Македонија

Богомил Ѓузел – Крајот на векот

Богомил Ѓузел
КРАЈОТ НА ВЕКОТ

„Си ја заборавил карпата што те родила…“
V Мојсеј; 32,18

Велат, сме го одбиле каменот како божји дар
(место него сме го одбрале Плодот и Падот)
та затоа животот ни е зелен, па зрел и гнил
а не непроменлив и бесмртен
Затоа залудни ни се молитвите
здивот и зборовите наизуст изустени
(дишењето како непрекинато жртвување?)
од говорот – до онемување
Можеби веќе сме внатре во каменот
(во мракот подлабок од мракот надвор)
во громадата и во меѓникот на распаќе
што не фрла сенка ни на пладне
Па однатре гледаме како утки
со очите-искри, молејќи се со молчење
и го прифаќаме Ништото, мостот
врз бездната меѓу нас и Бога
Велат, по нашето Паѓање
и Господ се изгонил себе
се затворил во себе самиот
за да се роди и за да го родиме
А ние само го дувнавме пламенот
не исчезнавме –
се вративме во непостоење
тлееме однатре
 
БИО
Богомил Ѓузел (1939) е македонски поет, есеист, прозен и драмски писател и преведувач.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *