ИнтервјуаКоментариПревземено

Kултурен континуитет од десет илјади години

Како да не треба да постои таа уметност, како да се работи за некоја болест која треба да се искорени. Но, факт е дека оваа култура не е изгубена, секогаш има светли примери, колку и да се малку секогаш има херои. Има нови генерации на кои не им недостига ентузијазам. Андерграундот не бара, не плаче по медиуми за шака долари, загризува силно и дава свој прилог во целокупната македонска историја на уметност, што нè прави можеби не горди, но помирени со нашето постоење.

Според ликовниот уметник, андерграундот е најзрелото и најздраво ткиво во македонската култура
Александар Станковски:
Македонија има културен континуитет од десет илјади години.

 
Сунчица Уневска
интервју со Станковски
Утрински весник
30ти декември
2007
Александар Станковски неодамна го промовираше својот нов филм, долгометражниот документарец Magical Mistery Cure кој е посветен на македонскиот рокенрол бенд ДНО. Ова е трет филм кој вечниот алтернативец, Ацо Станковски, го прави без пари. Но, како што вели самиот „донкихотштината останува“ иако тој и сите кои се дел од андерграунд културата во Македонија се подолго време протерани од одредени области. Со Станковски, кој покрај својата вокација сликарството се занимава и со видеото, филмот, стрипот, перформансите односно, со еден збор, со тоталната уметност, разговорот го започнавме токму околу столбовите и вистинските вредности кои го одредуваат идентитетот на една култура. А меѓу нив, секако, е и негувањето на брендираните имиња на уметниците.
Се чувствувате ли како бренд?
– Не, тоа би било крај за мене како слободен уметник. Слободен во смисла на слободен човек кој мисли и кој не е лимитиран од било каков тип на авторитет на аура. Затоа опстојувам во андерграундот, тука сум веќе забележан и едноставно сум девијантен поради што и ме заобиколуваат сите институции. Во ликовната сфера не сум заобиколен, во последните години има извесно внимание. Но, што се однесува до другите аспекти, до стрипот, литературата, филмот, видеото, на сето тоа се гледа како на манифестација на волунтаризам, на една маргинална струја која постои и која животари хранејќи се од трошките на големите. Но јас не мислам така, андерграундот е знак дека постои урбана култура. А таа култура е отворена и космоплитска, бидејќи андреграундот е космополитски феномен, тоа е ресурсот од кој излегуваат културните производи кои подоцна ќе бидат акцентирани како авангардни.
Жестока критика за политичарите
Деновиве излезе Вашиот нов филм за творештвото на андерграунд-бендот ДНО, кој повторно го работевте без буџет. Како стојат работите денеска во поглед на андерграунд- културата?
– Андерграундот опстојува, тоа е најзрелото и најздравото ткиво во македонската култура, и тоа од повеќе причини. А најважната, секако, е дека во него сите делуваат ентузијастички. Некој ќе рече дека тоа е аматеризам, но зборот аматеризам потекнува од амато, а тоа значи љубов. Аматерот секогаш ќе го засрами професионалецот со тоа што ќе покаже волја, мотивираност и желба, додека професионализмот често знае да биде рутиниран. Но, сето тоа не се гледа бидејќи нашите механизми за презентација не се доволно изградени. Тој е скриен, не се рекламира бидејќи нема средства и секогаш делува по алтернативни простори.
Што е со механизмите за презентација, колку постоечките институции можат тоа да го компензираат? И колку воопшто имаме свест за една таква презентација, кога станува збор за андерграунд уметноста, но и воопшто за класичните вредности?
– Нашите институционални елити заслужуваат жестока критика. Прво, политичката елита која не е доволно образована. Тие луѓе немаат никаква сила да се спротивстават со своите идеи на оние кои заговараат жесток прагматизам, кои заговараат некаква економија по цена на некултура.
Втор момент кој е евидентен е недостатокот на културни институции кај нас, кои би можеле да ги заштитат, зачуваат и претстават не само андерграунд, туку и класичните вредности. Ние немаме национален музеј. Како е можно една култура, која има име и знаме, да нема национален музеј? А имаме страшно богатство уште од неолитот, од праисторијата, преку стариот, преку средниот век. Можеби немаме нов век бидејќи немаме ренесанса, барок, класицизам, романтизам, реализам и едвај имаме некаков импресионизам. Но, имаме модерна во која се вклучуваме релативно рано и имаме една оригинална и голема постмодерна со многу значајни уметници, во која, што е многу важно, сме се вклучиле синхрониски, тогаш кога почнала постмодерната во светот почнува и кај нас. Тоа се векови, тоа е огромно богатство на артефакти и вредни експонати кои никој не може да ги види, затоа ние делуваме празно како култура.
Собранието да стане национален музеј
Вие имавте еден концептуален проект за тоа како Собранието да стане национален музеј.
– Да, точно, сметам дека Собранието треба да стане национален музеј, да го наполниме со уметност, да го реставрираме и да го направиме такво какво што треба да биде. Првенствено од чисто практични причини, нема да го блокира градот со тие бројни делегации и демонстрации. Мојата идеја беше да го дислоцираме Собранието на некоја голема ледина каде што би се направило и плато за демонстрирање. Дури и да нема потреба од национален музеј мислам дека е потребно да се дислоцира Собранието.
Но, бидејќи немаме музеј, а тоа е единствена зачувана класична зграда со доволно голем габарит, тоа би било совршено место на кое би можеле да се пласираме. Од една страна, објектот е во центар и би имало многу посета, а од друга страна, тука би можеле да го изложиме целото национално богатство. Тогаш светот ќе може да види дека имаме културен континуитет од пред 10.000 години и тоа конечно ќе ги замолкне сите злобници околу нашиот идентитет. Бидејќи, идентитетот се гради со претставување, а не со кукање, со попустливост и откажување од националните интереси во име на филозофијата да не се бранува или поради сервилност кон западниот фактор.
Доста работи се криво поставени во нашата култура, но ќе се исправат, потребна е само критична маса.
Немаме столбови во културата
И покрај целото богатство на артефакти и експонати се чини како да ги немаме вистинските столбови на кои ќе се потпреме?
– Затоа и зборувам за националниот музеј, недостига капитален културен објект кој е многу битен за нашиот идентитет и за отстранување на политичките импликации. Покрај музејот, ние немаме ни Филхармонија, ниту театар, немаме ни други културни институции кои се поминорни, но капиталните три кои се столбови на една култура ние ги немаме. Треба да се сконцентрираме на создавање на тие столбови кои ќе ја гарантираат нашата вредност. Културата е главата, а вие ја укинувате главата и земјата функционира на ниво на тело во меѓународните констелации. Политичарите не го гледаат сето тоа, тие безглаво ги следат востановените парадигми, некакви стандарди.
Но, колку ние самите сме свесни за тоа, колку го знаеме нашето место? Во ова време на извртени вредности се потешко допира општествената критика, а уште потешко е создавањето на критична маса за која говорите?
– Мислам дека народот го знае своето место, политичките елити не го знаат. На пример, сите продукти од луѓето кои се инволвирани во андерграундот се доста критички настроени. Има една сериозна општествена критика која е доведена до гротеска, која удира по тие квази вредности. Не можеме со сила да ги искорениме тие вредности, но кога ќе дојде до една позитивна критична маса веројатно ќе се акцентираат вредности кои се поверодостојни, поавтентични и со самото тоа дел од таа квази култура, која е прилично лукративно акцентирана од страна на елитите, ќе биде отстранета.
Тогаш повторно ќе се занимаваме со една културна археологија обидувајќи се да извлечеме нешто од она што било затрпано, да отстраниме нешто што било промовирано на највисоки нивоа а всушност по пет или десет години ќе изгледа вулгарно и глупаво, какви што има многу примери во изминативе 50 години во кои постоиме како некоја култура. До тоа ќе дојде еволуциски, нема шанси за револуција бидејќи сме разочарани од револуциите. Мора да одиме на еволуциски дискурс исполнет со критичност и градење добри вредности, но и негирање на вредностите кои ни се натурени.
Интересно е дека имате голем ентузијазам, а на сите Ваши филмови работевте без пари, стрипот во кој сте многу активни одамна не добива поддршка. Во земјава нема голема поддршка за културата, нема стратегија, а особено нема слух за алтернативниот израз, па како да воспоставиме парадигми?
– Филмот за ДНО го направивме небуџетен што е легитимно за развиени култури, но кај нас се ретки примерите на правење долгометражен филм без буџет. Тоа ми е судбина, и филмовите „Маклабас“ и „Самит на шаманите“ беа работени без буџет, но некој тоа мора да го прави. Да ги нема тие неколку продукти оваа култура би била пинокио култура, која нема виталност. Јас имам четири стрипа од по 700 страници кои никако не можам да ги издадам. Оваа година конкурирав преку „Магор“ и ме одбија. Замислете, одбиваат стрип-албум кој во нашата земја 20 години не е издаден. Како да не треба да постои таа уметност, како да се работи за некоја болест која треба да се искорени. Но, факт е дека оваа култура не е изгубена, секогаш има светли примери, колку и да се малку секогаш има херои. Има нови генерации на кои не им недостига ентузијазам. Андерграундот не бара, не плаче по медиуми за шака долари, загризува силно и дава свој прилог во целокупната македонска историја на уметност, што нè прави можеби не горди, но помирени со нашето постоење.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *