Македонија

Кој го убил Распутин?

Григориј Распутин, една од најскандалозните и контроверзни личности на руската историја, човекот за чие чудотворство, но и сексуална големина се’ уште се зборуваат легендите, го убила англиската тајна служба МИ-6. Тоа го тврдат авторите на две книги кои деновиве излегоа во Велика Британија. Двајцата автори се повикуваат на документи што ги пронашле во архивите, кои по нивно мислење, не ги користел или внимателно ги анализирал познатиот руски историчар Едвард Раџински, автор на најпознатите книги за Распутин.
Прво историчарот на англиската разузнавачка служба, Мајкл Смит во книга за МИ-6, „копајќи“ по архивите за работата на агентурата во царска Русија во време на Првата светска војна и првите години од советската власт, дојде до сензационални податоци. Во декември 1916 година во Петроград е убиен Григориј Распутин, во организација на МИ-6, а не по приватна иницијатива на кнезот Феликс Јусупов. Досега руските историчари тврдеа дека Распутин е убиен во договор меѓу кнезот Јусупов и членот на руската Дума, Владимир Пуришкевич.
Историчарот Мајкл Смит пронајде во архивата дека британскиот резидент во Петроград, мајор Торнхил, му испратил на својот шеф, Менсфилд Каминг, шифриран извештај во кој го известува дека во руската престолнина се слушаат гласишта дека се подготвуваат или се во тек тајни преговори за мир меѓу Русија и Германија. Наводно, во нив била вклучена и сопругата на Николај Втори, Александра Фјодоровна, која по потекло била Германка. Во таа шифрирана телеграма се оценувало дека еден од главните заговорници Русија да престане да војува бил Григориј Распутин, кој имал многу силно влијание на царицата и нејзиниот маж. Доколку Русија тогаш склучила сепаратен мир со Германија, тоа би било катастрофално за сојузниците на западниот фронт. Тогаш Германците би можеле да ги префрлат своите 70 дивизии од источниот фронт и исходот од војната би бил однапред познат.
Менсфилд Каминг ја известил британската влада за наводните тајни преговори и таа и’ дала задача на разузнавачката служба да направи се’ за да се спречи договор меѓу Русија и Германија. Каминг решил дека треба да се ликвидира Распутин, сметајќи го за идеолог за крајот на војната со Германија. Во Лондон решиле во Петроград да го испратат капетан Освалд Рејнер, со задача да го ликвидира Распутин. Капетанот Освалд Рејнер бил избран бидејќи го знаел рускиот јазик и му бил другар на кнезот Јусупов со кого студирал на Оксфорд. Не е неважно ниту тоа што Јусупов бил бисексуалец, што значи дека не бил рамнодушен ни кон жените ниту кон мажите. Публицистот Ричард Кален вели дека не е исклучено дека Рејнер и Јусупов имале сексуална врска за време на студиите во Оксфорд.
По доаѓањето во Петербург, Рејнер направил план за ликвидација. Во една вила била организирана вечера на која, освен освен кнезот Јусупов, како и роднина на царот Дмитриј Павлович и Владимир Пуришкевич, кои не го сакале Григориј Распутин, биле присутни уште неколку луѓе. Не знаејќи за заговорот, дошол и Григориј Распутин, кого британските разузнавачи го воделе во своите извештаи под името „темна сила“. Прво го напиле, а потоа го измачувале, поставувајќи му прашања околу тајните преговори со Германија. Тој ништо не им кажал. Потоа, Јусупов и Пуришкевич пукале во Распутин. Меѓутоа, Распутин е убиен од пиштол марка „455 вебли“, кој го имале само офицерите на британската армија. Во Петербург имал таков пиштол само капетан Освалд Рејнер. По убиството, Распутин го врзале и фрлиле во реката Мала Невка.
Подоцна се покажа дека Русија не водела никакви сепаратни преговори со Германците и дека Распутин немал никаква врска со тоа.
Друга книга под наслов „Распутин“ напиша Ричард Кален, детектив со 30-годишен стаж. Тој сега работи во Министерството за правда на Велика Британија. Кален, како соработник на Скотланд јард, во 90-тите години почнал да доаѓа во Москва и Петербург, каде што ги обучувал курсистите на Петербуршкиот универзитет од Министерството за внатрешни работи. Кога се спријателил со домаќините, тие му овозможиле да ги разгледа архивите. Потоа, во 2004 година, продуцентите од Би-Би-Си, кои го снимале филмот „Како е убиен Распутин“, го замолиле како експерт да даде своја верзија. Уште тогаш Кален, врз основа на документите, тврдел дека официјалната верзија за убиството на Распутин не е точна. Во „старецот“, односно Распутин, „како контролен истрел“ последен пукал професионален убиец. На телото на Распутин имало три рани од куршуми од три различни калибри. Јусупов пукал од пиштол „браунинг“ и го погодил Григориј во градниот кош. Со вториот куршум Пуришкевич од „саваж“ го погодил старецот в грб, и му го повредил десниот бубрег. Наводно, Распутин се обидел да побегне. Третиот истрел бил испукан во чело, од револвер „455 веблин“, што го имал тогаш само британски офицер.
Интересно е дека обвинетите на суд признале дека сакале да го отрујат Распутин, но калиум цијанидот, наводно, не дејствувал, иако било користено количество „кое би убило слон“.
Подготвувајќи ја книгата, Кален разговарал со ќерката на Џон Скејл, кој во времето на убиството раководел со резидентурата во Петербург. Иако госпоѓа Скејл има повеќе од 90 години, таа убаво се сеќава дека нејзиниот татко не криел дека бил учесник во заговорот против Распутин.
Се наметнува прашањето зошто Русите кои учествувале во убиството на Распутин прикривале дека во таа акција учествувал и Англичанец. Публицистот и полицаец Кален смета дека Јусупов и Пуришкевич сакале да се претстават како спасители на Русија, а доколку соопштиле за трагата на британската разузнавачка служба, тоа можело да им наштети на нивниот углед. И навистина, по убиството на Распутин, кнезот Јусупов и членот на Думата, Пуришкевич, многумина ги сметаа за херои.
Рускиот историчар Едвард Раџински, кој пишувал за Распутин, не сака да ги коментира најновите британски книги за смртта на „темната сила“. Веројатно Раџински е навреден поради тоа што, на пример, Ричард Кален тврди дека рускиот историчар „апсолутно некритички се однесувал кон кажувањето на учесниците во убиството“. Излегува дека Раџински само го препишал она што веќе било напишано, а не се занимавал со истражување.
Таинствена фигура
Григориј Распутин се’ уште е една од најтаинствените фигури на руската историја на 20 век. Некои го сметале за чудотворец, човек кој можел да лечи, а други гледале во него ѓавол со неверојатна способност да хипнотизира. Истовремено, многумина тврдеа дека Гриша е обичен шарлатан. Иако за него се напишани многу книги и се снимени филмови, и понатаму постои голем интерес кој бил навистина брадестиот човек „убиен на 16 декември во 1916 година“. Како е убиен Григориј опишувале во мемоарите и кнезот Феликс Јусупов и парламентарецот Владимир Пуришкевич, кои признале дека го ликвидирале Распутин.
извор – Утрински весник 08.10.2010

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *