Интервјуа

Ексклузивно интервју со Д Винчич Систерс

Наталија и Гордана се сестри родени во Скопје, кои цртаат заедно од раното детство. Тие сега работат не само како уметници туку и како консултанти за развој (development consultants) и ментори за увиди (insight mentors), креирајќи уметнички дела за лична и спиритуална надградба.

Сестри (автопортрет)


Инцијално сестрите одбраа различни патеки, Наталија професионален уметник кој многу години водеше сопствена галерија во Грција, а Гордана легитимиран социален работник со завршени студии во светски реномираниот Универзитет во Лунд. Таа има 20 години искуство како лидер, ментор и консултант. Последните 5 години сестрите работат повторно заедно. Тие сега ги спојуваат своите индивидуални ресурси во уметничко партнерство што гради заеднички идеи и споделува страст.

Наталија и Гордана – Д Винчич Систерс


Нивната уметничка работа е храбра и спакувана во суреални и фантастични приказни што те повлекуваат и те тераат да размислуваш. Уметноста што сестрите ја креираат е имагинативна и обмислена со намера да го обелоденат потсвесното во човекот. Тие поттикнуваат желба за следење на нивните креации со своето симболичко изразување и љубовта кон луѓето и уметноста. Тие сакаат набљудувачот да ги истражи своите внатрешни мисли со цел да им помогнат да ги разберат своите лични прашања преку ценење и истражување на уметноста. Ние го сакавме магичниот квалитет на нивната работа, богатството на бои и детални приказни. Нивните слики нè потсетуваа на чувството кое го добиваш кога ја гледаш Алиса во земјата на чудата, вовлечена во еден свет на чуда, каде што толкуваш несто ново при секое ново набљудување. Со сите мистерии на симболите и убавината на животот, уметноста на сестрите има инспиративна мисија” – цитат од Лиса Греј, куратор од Лондон.
Денеска сестрите живеат и работат во Шведска, потполно посветени на уметност и консултантство.

Гордана и Наталија – Д Винчич Систерс

 
Што Ве инспирираше да оформите таков стил на сликање?
Како деца бевме континуирано носени на археолошки ископувања со нашиот татко, познат археолог ширум Македонија. Бевме опкружени со митови, легенди, фрески, слики и симболи, кој секако се огромна инспирација за нашата сегашна работа.

Amor Fati – Љубов кон својата судбина


Дали сте задоволни од минатогодишната посета на Македонија?
Македонија е нашата родна земја во која ги има најретките бисери. Оваа година собирајќи ги бисерите си направивме прекрасен ѓердан. Се случи Мега Медијалната изложба во Порта Македонија (Триумфална Капија) за Лицата на Александар и Градот со 7 Капии. Љубовта со која Македонците нè прифатија нас и нашите дела нè направија многу среќни. Делата создадоа нова платформа на која дијалогот за Александар беше без предрасуди и дамки.

Крал треф


Духот на Александар: Секој крал во картите репрезентира по еден моќен владетел од историјата. После мојата смрт народот ме нарече Велики и одлучи Кралот Треф во картите со кои играат, да ме претставува мене. Дознав дека во картите овој Крал симболизира човек со огромна моќ и владетел на најголемата империја во античкиот свет. Симболизира добар карактер, лојалност и реализирање на идеали. Набљудувајќи го Кралот Треф, приметив дека цртежот има симболи и пораки кои водат до конструктивни увиди за секоја личност која сака да успее во животот. Секој ако бара, може да ги најде симболите и пораките.

Богородица С’ копје


Духот на Александар: Денес во Македонија се слави Успение на Света Богородица. Патот ме наведе да ја видам нејзината слика изработена од две сестрички, Наталија и Гордана, Д Винчич Систерс. Ги слушнав како зборуваа дека Богородица за прв пат ќе биде претставена со копје, како заштитничка на градот Скопје. Колку се воодушевив од креативноста на Македонија и нејзините луѓе. Сестрите ја толкуваа легендата за постанокот на градот Скопје и така сфатиле дека дека соколицата која правела чуда и ги заштитувала луѓето и градот, и која му го дала копјето на јунакот, всушност е Богородица. Јунакот кој го убил лошиот маѓепсник ја видел како од соколица се преобразува во Светата Мајка. И ден денес таа го заштитува градот и длабоко во ноќта, кога сите спијат, се спушта над реката Вардар токму кај Камениот мост, за да се напие вода. Кога полета таа пееше гласна песна, а јас ги гледам сестрите, токму тогаш тие го имаа најслаткиот сон, како песната да им даваше сигурност.

Каде имате изложби во овој период и на што сте концентрирани?
Само што се вративме од Лондон каде што 4 од нашите дела беа одбрани за изложбата ”Флукс”, на која учествуваа тотално 70 артисти од Англија и други земји од светот. Во моментов имаме изложба во Шведска. Се концентрираме на изработка на нови дела поради огромниот интерес за нашата уметност на Галерии од Шведска, но и други земји од Европа. На пример, Музејот Пушкинска 10 во Санкт Петерсбург во Русија нè има покането да учествуваме со 4 дела ова лето на изложба наменета за нивната домашна сцена, но и широката интернационална сцена. Проектот е многу интересен и во моментов неможеме да кажеме повеќе од тоа дека е финансиран и од Министерство за Култура на Руската Федерација.

Џандар срце


Сенка која чека да ја пронајдат


Був – сенка


Кралот Баклава


Кога пак ќе ни дојдете во Македонија?
Постои огромна желба за повторно изложување на ”Лицата на Александар” и најверојатно тоа ќе го оствариме во есенскиот период. Приватна и инспиративна посета на Македонија планираме во летниот период.

Кое е Вашето мислење за колективната свест на Македонците?
Сметаме дека Македонците (во кои нормално спагаме и самите ние) на едно свесно ниво, не се ценат доволно самите себе, иако имаат екстремно богата историја, знаење и култура. Постојат култури кои не поседувале толкаво богатство, но почитувајќи си го и тоа ”помалкуто” го исполниле срцето со задоволство. Приметивме и нешто друго, многу интересно. Постои и колективна потсвест, тоа што го знаеме, ама не сме свесни дека го знаеме. Во колективната потсвест Македонецот знае дека многу вреди и дека тоа наскоро целиот свет ќе го признае. А како тоа го видовме? Епа преку дијалогот и интерпретацијата на симболите на Македонецот, што ги слушнавме барајќи ги бисерите на Македонија и правејќи го ”ѓерданот”. Неколку од бисерите се сликовито приказани на горенаведената изложба во Македонија минатата година. Некои од делата може да се видат во Галерија Оливер во Скопје.

Кралот Треф и неговиот дух


Слики – Д Винчич Систерс
Фотографии – Nelly Trot
Прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015
читајте –

Лицата на Александар и Градот со седум Капии

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *