Македонија

Како настана „македонското прашање“?

Последната војна на Русија против Османлиското Царство (1877-1878), која доведе до Берлинскиот конгрес, изби поради Бугарија, која од Русија беше избрана за штитеник и отскочна штица.
На Конгресот, Србија, Романија и Црна Гора беа признаени за независни држави, а Бугарија остана со својот статус на автономија. Босна и Херцеговина потпадна под австриска окупација и управа. (Албанија и Епир и без тоа останаа во Османлиското Царство). Наспроти ова, Македонија и Тракија, кои исто така беа ослободени, под притисок на Англија и Австрија и беа вратени на Турција.
Со ова настана македонското прашање.
Но, настана и нешто друго: Виктор Мајер пишува дека со враќањето на Македонија на Турција по Берлинскиот конгрес „се појавија посебна политичка судбина и посебни интереси“. Поради ова последователно мораше „да се развие политичкиот идентитет. Сите жители на Македонија, со исклучок на Турците, во најмала рака сакаа автономија“.
Авторот, од актите и литературата, доби впечаток дека и претходно постоел културен и етнички идентитет; како поинаку може да се објаснат многубројните востанија против Турците во изминатите векови. Со Мајер сме потполно согласни дека селективното оштетување на Македонија на Берлинскиот конгрес водеше до еден момент на пресврт во самата македонска историја и со неа и до еден, во споредба со другите балкански држави, поинаков, небаре со еден крстопат одвоен развиток и со тоа всушност мора да го зајакнало политичкото идентификување на Македонците со својата народност.
Како прв знак за овој поразвиен идентитет може да се посочи повторното македонско востание, кое изби во Кресна 5./17.10.1878 година, бидејќи со измената на обврските на Турција со членот 23 од Берлинскиот договор повторно изостанаа реформи и постепена автономија за Македонија. (Ѓорѓи Стојчевски тука го наведува и востанието во Разлог од 8.11.1878 година). Востанието опстана до 6.6.1879 година, но мораше да биде прекинато поради недостиг од помош, на која се надеваа од странство (читај: Русија), која, нормално, изостана.
Коцката за Македонија одамна беше фрлена.
Овде мора да се вметне појаснувањето на член 23 од Берлинскиот договор:
Првиот пасус од овој член се однесува за подобрувањето на статусот на островот Крит и неговите жители, донесен 10 години претходно, и тоа со следниве зборови: „Високата порта се обврзува да го спроведе органското уредување од 1868 година на островот Крит“.
Овој закон од 1868 година одреди самоуправа на Крит. Тоа што новиот текст само го повтори стариот е јасен доказ дека Турција – како и вообичаено – ниту најмалку не се потрудила да ги исполни своите тогаш прифатени обврски и да ги спроведе прописите.
Во вториот пасус од член 23, врз база на овој закон, се наведува: „Аналогно на ова, треба да се спроведат соодветни решенија во поглед на локалните овластувања и во останатите делови на европска Турција за кои според сегашниот договор не е предвидена посебна организација“.
На овие „останати делови“ припаѓаа и Македонија и Тракија.
Дали, можеби, династичките интриги од заднина навреме беа поставиле пречки со нејасна формулација „останатите делови“ да се спречи појавувањето на овие две имиња, со што не би се јавила ниту помислата за нивната автономија?
Во член 15 на прелиминарниот мировен договор (претходник на член 23), кој Русија го склучи со Османлиското царство во Сан Стефано, други две области во европска Турција (значи од „останатите делови“) сепак беа именувани, имено, Епир и Тесалија.
Сосема нормално – бидејќи Атина јавно ги изјави своите претензии кон нив.
Навистина неразбирливо како е можно, и покрај сето познавање на работите на државниците на христијанска Европа собрани во Берлин, да се превиди грешка со ваква тежина, која доведе до трагични компликации во развојот на Македонија и Тракија.
Или можеби уште тогаш некоја династичка режија, предвидувачки и плански, го имаше редактирано текстот? Доколку оваа претпоставка е точна тогаш денешните грчки интриги имаат долга традиција, и продолжувањето на бесконечниот притисок со наметнување на провизорното име за Република Македонија од 1992 година би ги имало за урнек тогашните настани.
Фон Мах вака ги опишува последиците: „Високата порта во суштина ништо не стори за да ги исполни обврските дури уште повеќе го стегна јаремот на рајата. Колку и да се говореше за реформи, ништо не се случуваше. Причината е сосема јасна, Високата порта се плашеше дека со една полуавтономна земја ќе создаде преодна форма, кожурок, од кој набрзо ќе се оформи автономна ларва и на крај самостојна пеперутка, која нема да плаќа ни данок.
Така се наоѓа и објаснувањето зошто разочараноста и огорченоста на Македонците за – исто како и на Крит – неисполнетото ветување „за свечено пропишаната рамноправност на христијанското население“ доведува до избивање на ново востание.
Одлуките против Беровски во Санкт Петербург и против Македонија на Берлинскиот конгрес неискажливо го отежнаа развојот на Македонија до Илинденското востание во 1903 година и до Балканските војни 1912/13 година, па и подоцна, се до здобивањето со статус на рамноправна република во рамките на СФРЈ и до потполна независност во 1991 година.
Судбината на другите народи беше уште потрагична. Таа им беше запечатена. Тракија и Епир исчезнаа; првата беше поделена меѓу Грција и Турција, а втората меѓу Грција и Албанија.
Според тоа, обидот на Македонците да се предизвика интервенција од Големите сили, а првенствено од Русија, со употреба на веќе испробаната стратегија, т.е. со истрајувањето на востанието, како и со објавувањето на високиот број христијански жртви, беше неуспешен. Целосно исцрпена и без можност да се брани, Македонија постана вакуум простор без политичка власт и, како таква, мошне атрактивна цел на соседите алчни за територии.
По пресвртот од 1990 година, авторот, за разлика од многубројните манифестации на големото македонско малцинство во грција и во Бугарија, нема регистрирано ниеден знак од Тракијците. Ова не беше случај на крајот од 19 век, бидејќи Јута де Јонг меѓу другото ги посочува и „тракиските напори за ослободување“.
Меѓународната заедница не смее да дозволи неправдите од империјалистичко време да се повторат и во 21 век.
Ханс -Лотар Штепан

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *