Македонија

Македонија и Пајонија

Првите записи за историјата на Македонија е епот на Хомер „Илијада, во кој се пее за „криволаките Пајонци” од „широкиот Аксиј” и за најстарите топоними Пиерија и Ематија (Ематхос). Името Ематија е потиснато од името Македонија, чие постаро име било Макета и Македон, забележано кај поетот Хесиод, кој во Теогонија го определува Македон како син на Зевс и на Тија. Етимологијата на името Македонија, најверојатно, потекнува од супстратниот слој на изумрените балкански јазици од индоевропско потекло. Според географските карактеристики, античка Македонија го опфаќала североисточниот дел од Балканскиот Полуостров; античките автори ја опишуваат како планинска земја со голем број реки, богати полиња, шуми, езера и рудни богатства. Скоро сите македонски реки (Вардар, Струма) се влеваат во Егејското Море. По долините на реките има голем број езера: Болбе, Лудија, Костурско Езеро, Мало и Големо Преспанско Езеро и Лихнидско Езеро. Плодните полиња овозможувале развој на земјоделството, градинарството и лозарството; надалеку биле познати смоквите, лозјата и маслинките. Богатството од густи шуми на Македонија овозможувало да стане главен извозник на најквалитетно дрво и смола за изградба на кораби на Медитеранот. Рудните богатства придонесувале за брзо економско јакнење на државата; Наоѓалишта на злато и сребро имало источно од Аксиос, во близина на Стримон на планината Пангеј, кај езерото Прасијада и кај местото Датон. Сето ова овозможувало Македонија да стекне стопанска независност.
Географската, етничката и јазичната граница помеѓу македонската и хеленската територија на југ ја исцртувале планината Олимп, реката Пенеј (Пенеијос, Пенча) и брегот на Егејското Море; на југозапад границата се движела до планината Пинд – тромеѓа помеѓу Македонија, Епир и Тесалија; западната граница продолжувала по планините од Шарпланинскиот масив (Јабланица, Кораб, Дешат), се` до планината Скард (Шар Планина) – тромеѓе меѓу Македонија, Илирија и Дарданија; северната граница се спуштала по падините на планината Јакупица, поминувала меѓу денешните градови Скопје и Велес и по реката Пчиња излегувала на Осоговските Планини, се` до планината Рила; на исток границата одела од планината Пирин до устието на реката Нест (ден. Места) во Егејското Море. Јадрото на македонската држава од каде се ширеле државните граници, според Херодот, била областа Лудија (помеѓу реките Лудија и Аксиј). Античките автори приморска Македонија ја нарекуваат Долна Македонија, а внатрешниот планински дел – Горна Македонија. Долна Македонија го опфаќала централниот дел на Македонија и се простирала меѓу реките Халијакмон (Бистрица) и Аксиј (Вардар), како и по долните текови на Стримон и Нест, со областите: Пиерија, Ботиаја, Алмопија, Амфакситида, Мигдонија, Анатемунт, Ботика, Крусида, Бисалтија, Крестонија, Пиерида, Едонида и Еордаја. Горна Македонија го опфаќала внатрешниот дел, претежно планински предели со областите: Тимфаја, Параваја, Елимеја, Дасаретида, Орестида, Линкестида, Пелагонија, Дериоп, Пајонија, Парорбелија, Синтика и Одомантика. Македонските владетели ги споиле овие области во единствена македонска држава. Оваа поделба ги претставува географско-етничките и историските содржини на територијата на античка Македонија, но воедно ја претставува и политичката граница на античката македонска држава. Кај античките автори, историографи, географи, логографи, биографи, со векови се посочува на овие географско-топографски и историскоетнички определби, кои стануваат дел од античката држава Македонија.
ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД
Уредник: Проф. Д-р Тодор Чепреганов

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *