Македонија

Поимот "град" во словенските jазици и во пишани документи


1. Предмет на истражувањето. Поимот „град” во словенските јазици и во пишани документи. Грчка и латинска терминологија. Категории на укрепени места.
Зборот „град” кај јужнословенските народи, „грод” кај Полјаците, „храд” кај Чесите и Словаците, „город” кај Русите итн. има исто, средновековно потекло и означува место за живеење обградено со одбранбен ѕид. Средновековните пишани документи спомнуваат цела низа вакви градови, за кои ние денес честопати и не знаеме каде стоеле или како изгледале. Нас не збунува и нивната бројност во споредба со денешните градови. Ова предизвикува оправдана љубопитност како кај учените така и кај обичните луѓе, бидејќи веруваме дека еден град (во нашата претстава) не може туку така да исчезне.
Одговорот на оваа загатка лежи во фактот што средновековните „градови” најчесто биле мали крепости, а во текот на времето само некои од нив израснале во градчиња или градови (според нашето денешно сфаќање) — со подградија во кои живеело цивилно население. Тука имало станбени и стопански градби, пазаришта, цркви и друго.
Старите градови претставуваат за нас денес скапоцени извори, не само за проучување на историјата, туку и на градежништвото и урбанизмот, на социолошките и другите феномени врзани за населението во нив. Тие претставувале највисок дострел на живеењето во тие времиња. Градовите секогаш имале големо значење во еден регион и пошироко. Државната цивилна и воена управа била распоредена во градовите (како впрочем и денес) и тие биле синоним за самата држава.
Покрај градовите како големи населби, регионални стопански и управни средишта, ние спомнавме и помали крепости кои во тоа време биле одбележани со истиот термин, „град”. Ние денес за нив создадовме повеќе називи со појасна дефиниција. Ги одбележуваме како крајпатни или високи стражи, како руднички или гранични тврдини, како феудални замоци, укрепени села или збегови. Сите тие имаат еден заеднички белег што ги поврзува во иста категорија; тоа е обѕидието. [*] Ние денес тргнуваме токму од тоа обѕидие кое е cѐ уште добро видливо на теренот. Тоа е периметарот на некогашниот „град”. Го премеруваме укрепениот простор и создаваме негов план со сите видливи траги од градби, улици и други елементи во него. Кон ова се приклучува анализата на движните археолошки предмети најдени на тој простор, како и остатоците надвор од него (гробиштата, црквите и др.). Благодарение на сето ова ние за прв пат можеме да ги препознаеме тие места и да ги класифицираме во функционална смисла во некоја од категориите што погоре ги наброивме.
Нашите мали укрепени места — стражи и збегови немале плански градена внатрешност. Во нив најчесто стоеле само неколку станбени објекти за привремено или постојано живеење на неколку стражари. Тие биле градени од дрво. Поретко се среќаваат цврсто градени магацини за воени потреби или за чување на рудничката опрема, суровини и друга стока. Некоја од крепостите има и цистерна за вода (дождовница) или црква. За некои од нив документите молчат, а нивните имиња стигнале до нас единствено преку народното предание. Така слушаме за Будинград, Деволград, град Тиквеш, Девич, Соколец, Жеглигово, Стена, Дервен, Растеш, Иж и др.
Наспроти словенските документи во кои сите тие места се одбележани со името „град”, грчките и латинските извори попрецизно го определуваат карактерот на укрепените места. Ознаката πολις / civitas ce однесува на најзначајните градови — епископски седишта. Ознаката καστρον / castrum ce однесува на градови со помал обем или од понизок ранг. Во нив, обично, не престојувал епископ. [1] Нашите кастрони се потврдени како епископски и како енориски средишта, во кои престојувале или епископите или нивните намесници. Како второ име за кастрон се јавува поретко и името municipium. Двата називи, еден по друг, ги употребил Вилхелм Тирски во описот на безимената населба на еретиците што крстоносците ја освоиле и ја изгореле во 1096 година. Се наоѓала во областа (pagus, provincia) Пелагонија [2].
*. Во книгава го користиме овој стручен израз наместо вообичаеното „ѕид, ѕидишта, бедем” кои имаат или општо или друго специфично значење. Обѕидието (најблизок е германскиот „Ummauerung”) го означува ѕидот околу утврдениот простор, зајакнат со кули и потпори, ровови, предѕид и други фортификациони елементи.
 1. С. Антољак 1985, 1, 841. 
2. Истиот 779. — Латински извори III, 192.
Во западните документи се појавува и ознаката oppidum и suburbium како назив за населба или дел од неа надвор од градските ѕидови. Адекватен грчки термин е εμποριον. Емпорионите биле неукрепени, а со време некои од нив се здобивале со послабо обѕидие. Таков бил на пример Охрид, спомнат во настаните од 11. век и подоцна.
Φρουριον или castellum претставува воено упориште, крепост, тврдина. За малите крепости стража е соодветното име. Тврдините стоеле околу градовите на стратешки значајни точки или покрај позначајните рудници, на планинските премини, на границата и др. Едната половина од укрепените места прикажани во оваа книга се тврдини; нивниот број е несомнено далеку поголем, меѓутоа тие се од второстепено значење за нас и поради тоа слабо истражувани. Ако ги споредиме со доцноантичките тврдини кои се максимално истражени, може да очекуваме и бројката на средновековните крепости да се зголеми неколку пати.
2. Географски и временски рамки на темата
Географските рамки на оваа студија се совпаѓаат со границите на денешна Република Македонија. Не располагаме со потполна теренска граѓа (извештаи, техничка документација, планови и др.) за средновековните укрепени места кои стоеле во јужните и најисточните делови на географскиот простор на Македонија. Поради тоа, се ограничивме на просторот на нашата Република.
Средновековието кај нас опфаќа време долго еден милениум: од доселувањето на Словените на Јужниот Балкан (крајот на 6.—7. век) до во турскиот период (16. век). Меѓутоа турскиот период по многу нешта е специфичен и јасно се издвојува од претходните векови, особено во рамките на нашите истражувања. Затоа темата ќе ја завршиме со доаѓањето на Турците во Македонија кон крајот на 14. век. Како епилог на ова ќе додадеме и еден кус осврт на она што се случило по турската окупација.
Од друга страна 6. век претставува кулминација на доцноантичката цивилизација, а тоа се однесува и на фортификационото градителство кое што нас директно не засега. За жал, овие вредности не се словенски. Словените ќе се обидат да ги уништат. Но, и покрај тоа останале многу нешта кои Словените со векови ги внесуваат во своето секојдневие; и покрај длабокиот антагонизам кон автохтоните и автохтоното тие во голема мера ќе се елинизираат.
Поради горе изнесеното мораме како вовед во словенското средновековие да направиме осврт на градежништвото од крајот на антиката бидејќи ова културно наследство било исползувано од Словените во периодот на средниот век. Од ромејските градби најмаркантни биле тврдините. Повеќе стотини вакви силни градби, чии што обѕидија ги издржале првите словенски јуриши и останале напуштени но добро запазени низ средновековието, барале минимални крпења или надѕидувања на оштетените места за да послужат низ следните векови за новите потреби. Дури во доцниот среден век новите властодршци ќе почнат да градат нови крепости, чиешто ѕидарство има поинакви белези од доцноантичкото. За ова ќе зборуваме поопширно натаму во книгата.
3. Досегашни истражувања
Во Западна и во Средна Европа средновековните тврдини, градовите и замоци идентификувани се на теренот, истражувани се и целосно се документирани во последните две столетија, а некои уште порано. Основани се стотици граѓански здруженија за нивно одржување и популаризација. Со нив се поврзани локалните и често легендарни историски настани. Овие објекти егзистираат денес како локални туристички атракции, обоени со романтика, отргнати од заборавот и заштитени од забот на времето. Во меѓувреме е создадена и многу обемна литература за нив, како научна и популарна, така и за туристичките потреби.
Кај нас ваквите места не се доволно истражувани. Народното предание наместа кажува некој значаен настан или личност од легендите, врзани за старите крепости. Стручни археолошки ископувања биле водени само на мал број локалитети, на оние најзначајните. Сепак, за нив е недоволно пишувано. 
Пред половина век познатиот белградски историчар на архитектурата А. Дероко, инаку родум од Скопје, напишал прва книга за средновековните градови во Србија, Црна Гора и Македонија (1950, 1—213). Ја напишал без научни претензии, без стилско, типолошко и временско вреднување на градбите. Само 3 града од Македонија се застапени со планови и малку текст. Овој автор му посветил на Скопје и еден одделен труд, богато илустриран. Тој произлегол по обемните ископувања на скопското Кале во 1967 г. (1971, 1—16). За жал, и тука не е кажано cи што можело и што требало да се рече.
Во 1963 г. М. Јовановиќ објавува кус приказ на средновековните тврдини во Штип и во Струмица, со крајно шематизирани планови без детали и легенди (1961, 103—105). Во 1956 г. Ѓ. Бошковиќ дал исцрпен приказ на Маркови Кули во Варош-Прилеп, проследен со добра скица на крепоста (1956, 63—104).
Во поново време авторот на книгава им посвети внимание на десет средновековни градови во Македонија, работејќи главно на идентификацијата, премерот и техничкото снимање на античките градови и крепости на овие простори. Така се појавија прикази на градовите Тиквеш (1971, 269—285 и 1975, 190—191), потоа на Луковица кај Каменица (1975, 122—130), Девол во Раец (1983, 211—218), Велес (1985, 83—100), Чрешче (1987, 149—160), Просек (1990, 65—88). Во книгата за старо Скопје покрај приказот на средновековниот Горни Град (1982, 118—127) следат и оптимални информации со планиметрии на Чрнче (45—53 и 129—133), на Кожле (133—135), Собри (135—138) и на крепоста кај Малчиште — Маркова Сушица (92—95, само доцноантичка фаза). Наведените прикази со скратувања и мали исправки ги претставуваме и на ова место.
Од теренските археолошки ископувања како најмаркантни ќе ги наброиме оние на Скопското Кале (1967 г.), во тврдината Маркови Кули на Водно крај Скопје (град Чрнче; 1976—1980); На Маркови Кули и во Варош Прилеп (повеќе од три децении); на крајпатниот кастел во Дебреште кај Прилеп (исто толку време); во Хераклеја крај Битола и на Кале кај Раштани, каде е барана средновековна Битола (1980—81, 1994); во Чебрен и Манастир во Мориово (1981, 1990). Повеќе години е истражуван и островот Голем Град во Преспа. Извештаите од сите овие ископувања се наведени во Прегледот (гл. VII), покрај секој соодветен локалитет. Тука не ги повторуваме за да не се оптовари книгата. 
Во последните години излезе од печат книгата на Е. Манева (1992 , 1—280) за средновековниот накит во Македонија. Вредноста на книгава за нашата студија ја гледаме пред cи, во егзактната типологија и хронологијата на обработените форми накит. Овој накит е наоѓан и во нашите крепости и ни пружа сигурна потпора во датирањето на истите. Освен тоа, во каталошкиот дел (н. д., 113—240) е даден и осврт на карактерот на наоѓалиштата, меѓу нив и на низа градови кои што тука ги обработуваме.
Ова беа истражувањата на материјалните остатоци од средниот век. Наспроти нив треба да спомнеме и некои истражувачи на пишани документи од тоа време како и нивните обиди за теренското локализирање на старите тврдини. Со тоа тие се поврзуваат со нашата студија. Во периодот од преку 3 децении Т. Томоски им посвети низа статии на средновековните градови и тврдини во Македонија обидувајќи се да ги посочи на теренот. При тоа како патоказ му служеле, како постарите пишувања на иста тема, така и топонимијата на теренот. Заведен од големиот број локалитети со име Градиште, Кале, Хисар (а ги има преку 400!), Томоски во повеќето од нив замислувал некој средновековен град. За жал немаше право. Тоа се главно антички укрепени места, датирани со движен археолошки материјал во пред-словенско време. Томоски не се потпираше на материјалните остатоци, бидејќи не ги познаваше и не им веруваше.
Поради ова некои од неговите замислени локации можат да се прифатат само во општи и широки рамки додека најголемиот дел од нив немаат докази. Неговите статии се цитирани во Прегледот, поврзани се со соодветните локалитети за да може читателот да ги спореди со материјалните докази. Наведени се и во библиографијата на крајот од книгава.
Во 1989 г. излезе од печат книгата на В. Кравари од Јанина (на француски) за средновековните места во западна Македонија, а забележани во пишаните документи. Школувана во Франција, авторката ја владее современата европска методологија и во концизен стил дава јадровити информации за секое обработено место без непотребни коментари и со одлично систематизирани извори (и за ранотурскиот период), што се одбележани со единствена светска номенклатура. Бидејќи во книгава се наведени и низа крепости што ние ги прикажуваме, ги цитираме овие информации според В. Кравари.
За населените места во Македонија во ранотурскиот период (15. и 16. век), меѓу нив и за оние со градски белези, пишуваше главно А. Стојановски (1971, 1979). Овие податоци, земени од службените пописни дефтери од тоа време, ги користиме во завршната глава за градовите во Македонија.
4. Наши истражувања: обем и методи
Истражувањата што јас ги водев и кои се изложени во книгава произлегоа од истражувањата на доцноантичките фортификации во Македонија. При тие истражувања, на низа укрепени места од 4.— 6. век покрај доцноантичките движни наоди евидентиравме и предмети од средниот век. На тие локалитети немало средновековни градски ѕидини, што значи дека античките обѕидија и по словенските миграции останале во добра состојба и тие биле повторно користени во средновековието. Бројот на ваквите локалитети нараснал до околу 70, така што стана јасно дека ова не се исклучоци. На тој начин откривме и каде се криеше најголемиот број наши средновековни крепости. бидејќи во Македонија биле пред тоа познати одвај 10-ина тврдини со подобро запазено средновековно ѕидање.
Втората причина за ова „исчезнување” ја гледаме во фактот дека средновековното ѕидање е многу послабо од доцноантичкото. Освен тоа, спомнатите запазени ѕидини потекнуваат од доцниот среден век (13. и главно 14. век а и подоцна), а ние ништо не знаевме за она што постоело пред тоа (7. —13. век). Доцносредновековните обѕидија со кули, порти и други елементи имаат карактеристични форми и начин на градење кои мошне се разликуваат од античките. Тие и биле глобално познати на нашата стручна јавност и датирани во широките рамки на средниот век. Нивното попрецизно типолошко распределување и временско определување никој досега не го извршил, така што и таа задача ни беше наложена за решавање.
Во книгава се опфатени 80 укрепени места од кои 32 претставувале регионални средишта, 14 руднички крепости, 26 крајпатни, регионални или гранични стражи и 8 збегови. Идните истражувачи во оваа област можат да откријат уште голем број мали крепости — стражи и збегови и нивниот број може повеќепати да се зголеми. Нашите истражувања претставуваат почет-ни чекори во таа насока. Меѓутоа, речиси сите регионални средишта се откриени.
Бројката од 32 средишта треба да ја намалиме за неколку примери, во случаите каде што во истиот регион постоеле прво едно средиште, а по некое време (поради изменетите историски услови) израснало друго. Така, на Брегалница наместо Равен израснал Мородвис; во Полозите наместо Градец и Лешок — Собри; во Мориово наместо Морихово — Чемрен; во Тиквешијата наместо Девол — Тиквеш. На тој начин ќе ја добиеме реалната бројка од 27 центри на исто толку жупи, што постоеле на овие простори.
Толку општински стопански средишта постојат, впрочем, и денес, ако тука не ги сметаме оние политички исфорсирани општини што како вишок се појавуваат во државата (Виница покрај Кочани, Валандово покрај Гевгелија, Кратово покрај Пробиштип — или обратно, Демир Хисар покрај Битола).
Идентификацијата на средновековните регионални центри не била тешка работа. Во голем број од нив лежат корените на денешните општински центри. Другите исчезнале, но останале топонимите и забелешките во документите од тоа време. Археолошки гледано, тие отскокнуваат од останатите крепости по својата големина или по богатството на остатоците.
Најголемите (или најзначајните) средновековни центри биле по обем кастрони — седишта на епископи (Скопје, Битола, Охрид, Струмица, Мородвис); по нив следуваат помалите кастрони — енориските центри: Луково, Принип; Козјак, Славиште, Луковица; Радовиш, Конче; Просек, Морихово; Велес, Прилеп; Кичево, Преспа; Лешок). Некои од нив останале мали по обем, но документите ги бележат: Градец, Дебреште, Пијанец?, Малешево? Некои од овие регионални средишта останале анонимни, а имињата се сочувани во народното предание; Жеглигово, Собри, Девич, Девол, Тиквеш. Другите биле првобитно помали тврдини или села, а со време израснале како центри на микро-региони и добиле поголемо значење (Дебрица, Железнец, Алавандово, Тиквеш, Штип).
Овие промени ќе продолжат и низ турскиот период, кога повеќе од средновековните градчиња ќе бидат напуштени, а на нивно место сукцесивно доаѓаат нови и нови регионални центри — Струга, Дебар, Тетово, Кавадарци, Куманово, Кратово, Кочани, Дојран и др. Секој град или гратче растеле во поинакви услови и околности, здобивајќи се со определени специфичности и ние денес не лесно ги пронаоѓаме оние заеднички нешта, што некогаш ги поврзувале овие градови и им давале насоки во нивниот развој, изглед, структура и во убавината да се живее во нив.

Средновековни градови и тврдини во Македонија – вовед

Иван Микулчиќ

(Македонска академија на науките и уметностите — Скопје, 1996)


Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *