Македонија

Григор Прличев


(Охрид, 1830 – 1893) е најголемото име на македонската литература во 19от век. Овој супериорен литерат според јазичната припадност е всушност тродомен автор: грчки, бугарски и македонски, и ги обединува во себе специфичните карактеристични доминанти на епохата во која живее и работи; класицизмот и романтизмот, како стилски белези. Тоа е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб. Тоа е писател со висока самосвест за своите креативни можности и за позивот на кој му служи. Роден е како четврто дете на Марија Ѓокова и Ставре Прличев, охридски занаетчија. Ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана (Албанија). Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850/59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места (Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид) за да си обезбеди услови за продолжување на студиите. Во 1859 г. повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Ο ΑΡΜΑΤΩΛΟΣ” (Сердарот) што требало да се предаде најдоцна до 13. II 1860 на поетски конкурс. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик – паричен дел и лoворов венец. Истава година делото излегува од печат. Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект – поемата „Скендербег”, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Се зафаќа да го научи словенското писмо и четмо во дуќанот на Ангеле Групче, тогашно своевидно читалиште во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат „народниот подвиг” во Охрид, т.е. борбата за воведување на народниот јазик во училиштата. Со ова Прличев ја официјализира својата борба против грцизмот во Македонија, особено против фанариотскиот владика Мелетиј, виновникот за смртта на Димитрија Миладинов.
Извесно време престојува во Цариград. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот „Св. Јован Бигорски” и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата. Истава година се жени и има пет деца. По покана од Редакцијата на цариградското „Читалиште” се зафаќа со препев на Хомеровата „Илијада”. Почнува да соработува во бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во „Читалиште” во 1872 г. ја објавува песната „Во илјада седумстотин шездесет и второ лето”, подоцна преобјавена и во неговата „Автобиографија#. Во цариградскиот в. „Право” во 1872 г. е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов „Воспитание или 12 нравствени песни”. Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Бугарија (Софија), каде што мнозина „родољупци” го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помошти. Во 1883‡1890 г. учителствува во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата „Автобиографија”, објавена по неговата смрт во „Сборник за народни умотворениja, наука и книжнина”.
Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Се занесува со словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто. Слични примери можат да се сретнат и во другите словенски литератури. Поетската творба „Сердарот” (1860) се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето „Втор Хомер”. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата”(1884) и словото-есеј „Чувај се себеси” (1866). Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот”.
– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *