Македонија

Григориј Распутин

Според неговите лични кажувања, еднаш на сон му се јавила Пресвета Богородица, која со насолзени очи наводно му рекла: „Григориј, јас ги оплакувам сите човечки гревови, а ти оди, патувај и чисти ги луѓето од нивните гревови“

Оттогаш тој станал друг човек; престанал да пие и да пуши, да јаде месо и да ужива во другите сладости. Со еден збор, станал пустиник.
По смирение и катарза на Света Гора
Во 1893 година, како што пишува во преданието за него, заедно со уште еден свој собрат, заминува во Грција, поточно во шумите и горите на Света Гора, каде што манастирите со божја добробит не биле многу строги со редот и дисциплината.
Без знаење на грчкиот јазик и без особено длабоко проникнување во тајните на православната вера, во најголема мера определен за испоснички живот и неочекувани средби со непознати луѓе, тој набргу се откажува од „духовните радости на затвореник од Света Гора“ и сам заминува да бара други места и други луѓе, за разлика од неговиот руски сопатник, кој останува во горите на Атос.
По враќањето од Балканот, Распутин престојува во познатата Троице-Сергеева лавра во Киев, а потоа и во манастирот „Валаам“, по што се враќа во Сибир, овенчан со простонародното верување дека е „божји човек“.
Обдарен со исклучителен магнетизам и со некаква продуховеност, Распутин го привлекувал вниманието на селските луѓе и просто со хипнотичка моќ ги терал да веруваат во она за што им зборувал. Тој ги уверувал дека е единствено повикан да ги избавува и спасува од нивните гревови, „преземајќи ги врз себе“ нивната одговорност и вина. Тоа особено ги привлекувало и соблазнувало неуките селски жени, кои со одушевување и со восхит гледале на Распутин како нивен месија и спасител од гревовите.
Во почетокот на тоа со благонаклоност и толеранција гледала и официјалната руска црква, која дури сметала и верувала дека тој е жив пример на простата, но света народна мудрост што луѓето ги води на вистинскиот пат во животот.
„Божјиот човек“ Григориј Распутин
Посетувајќи голем број свети скити, Распутин уште еднаш доаѓа до убедувањето дека имено тој е предодреден за голема мисија: да им ја пренесува на другите сопствената „света увереност за исправниот начин на живот, благословена со словото божјо“. Тој, при изведувањето на ритуалот на своите сеанси, е возбуден и редовно запаѓа во некаков недефиниран свет транс. Најголем дел од неговите соселани, а подоцна и на луѓето од пошироките сибирски простори, почнале да веруваат дека Распутин е „исцелител на душата и на телото“.
Додека околу Распутин бргу се шири кругот на „браќа“ и особено „сестри“, кои преку гревот доаѓаат до прочистување, тој во близината на својот дом во селото Покровско отвора и сопствена црква-параклис, во која проповеда своевидна религија, наречена „народно православие“. Григориј Распутин во својата егзалтација на луѓето им приличува на апостол, кој штотуку се вратил на земјата. Неговата црква е отворена за сите што бараат прочистување и душевно спокојство. Тој присутните посетители на својата црква најпрво ги учи на песнопојство, кое полека поминува во некаков ритуален танц и во своето крешчендо завршува со промискуитетни оргии.
Неговото учење и проповед почивале на доктрината дека „за триумф на доброто е неопходно зло“. Ги убедувал луѓето дека Господ ги љуби само оние што правејќи грев се очистуваат од него и оти „земските искушенија му се угодни на Бога“. Самиот Распутин, претставувајќи се како „слуга божји“, блудничи, пијанствува и танцува до бесвест, паѓајќи во екстаза по општиот сексуален чин. По што следувало очистување до следниот ритуал и следната сеанса.
Доаѓање во Санкт Петербург
Ваквата религија и проповеди, кои личеле на ритуалите на древноруската секта „Хлистуни“, не можеле долго да останат незабележани од Руската православна црква и особено од власта. Од тие причини, Распутин е принуден извесно време да се притаи, преземајќи пак далечни и долги патешествија. Три години престојува во центарот на руското православие Казањ, смерно учејќи ги молитвите божји, но и ширејќи го кругот на своите познанства. Едновремено тој мечтае да отпатува во руската царска престолнина Санкт Петербург. Тоа и му поаѓа од рака, обезбедувајќи писмени препораки од високи црковнодостојници во Казањ. Во 1903 година Распутин, на 33-годишна возраст, се упатува во руската престолнина.
Во Петербург веќе е раширен гласот за Распутин, како за познат пророк – јасновидец и проповедник, во служба на бога, а за добробит и помош на обичните луѓе. Но исто така била позната и другата страна на неговата „светост“, која лекува од многу болести и избавува од гревови на малку необичен начин и со чудни методи и средства.
Така, во предвечерието на Првата руска револуција, во почетокот на новиот 20 век, Распутин пристигнува во Санкт Петербург, решен да ја освои престолнината, но и луѓето во него, нешто различни од оние во сибирската провинција. Во тие моменти, веројатно и самиот Распутин со сета своја моќ на пророк и претскажувач, не претпоставувал дека за само десетина години сиот тој свет ќе се претвори во голема и трагична руска голгота. Ќе останат само сеќавањата за едно патријархално, но романтично и среќно време на едно моќно царство и една силна држава. И самиот Распутин не можел да знае дека неговиот удел во тоа ќе биде мошне значаен.
Пат во високото руско општество
Благодарение на препораките, во Петербург Распутин ќе биде примен лично од архимандритот Теофан, во тоа време главен инспектор на Петербуршката духовна академија и влијателна личност во високите руски благороднички кругови. Уште при првата средба Распутин му оставил силен впечаток на Теофан и, што е најважно, ги стекнал неговата доверба, наклоност и покровителство, не со некоја учена духовна возвишеност, туку со својата маѓепсна психолошка проникливост, непосредност и искреност.
Тоа било пресудно, Распутин и без елементарна духовна наобразба да биде примен во братството на александарневската Лавра како близок „брат“, „божји човек“ и „пророк“. Ваквиот неочекуван и брз прием во петроградските високи црковни кругови ги надминувале дури и претпоставките на самиот Григориј. Затоа, итриот селански дух во него не можел а да не ги искористи дадената шанса и можност. Набргу лично архимандритот Теофан го прибрал Распутин во својот дом, отворајќи му го на тој начин патот и кон високото световно руско општество, дури до вратите на руското царско семејство Романови.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *