Превземено

Христијанскиот календар е заснован на погрешно сметање

Целиот христијански календар е заснован на погрешно сметање, тврди папата Бенедикт Шеснаесетти во својата нова книга, во која истакнува дека Исус Христос е роден неколку години порано отколку што се сметало. Поглаварот на Римокатоличката црква во својата книга отвора дебата за местото на раѓање на Исус, објави британскиот весник Дејли Телеграф”.

извор: Вечер
– Грешката од неколку години ја направил монахот Дионисиј Ексигус при сметањето на почетокот на нашиот календар, кој се заснова на раѓањето на Исус Христос, пишува 85-годишниот папа во книгата “Исус од Назарет: Приказна за детството”, која е објавена завчера и чиј прв тираж е распродаден во повеќе милиони примероци.
Тој додава дека датумот на раѓање на Исус Христос всушност е неколку години порано. Ваквите тврдења не се нови, бидејќи многу историчари веруваат дека Исус е роден меѓу 7. и 2. година пред новата ера. Меѓутоа, фактот дека папата Бенедикт Шеснаесетти го доведува во прашање камен-темелникот на христијанската традиција е навистина изненадувачки.
Се смета дека Дионисиј Ексигус, кој е роден во источна Европа, е создавач на модерниот календар и концептот “лето господово”. Тој создал нов систем, кој со еден дел би се одвоил од календарот што се користел тогаш, кој би се засновал на годините од владеењето на римскиот цар Диоклецијан. Царот Диоклецијан ги протерал христијаните, па постоела добра причина да биде “протеран” од системот на датирање во корист на некој што бил инспириран со раѓањето на Исус Христос.
Како точно Дионисиј ја пресметал годината на раѓање на Исус не е јасно, а ставот на папата дека згрешил го делат многу научници. Во Библијата не се прецизира датумот на раѓање на Исус. Наместо тоа, монахот ги засновал своите сметања на нејасни референци за годините на Исус Христос на почетокот на неговата мисија и на фактот дека е крстен во време на владеењето на царот Тибериус.
Меѓутоа, датумот не е единствената контроверзија за која папата полемизира во својата книга. Тој тврди дека наспроти традиционалниот приказ, во време на раѓањето на Исус Христос немало магаре, ниту бик, ниту кое било друго животно. Бенедикт Шеснаесетти отвора дебата и за местото на раѓање на Исус, отфрлајќи ги аргументите на некои научници дека е роден во Назарет, а не во Витлеем.
Џон Бартон, експерт за толкување свети текстови од Универзитетот Оксфорд, вели и дека идејата дека Исус Христос е роден на 25 декември, исто така, не се заснова врз историски факт, а ние дури и не знаеме во кое годишно време е роден. Целата идеја неговиот роденден да се прославува во најтемниот дел од годината, веројатно, е поврзана со паганската традиција за зимски солстициј, заклучува Бартон.

 
 
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *