Зад него се 11 поетски книги, пет албуми со „Ла Колони Волвокс“, албум со „Клержо“, албум со песни за македонските војводи, илјадници настапи со „Банкрот блуз бенд“. Но, го снема. По долго време одбивање да дава интервјуа, реши да прифати.
Ако сакаш да го најдеш, ќе го најдеш само в понеделник, на ноќна програма на Радио Скопје, ќе му го прочиташ името на рафтовите со македонски изданија во некоја продавница за музика или, ако имаш среќа, ќе начекаш некој од неговите ретки настапи со дружината што тек-тук се случуваат низ годините. Разговараме за музиката, за поезијата.
Долго време одбива да дава интервјуа, а кога решава да ги даде, претпочита разговорот да има барем некаков повод. Додека разговарате со него, како и секогаш, ќе чуете многу референци, цитати и шеговити забелешки, често на своја сметка, кои ќе ви помогнат да откриете нови длабочини на поентите што ви ги кажува. И да ви запне некаде разговорот, во некој ќор-сокак, таквите спонтани алатки отвораат нови идеи, кои ја оправдуваат стратегијата да се остави интервјуто да тече спонтано за да сѐ улови што повеќе од кажаното, потпомогнати од неговата мајсторска дикција.
Од емисијата на Радио Скопје јасно се насетува дека и понатаму трага по тајните на „духовните концепти со отворен код“ – учи и кај дервишите и кај богомилите и кај долгогодишните пријатели од Центарот за свесност на Кришна. Но, како што дознавме од разговорот, сè повеќе учи од неговите помлади пријатели-креативци, од неговите деца Јана и Александар.
Едно време беше сеприсутен… со свирење, групи, поезија… на што подоцна се надгради присуството на радиоемисија, која е невидена појава во македонскиот етер од осамостојувањето наваму, во смисла на загатнување и на одгатнување теми што се многу над поставените стандарди, ако се тоа воопшто стандарди… во смисла, понирање во длабочини, а истовремено да кореспондира со сегашноста. Кај некој што те набљудува сево ова време, се случуваат две изненадувања. Одеднаш Гиш го снема. Ако едно време беше присутен во рубриките за забава, во Изборот за песна за „Евровизија“ (слушајќи, се смее..), ако едно време секаде можевме да те видиме со групите – „Клержо“, „Банкрот блуз бенд“… – реши да се повлечеш, одбиваше интервјуа, а единствениот начин човек да те следи беше радиото.
Гиш: Да, радиото е, во суштина, еден етеричен и езотеричен медиум. Наспроти телевизијата, која е студен, радиото е топол медиум и слушателот комуницира со гласот, со интонативната структура на мислата на модераторот, на водителот на тие програми и е многу поблагородно да работиш на радио отколку да си експониран со фацата како некое лого на Енди Ворхол, на конзерва за супа.
Кога ја сфатив прикаската за вистината и за вистинитоста, ми стана јасно што е, всушност, симулакрумот. Луѓето цело време сакаат да гледаат симулации, а не вистини. Тоа е негативниот аспект на ултрадинамичното секојдневие и совремие, кое е инстант-карма. Инстант-карма е термин што го инаугурираше Џон Ленон велејќи дека сè што гледаш, те прави уште повеќе да гледаш, а Турците имаат еден израз кој вели „ач ѓоз“ – алчно око. Ако го ставиш на едната страна на вагата окото, а на другата страна Земјината топка – ќе претежне окото. Зашто човечкото око е безгранично. Што повеќе гледа, толку повеќе сака. Што повеќе сака, ако не го оствари тоа што го сака, влегува во ситуација на гнев и – нема ништо пострашно на светов од незадоволен човек, особено од човек што е незадоволен од самиот себе… Сега го практикувам принципот и рецептурата на Џони Штулиќ – distant karma… Тебе лага, мене вистина.
Од многу гледање, на човек му се расипува диоптерот. Дифузното зјапање и фокусираното ѕеркање се сосема различни термини. Значи, ѕеркањето е една внатрешна, духовна димензија и од таму доаѓа ѕерк’в или церков. Кога ќе влезеш в црква, значи, треба да се созерцаш, не само да гледаш во сликите – иконоте и фреските, туку, гледајќи во очите на Пантократорот, да се огледаш себеси, да созерцаш, низ клучалката на сопственото срце, како што вели свети Григориј Палама.
Што е тоа „тебе лага, мене вистина“?
Гиш: Е, сега ќе ти кажам една дервишка прикаска, што сум ја чул од еден мој побратим:
Едно време си живеел еден налбант, божествен лудак или јуродив, кој на секое претенциозно нагласување на вистината дрско одговарал: Јалан! – демек, лага е. Еднаш во ковачницата му дошол еден јабанџија да му го поткое коњот. И, додека ковачот јуродив си ја вршел работата, од блиската џамија се зачул мујезинот, кој учел езан (молитва). Јуродивиот ковач, како од топ извикал: Пу, јалан! (Лага е!). Избезумен јабанџијата го укорил велејќи му: Ако е лага, дедер, ти кажи ја вистината. Ковачот се качил на наковалната и ја запеал молитвата со неверојатен глас. И наеднаш наковалната се истопила под неговите нозе. Јабанџијата, гледајќи го тоа, паднал поколенум пред ковачот, ословувајќи го со „пророк“ и „светец“. На тоа ковачот повторно одбрусил: Јалан! Лага е! Фрапираниот туѓинец го прашал: Како лага? – та наковалната се истопи! На тоа јуродивиот му одговорил: „Да беше вистина, немаше да се истопи наковалната. Ќе се истопев јас“. Тебе лага, мене вистина.
Минатата година се случи нешто што сериозно нè подзапре да помислиме на тебе, албумот „АЕИОУ“ на „Ла Колони Волвокс“, со кој ја претставувавте Македонија во Марибор, европска престолнина на културата за 2012 година. Прилично едноставно, но, истовремено, длабоко загадочно име…
Гиш: За „АЕИОУ“, би можел да зборувам многу. Во трендот кога сите се занимаваа со „world music“, со еврејската музика, во европски и во светски рамки, патувајќи по јужна Франција, каде што бев на една поетска средба, во едно гратче, Лодева, запознав едни прекрасни луѓе, кои, буквално, ми ги потврдија моите претпоставки и насетувања во контекст на таа генеричка врска меѓу македонско-францускиот средновековен андерграунд, ставен во контекст на музиката, уметноста, театарот и трубадурско-скомрашките тајфи што оделе и ја ослободувале масата од стегите на тогашната ултимативна клерикална матрица, која била, жестока. Тоа било херојски подвиг – да се пее за љубовта, за човечката слобода, за човечката глупост – да се ругаат на човечката глупост. Таквите песни, богомилите, трубарите, скомрахите.. ги нарекувале ругалици. Да се ругаш значи да се потсмеваш. Но, руга, на албански, на италијански, на француски, значи пат, што е од истиот латински корен, руе. Значи, песни од улицата, песни што се правени по пат, еден таков тип на саркастично, сентиментално и метафизичко творештво.
Интересно беше што сретнав луѓе, нови трубадури, што се занимаваат со тоа, кои многу ме инспирираа. Слушам едни типчиња, тројка од јужна Франција, од Монпелје, кои свиреа во џез-варијанта македонски и бугарски мелодиски реченици, и на нив пееја песни на окситански (јазик, н.з.), од трубадурите. Гледам и не ми се верува. Почнав да им тропам, на чаши, и да пеам „Една еребица“.. И, се најдовме. Подоцна почнавме да се дружиме со мојот драг пријател и учител, Теодоси Спасов, кој, исто така, ме воведе во едни многу суптилни димензии на музиката, музичкото творештво и на спиритуализмот инкорпориран во него.
Како се случи тоа „оперативно“?
Гиш: Научен од сите тие патешествија, седнавме со Драган Стојковски, еден генијален млад човек, подвижник во културата и во музиката, кој, учејќи го занаетот, мајсторски ја оформи целата приказна околу албумот, продуцентски и инструменталистички. Прво, албумот го поставивме во џез-варијанта, но, кога видовме дека сето тоа е гломазно, направивме еден акустичен бенд и збришавме во Венеција, на биеналето, каде што се претставуваа „Зеро“, со шлеперот. Свиревме во палатата „Папафава“, каде што изложувале Јоко Оно, илиДемијан Хрст – најлудите уметници на постмодернизмот. Поминавме многу интересно и тоа беше доказ дека можеме да го направиме тоа. Оттаму отидовме во Каркасон, во замокот каде што француските катари, наследници на богомилите, го доживеале погромот од тогашните крстоносци, каде што ја видовме Тајната книга на Богомилите, која преку партријархот Никита дошла од Македонија во 10 век.
Пред десетина години „АЕИОУ“, химната на катарите, ја донесе, за жал покојниот, Владо Цветановски, кој ја чул во Каркасон од некој човек што ја пее. Ни требаа десет години да дозрееме, за да ја направиме. А-е-и-о-у, се самогласките, слободните вокали, слободните радикали, низ кои човечкиот глас се претвора во молитва, во ултимативна молитва на Севишниот. Треба да значи „Austria Est Impera Orbis Universale“, односно, „Истокот траба да го владее светот“ – Истокот како принцип на изгрејсонцето, на илуминацијата, на просветлувањето – како што вели големиот француски писател, есеист и научник, Жак ла Кариер, пријател на нашиот Јордан Плевнеш и на нашиот Омер Калеши. Кога ќе видиш дека тоа е истовремено и еден тип на „ом“ или, еден тип на универзална мантра, уште посилно излегува.
Што вели кодираниот текст? „Кога стопанот или чобанот се врати дома, го збрца остенот, ја виде жената крај огништето, очајно разочарана, и ја праша: ‘Ако си болна да ти свариме чорба од зелка, од кромид и од репка’. Таа му вели: ‘Кога ќе умрам, закопајте ме длабоко во келарот, со нозете накај ѕидот, со устата накај шепурката од чешмата. Кога ќе поминат ходочасниците, да се напијат света вода, ќе прашаат: ‘Кој лежи тука?’, ќе кажете: ‘Тука лежи кутрата Јохана, која отиде во рајот заедно со козите’“. Јохана е името на катарската црква, на црквата на љубовта.
Тајната е во водата, светата вода. Светата вода е, всушност, основниот принцип на катарите и на богомилите, зашто тие лекувале преку водата – дождовницата, чистата вода, ја собирале во сребрени казани. Имале четири нови години, во текот на годишниот циклус, се собирале на највисокиоте врвови и се фаќале во оро околу тие сребрени казани и со првиот зрак на сонцето, водата се посветувала преку молитвата, преку „АЕИОУ“ и таа вода ја употребувале како хомеопатски лек за различни болести. Тоа прв го правел Василиј Врач од Охрид, наследникот на Јеремије во историјата познат како Дедо Богомил, кој бил запален јавно во Цариград, предаден од страна наАна Комнена (податоци од средновековниот хроничар Евтимиј Зигавен). Многу ретко кој го знае Василиј Врач… Ние во училиште учевме за тие што „ги терминирале“, што ги гонеле, а не учевме кои, всушност, биле богомилите. Тука се прикаските за тој контрапункт меѓу слободната и ултимативизираната матрица.
Водата што тече ја носи тајната на животот, а кај нас ја има во најубава форма, на пример, во Дрим, во Свети Наум, каде што се спојуваат елементите во еден хиерогамичен спој – машкиот и женскиот принцип, истечната во езерската. Зошто Свети Наум таму го направил манастирот? За да може да им ја вдахне на луѓето елементарната сила, која зацелува и исцелува. Турците го викаат Sarı Saltuk, односно, човекот со жолтиот ореол, и има седум турбиња низ целиот Балкан, не знаат каде е закопан – и во Босна и во Романија, и некаде на други места, и во Македонија. Тоа се мистерии, кои се објавуваат додека ги истражуваш работите со срце. Тоа е „патот со срце“ за кој зборува Карлос Кастанеда.
Зборуваш за водата. А што е со духот и со воздухот?
Гиш: Нафрлам прилично голем број референци, кои кореспондираат со духовноста, со духовното, со спиритуалното.
Не можам да ја пренебрегнам и мојата фасцинација за источната духовност, за источната филозофија, кои од мал, од 17-18 години ги доживеав во директна комуникација со моите пријатели од Друштвото за свесност на Кришна. Најмногу ме привлече музиката, но и длабокоумната есенцијалност на универзалните митски слики, за нас крајно егзотични и привлечни. Ние, („Клержо“, н.з.) всушност, први ја мантравме „Харе Кришна маха мантра“ тука во Македонија, на рокенрол-сцената.
Кога зборувам за таа спиритуалност, универзална, независно дали доаѓа од Индија, од Кина, од Јапонија, од Јужна Америка или од тука, од Турција, од Македонија, не сум врзан стриктно за некаквиси мистични референци, за кои догматски ќе се врзам и ќе ги протежирам, или ќе бидам нивни апологет. Духот е слобода, а слободата е порив кон совршенството. Како што рекол Прличев: „Робот се бори за слобода, а слободниот за совршенство“. Се работи за суштина и за себенадраснување. Ќе го цитирам големиот мудрец и филозоф Мухидим ибн Араби, кој вели: „Ако постои иманенција ќе постои и трансцеденција“.
Сите овие концерти што ги направивме – во Марибор, претходно во МКЦ, со Теодоси Спасов… ги завршивме со „Деветтата симфонија“ од Бетовен, во комбинација со „Across The Universe“ и, на крај, „Харе Кришна маха мантра“. Не останувам должен на сите оние бенефити што сум ги спечалил слушајќи и следејќи одредени принципи што ми помогнале да се дисциплинирам, на некој начин, да следам некој пат очекувајќи го мигот кога патот и тој што го оди патот стануваат едно.
Зад тебе е опус од 11 поетски книги. Одамна те немаме видено како поет, особено на Струшките вечери на поезијата, каде што бевме навикнати да те има и беше причина повеќе да се посети фестивалот. Каде е поетот?
Гиш: Во продуктивна илегала.
Зошто е тоа така?
Гиш: Заради клановскиот култур-трегерај, но, се надевам дека младото и ново раководство ќе има слух за поезијата и за музиката и за проникнувањето на овие две димензии со третата, тоа е просторот, и со условената, а тоа е времето. Би бил најсреќен кога оваа година би ѝ се посветила една вечер на трубадурската поезија и музика и на универзалниот принцип на љубовта што спојува. Тебе лага, мене вистина. И да не излезе дека делам совети на здрав разум, пледирајќи кон универзалната вистина, како оправдание ќе се повикам на Франсоа Ларошфуко, кој вели дека „старците милуваат да даваат умни и добри совети, зашто веќе не можат да даваат лоши примери“.
Тебе лага, мене вистина.
Интервју со македонски поет и музичар Сашо Гигов – Гиш, објавено во 23-от број на неделникот „Република“ (8 февруари 2013)

0 Comments