Коментари

Die Stunde Null – Часот Нула

Пред „Часот нула“ постоеше една Германија, која повеќе ја нема, а по овој момент на полноќ, на 8 мај 1945 година, почнува една нова епизода за Германците
„Die Stunde Null“ или „Часот нула“ е една имагинарна просторно-временска точка, која за последните неколку генерации Германци значи тотална пресвртница во нивната историја. Овој момент на перцепцијата на историската реалност за овој голем европски народ со неверојатно драматична историја, има речиси митолошко значење. Пред „Часот нула“ постоеше една Германија, која повеќе ја нема, а по овој момент почнува една нова епизода за Германците. Од тој „Час нула“ требаше се’ да почне од почеток, да се консолидира тоталната загуба на целиот цивилизациски и егзистенционален контекст и да се погледне на најгрдата и најужасната можна стварност во очи.
„Часот нула“ официјално почнува на полноќ, на 8 мај 1945 година, откако Советите го натераа Третиот рајх, Вермахтот и националсоцијалистите на целосна и безусловна капитулација. Ниеден народ во посовремената историја на човештвото не бил приморан на таков тотален пораз, на каков што беа принудени Германците по Втората светска војна.
Советите се, секако, најзаслужни за овој целосен пораз на германската војска, а тоа тие го платија со неверојатни 22 милиони жртви. Но во „Часот нула“ работите се свртија во целост и сега големата и ужасна тупаница на лошата судбина, се сврти против Германија.
До 4 јули 1945 година постоеше само советската окупациска зона, а потоа се формираа и другите три окупациски зони – американската, британската и француската. Условите за живот во кои се одвиваше целата оваа операција за жителите на окупираната, од сојузниците, Германија, беше благо кажано, ужасно неподнослива. И токму во тие моменти беше создадена референцата на „Часот нула“.
Овој „Час нула“, според проценките на добро упатените историчари, траел цела една година, од 8 мај 1945 година до апроксимативниот датум во 1946 година. За тоа време во Германија се случувале работи, за кои ретко кој друг народ на планетава имал претстава дека се можни. Сепак, „Часот нула“ како термин, произлегува од германската милитарна терминологија и го означува моментот кога почнува некаква борбена акција, но подоцна, како што гледаме, ова значење ќе се промени во целост. „Часот нула“ е моментот кога почнува поствоениот период за Германија – „Nachkriegszeit“.
Кога Советитe, кои беа првата окупациска сила, стигнаа во Берлин, тие видоа град уништен од бомбардирањата и уличните борби. Тие тогаш овој град го нарекоа „Geisterstadt“ или град-сениште. И навистина, призорот бил ужасен. Од 245.000 градби, колку што имало во Берлин, 48.000 биле срамнети со земја. Третина од приватните станови била тотално уништена, а луѓето талкале по урнатините како некакви фантоми. 23 отсто од индустриските капацитети биле разурнати, а остатокот бил демонтиран и транспортиран во СССР. Таму имало 75 милиони тони шут од стравотното разурнување, што претставувало една седмина од севкупниот крш во Германија. Сите снабдувања со струја, гас и со вода биле уништени, било забрането миење на целото тело поради заштедите. Транспортната инфраструктура била уништена во голема мера. Метрото било поплавено, а 90 станици биле уништени од бомбардирањето. Првите автобуси почнале со возење на 19 мај. мртви 78.000, 50. 000 жртви на бомбардирањето, 977 самоубиства. По четири илјади луѓе умирале дневно во август, поради избивањето на епидемија на колера и дифтерија. Популацијата на градот нагло опаднала; пред војната во Берлин живееле 4,3 милиони луѓе, додека по капитулацијата останале само 2,8 милиони. Една четвртина од населението била над 60-годишна возраст. Еден од десет бил под 30 години. На секој десет мажи имало 16 жени.
Операцијата на чистењето на градот им беше доверена на Советите, зашто тие први стигнале таму. Според нив, овој зафат на чистење на руините и шутот требало да трае 12 години. За овие потреби биле регрутирани повеќе од 60.000 жени на возраст од 16 до 65 години. Овие жени биле наречени „Tr?mmerfrauen“ или жени од руините, а нивната задача била да го исчистат градот од шутот и од рушевините.
Но сепак, најголемата опасност со која се соочиле граѓаните на Берлин бил гладот и очајниот недостаток од храна. Овие проблеми подоцна биле решавани со специјални бонови, издавани од советските окупациски сили. Но гладот бил константна закана. За време на овој период, секој берлинец бил шест до девет килограми под минималната тежина за човечко суштество. Во ваква ситуација цветал шверцот и црниот пазар, а се рашириле и гласини за канибализам и за трговија со човечко месо.
За несреќата да биде уште поголема, зимата 1945-1946 година била една од најстудените во меморијата на живите. Температурата паѓала до минус 30 Целзиусови степени, а немало никаква заштита против ваквиот студ. 40.000 луѓе страдале од хипотермија, која имале смртоносен исход за илјада од нив. Берлинските градски управители создале специјални простори кои се загревале и каде бројните „смрзнати“ граѓани можеле да се стоплат.
Во 1946 година Берлин бил рај за криминалот. Во просек се случувале 240 разбојништва и 5 убиства на ден, а повеќето криминалци биле бездомници. Кон тоа треба да се додадат и многуте репресалии, убиства и силувања, што биле константно вршени од страна на војниците на окупациските сили.
Таков бил животот во овој „Час нула“ во Берлин во таа година на тотален пресврт, кога минатото исчезна, а иднината почна.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *