Коментари

F.Y.R.O.M.

Не знам кој ја измисли оваа кратенка во името на компромисот. Можеби тоа беше нивнaта страна, или можеби нашите сервилни преговарачи, а можеби медијаторите во овој апсурден спор. Ако оваа кратенка му ја соопштите на некој Американец, тој ќе помисли дека се работи за нeкоја новооткриена планета во далечна галаксија забележана од моќните системи за набљудување на НАСА. За нас, Македонците, оваа кратенка претставува голема историска неправда и повторно и одново не’ потсетува на нашата немоќ, на нашата очајна беспомошност.
Но, ако подлабоко се нурнете во промислување на ова собитие, на ова преименување, на површината ќе излезат најнеочекувани содржини. На пример, еден значаен историски сегмент – државата на јужните Словени – Југославија, е зачувана во оваа кратенка. Иако живееме во време кога антијугословенството е во мода кај новите држави што излегоа од под шинелот на оваа геополитичка творба, историската вистина ќе сведочи за постоењето на таа значајна и влијателна држава во светски рамки. Ниедна од денешните политички творби произлезени од руините на бившата СФРЈ не може ни оддалеку да се пофали со степенот на моќта на оваа веќе историска прикаска. Угледот на некогашната држава се’ уште дејствува инспиративно во земјите од Третиот свет. Иако ова беше можеби само една вешта пропаганда режирана од соработниците на Маршалот, сепак нејзината резонанца одекнува во времето како романтична бајка за угнетените и понижените постколонијални народи.
Од друга страна, зборот Македонија добива амбивалентна функција. Како прво, ова име реферира на една голема историска сага од стариот свет и потсетува на ингениозната геостратегиска сила на еден скоро омитотворен народ што ја создал најромантичната прикаска за освојувањето и владеењето. Во контекст на кратенката се открива заплетканата историска вистина за потеклото на самите Македонци. Нормално, треба само да ја отстраните фиктивната заткарпатска теорија за доселувањето на Словените на Балканот и се’ си доаѓа на свое место.
И двете имиња „југословенска“ и „Македонија“ имаат огромна репутација во Азија и северна Африка, но оваа фама се шири и подалеку од овие цивилизациски зони. Додека имињата на големите западноевропски сили (инспиратори за кратенката) предизвикуваат анимозитети во Третиот свет поради колoнијалното наследство, имињата Југославија и Македонија се слушаат со крајно пријателска наклонетост и доверба. Значи, иако ова име ФИРОМ ни е наметнато од непријателски, па скоро и цинични побуди, парадоксалноста на постоењето ја извртува првобитната намера и отвора цела палета на можности. За творците на оваа кратенка ваквиот развој на настаните потсетува на создавањето на франкенштајновото чудовиште. Но, сега не може да се ретерира. Коцката е фрлена, а словото врежано во камен.
Од друга страна, ова е опасна кратенка за геополитичките интереси на Западот кој вложи огромни напори и средства за успешна дисолуција на југословенската држава. Во кратенката ФИРОМ, како опасен вирус е изолирано името Југославија. Токму тука е Пандорината кутија за југо-носталгичарите, кои стануваат се’ побројни со засилувањето на кризата во земјите-ментори на новосоздадените држави од линчуваната СФРЈ. Одеднаш во новите држави созрева митот за некогашната голема и моќна татковина, која имаше доволна сила и достоинство за да води самостојна и независна политика на светската сцена.
И навистина, не е мал бројот на оние мислители на историските премрежја, кои сметаат дека по Втората светска војна победоносната Југославија требаше да го заземе местото на поразената Франција во Советот за безбедност. Факт е дека Југославија, како и Франција беше окупирана од Третиот рајх, но за разлика од галската држава која ја ослободуваат американската и британската армија, југословенските народи се ослободија сами, со сопствени сили (освен ослободувањето на Србија – Војводина, од страна на Црвената армија).
Но, позната е наивноста на словенските народи, храбри и победоносни во војните, а глупави и невешти на зелената маса.
За Македонија нема потреба и да се зборува премногу. Нејзиниот бренд има сила на најзаводлива рокенрол-балада.
И така, во прекарот на мојата татковина, Република Македонија – ФИРОМ е содржана цела една лепеза од релевантни историски содржини, значајни за целокупната светска историја. И не само тоа, таа е земја со најбогатиот фолклор и најцрвените патлиџани на планетава.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *