при што поминала низ Македонија. Во своето дело „Ерусалимска историја“, делото на Франките крстоносци во Ерусалим од 1095-1127 година, Фулхер пишува и за поминувањето на нормандиската крстоносна војска низ Македонија.
Историчарот Милан Бошковски кој го следи континуитетот на имињата на Македонија и Македонците во средновековните извори, во својата истоимена книга ни пренесува изводи од хрониката во која Фулхер по пристигнувањето на крстоносците во Драч ќе забележи:
„Откако ги преминавме тешко проодните планини и градовите Лукреција (Охрид), Ботела (Битола), Бофинат, Стела (Пела), стигнавме до една река која се нарекува Вардар. Иако таа вообичаено се преминуаше со бродови, со Божја помош ние ја поминавме радосно со брод. Следниот ден, откако ја поминавме ги распославме шаторите пред градот Солун кој изобилуваше со разновидни богатства. Таму останавме четири дена, а потоа ја поминавме Македонија и преку долината на Филипи, преку Хрисопол, Христопол, Преторија, Мосинопол… и други градови кои се расположени во Тракија…“
На 14 мај 1097-та година, оваа група на крстоносци стигнала во Константинопол. Коментирајќи го цитираниот текст Бошковски ќе забележи дека „наведените градови ја подразбираат Македонија во нејзиното историско-географско значење на ХI-от и ХII-от век. Според него, ова мислење на Фулхер, произлегувало, како поради неговите широки познавања на класичната историјата на Македонија, така и поради тоа што авторот сакал намерно да ја разграничи Македонија од името Бугарија, име кое било наметнато за истата територија.
Името на Македонија и Македонците продолжува да егзистира во овој период, но маките на Македонците од навлегувањето на Норманите не престануваат. Во почетокот на XII век Боемунд пак ги загрозил балканските поседи на Византија. Во есента на 1108 година четириесетипетилјадната војска на Боемунд, натоварена на 200 транспортни и 30 воени бродови се истоварила кај Авлона (Валона), која била лесно заземена. Боемундовата војска се упатила кон Драч, но и покрај неколку напади, тој останал во византиски раце. Затоапак, Боемунд презел неколку околни тврдини, како и Арбанон и Дебар. Меѓутоа, овојпат Византијците многу посолидно ја организирале одбраната, раководена од самиот император. Боемунд набргу бил принуден да побара мир, кој бил и склучен на реката Девол во логорот на императорот. Деволскиот договор од 1108 година истовремено значел и крај на кариерата на Боемунд Тарентски, кој се повлекол во Италија и таму умрел во 1111 година.
(извори: М. Бошковски, „Имињата на Македонија и Македонците во средновековните извори“, Скопје, 2003, стр. 120 – 121; Историја на македонскиот народ, Скопје, 1988, стр. 57-58 )

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *