Македонија

Георги Баласчев Езерски

Георги Баласчев (псевд. Езерски) (10. IV. 1869 – 6/7. X. 1936) е историчар, археолог, публицист и еден од видните претставници на македонската емиграција во Бугарија, каде бил обележан како сепаратист. Во 1891 година, бил еден од иницијаторите за основање на Младата македонска книжевна дружина, а во 1892 година и на списание „Лоза“ во Софија. Го уредувал научното списание „Минало“ (1909–1919). Бил член на Македонскиот научен институт во Софија. Објавил околу 80 научни трудови од средновековната македонска и бугарска историја.

Георги Димитров Баласчев е роден на 10 април 1869 година во Охрид. Основно училиште завршил во Охрид, а потоа и егзархиска гимназија во Солун. Во 1897 година дипломирал историја на Вишото училиште во Софија. Потоа специјализирал во Виена и во Цариград, а се усовршувал во Париз, Рим и Атина.
Кон крајот на 80-тите и почетокот на 90–тите години на XIX век Баласчев активно се вклучува во борба против пропагандите во Македонија. Во 1889 и 1890 година во Белград и Софија се дружи со Крсте П. Мисирков, кој во меѓувреме поради притисокот кој се вршел врз македонските студенти во Белград да се декларираат како Срби, креваат бунт и 34 студенти одат за Софија.
Во овој период се појавуваат првите јавни друштва и тајни кружоци организирани од македонските студенти, кои имаат за цел изучување на историското минато, култура, јазик, обичаи на македонскиот народ и борба против балканските пропаганди.
По враќањето во Бугарија, Георги Баласчев работи како професор по историја во Првата софиска машка народна гимназија од 1889 до 1902 година. Во 1891 година, бил еден од иницијаторите за основање на Младата македонска книжовна дружина, а наредната година и на списанието „Лоза“ во Софија. Под раководство на Петар Поп Арсов и Георги Баласчев се одвива дејноста на Младата македонска книжевна дружина, која со цел да ги мобилизира силите на македонскиот народ против штетното дејство на странската пропаганда во 1892 година го издава списанието „Лоза“.
Претходно под псевдонимот Езерски, Георги Баласчев ја објавува првата книга на македонски јазик: „Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци“… (Софија, 1890), а потоа во списанието „Лоза“, покренува низа страни за македонското прашање. Ваквата програма на списанието и честата употреба на македонскиот јазик во него ја предизвикува реакцијата на бугарските власти кои го забрануваат во 1894 година.
Во 1901 година, Баласчев бил кратко време префрлен во Цариград, а потоа во период од август 1902 до декември 1903 година бил поставен за кустос на етнографската збирка во Народниот археолошки музеј. Во 1904 година повторно се враќа на својот позив и работи како професор во софиските гимназии се` до август 1908 година.
Од 1909 до 1920 година бил главен редактор на научното списание „Минало“, а во меѓувреме, по избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, учествува како доброволец во Македонското-одринско ополчение.
По завршувањето на Првата Светска Војна, во периодот од 1919 до 1923 година, Георги Баласчев бил кустос во Народниот етнографски музеј, а потоа од 1924 до 1934 година повторно работи како гимназиски професор во Првата машка гимназија во Софија.
Во 1923 година, Георги Баласчев бил еден од основачите и член на Македонскиот научен институт во Софија, кој е формиран со цел истражување на Македонија и народите кои живеат во неа. Објавил околу 80 научни трудови од средновековната македонска и бугарска историја.
Како македонски емигрант кој најголем дел од својот живот го поминал во Бугарија, Георги Баласчев не еднаш го кревал гласот во полза на својата поробена, а потоа и поделана татковина Македонија.
Во 1934 година бил назначен за инспектор во Министерството на народната просвета, од каде заминува поради болест во 1936 година. Набрзо потоа, Георги Баласчев умира на 6/7 октомври 1936 година во Софија.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *