Македонија

Крај на столетието (Зачин од Мандрагора)

(Од книгата, Зачин од Мандрагора, Икон, Скопје, 2000)
Ги отворив очите и веднаш ги затворив. Пак некоја кошмарна слика од моите утрински соништа. Човекот што за миг го видов во собата не беше никој друг, туку Воланд од романот “Мајсторот и Маргарита”. Што ли бара главниот ѓавол во мојава соба?
– Станувај! Дојдов да ти кажам како треба да живееш при крајот на дваесеттото столетие! – ми одговори хор од гласови во собата.
– He ми требаат твоите илузии – му реков без да ги отворам очите.
Ова е тмурно утро, пари немам, се е сиво и безнадежно.
– Малодушник! Ова е “Фен д’сиекл”, како што велат Французите.
Дури е поубаво од крајот на минатиот век. Ех, – воздивна Воланд како да се издишуваат четири автомобилски гуми одеднаш, – тогаш игравме “Кан-кан”, ги гледавме првите филмови, ги критикувавме сликите на симболистите. Сите ресторани беа полни. Шампањското течеше во потоци!
– Шампањското течело и тече на Запад. Да си бил кај нас во тоа време, не би ти помогнало ни што си Главен Шејтан.
Ги отворив очите. Да, тоа беше Воланд. Токму како кај Булгаков:
се ѕвери во мене цинично, со едно зелено и со едно сино око. Баретката му е накривена како во париските денови на Илја Еренбург. Собата, за чудо, блескаше во утринска светлина. Радиото, иако невклучено, трештеше декадентна музика од крајот на минатиот век, а пред малку сврти на “Турски марш”.
– Конечно, сега сте слободни – вели Воланд.
– Слободата претпоставува слобода на движење. He можеме да мрднеме никаде. Се радуваме на новите амбасади, а тие ги отвориле да ни речат:” Сакас виза? Е нема виза!”
– Свртете се кон соседите. Договорете се со балканските државички.
– Е, тоа е најтешкото. Балканските државички се однесуваат како лошо воспитани деца. Секогаш го тепаат помалиот.
– Па бевте и големи. Воланд одеднаш се истопори со маршалска униформа: “Ние сме држава од 6 републики, 5 народи, 4 вери…” – изговори ТОЈ со глас од КОЈ МИ пукна вазната на масата. – Мислам дека ти за цело време ни шепотеше дека големата риба ја јадела малата во таа држава.
– Сакав да и се прилагодите на Европа.
– Па токму во таа фаза се наоѓаме! – извикав радосно. Во време на Револуцијата беа ограбени малкумина од целиот народ, а сега малкумина го ограбуваат целиот народ. Способноста на виделина!
– Браво, така се влегува во Европа – вели Воланд одушевено.
Па ние СМЕ во Европа, само што таа стapa госпоѓа не ги признава своите деца. Некому мајка – некому маќеа. Сè поради светоста на нејзините интереси, – би рекол вујко ми Сем. О, красен нов свету.
– А ти бе, како да си од сите вери надвор – ми вели Воланд
подналутено.
– Па и не е толку лоша опција. Во овој Твој крај на векот насекаде се водат верски војни.
– He мудрувај, туку живеј! Гледај како живее Европа.
– Гледам. Но Европа е покриена со стаклен ѕвонец како во сликите на Хиеронимус Бош. Ни останува само да ги потпираме носовите на него, како деца пред слаткарница.
А кога од неа бараме помош, мама Европа ни вели: “Господ нека ви е напомош”.
Кога го спомнав неговиот конкурент, Воланд првпат си го покажа своето сатанско лице и ја испи живата од термометарот. Во собата завладеа страшен студ. Потоа исчезна во правец на Светската
банка и влезе во една комисија за да ни го загорчи животот.
_________________________________
Владимир Коробар, роден 1945 во Велес, завршил книжевност на Универзитетот во Скопје. Пишува, преведува и црта. Мандрагора или алрауна е човеколико коренче што волшебниците го фрлале во своите врели котли како зачин за нивната магија. Дел од расказите на Владимир Коробар се зачинети со чудесното и фантастичното. Коробар работел како уредник во Македонското Радио, автор е на
повеќе радио-емисии и филмски сценарија. Починал во Скопје.
(Од книгата, Зачин од Мандрагора, Икон, Скопје, 2000)

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *