Македонија

Круг од неонски ѕвезди

(Хиперреалистички фрагменти за потребите на циркусот Еуропиа)


ПРОЛОГ
Дами и господа!
Никој не знае од каде дојде овој циркус во нашата паланка. Ниту дали некој го покани. Едно утро се разбудивме и го видовме големиот шарен шатор, со големо сино знаме на врвот. Нашето знаме го немаше.
Ги испративме децата да протестираат – се вратија со шарени бомбони и парчиња засушени слоновски лепешки.
Испративме делегација од партиите – се вратија со образложение дека се разговара за проблемот…и со гратис-билети во џебовите.
Го испративме градоначалникот. Тој подолго не се врати, бидејќи наместо со сопственикот на циркусот, инаку одгледувач на говеда од Вашингтон, имаше тешки преговори во приколката на една германска дресерка, па наместо знаме доби црвени кожени гаќи и обилно камшикување по задникот. Тоа го инспирира да најави кандидатура за уште еден мандат.
Конечно, испративме неколку молотови коктели. За еден час нашето знаме се вееше на ветрот, заедно со долните алишта на жицата за сушење. Не бевме незадоволни, компромис си е компромис, ние сепак не сме неблагодарен народ. Па нагрнавме да купуваме билети.
Сега, интернационалниот циркус е тука веќе подолго време. Го гледаме, се гледаме секојдневно. Блеска циркускиот круг од неонски ѕвезди. Има многу смрдеа од животните и циркузантите, но и на тоа се навикнавме, така барем не ја чувствуваме нашата. Ние сме весела паланка. Ние, нашата смрдеа и нашиот…CIRCO EUROPIA!!!

ДОБРЕДОЈДЕ
Добредојде во Апсурдот
ви посакуваме.
Симнете ги маските,
ви препорачуваме.

Во Циркусот влегувате
без да го знаете.
Како ќе излезете,
на крајот ќе дознаете.


1. ЦИВИЛИЗАЦИJА
А сега, на ред е првата точка на интернационалниот Циркус Еуропиа. Ориентација во време, простор и телесни отвори. Бравурозен експеримент на Институтот Тависток. На оваа сцена, во овој циркуски круг, ќе ја изведе Триото Атлантико, англосаксонски акробати кои вежбале со припадниците на племето Мау-Мау во Африка. Оркестар, молам ТУШ!
Дами и господа,
каква е вашата сексуална ориентација?
И уште поважно,
каква е сексуалната ориентација на вашата нација?
Ако сакате евроатлантска интеграција,
мора да овозможите имплементација
на специфична дефлорација
на вашата уставна декларација.
Ако сте за европска асоцијација,
поднесете апликација со презентација
на вашата геј-популација.
Соодветната сексуална ориентација
е гаранција за ваша демократизација.
Моралната дегенерација е реализација
на геополитичката пенетрација.
Социјалната деградација е манифестација
на процесот на глобализација.
Пазарната либерализација е дехуманизација,
а економската пауперизација стара традиција
за нова колонизација и експлоатација
од Глобалната Корпорација.
Ментална окупација на духовната полиција.
НАТО стандардизација – глобална инквизиција.
Политичка сатанизација.
Тоа ви се вика европеизација.
И цивилизација.
Имаме ли ние, дами и господа, копулација
со ѓаволска инкарнација
или сè е само манипулација
на Tајната администрација…ција…ЦИА?!
2. ДЕМОКРАТИЈА
Втората точка, дами и господа, ја изведува колонија мајмуни од мешан етнички состав, како што приличи на нашиот интернационален циркус. Точката се состои во спектакуларно докажување на Дарвиновата теорија за постанокот на човекот. Дресери на мајмуните се брачната тројка Фон Шпигел Де Ла Руж, а големата ѕвезда на оваа изведба е шимпанзото Хавиер. Молам, аплауз!
Граѓани и граѓанки, селани и селанки.
Што е тоа демократија?
Нешто се случува, но не ви е докрај јасно што.
Нешто ве притиска: тајна воздишка, скриена болка,
изгубен поглед, нервен тик на лицето.
Нешто ве лаже, ве празни од содржина, ве озлобува.
Ве краде од вас самите.
There is someone in your head, but its not you. *
Something is happening here, but you don’t know what it is.
Do you, Mr. Jones? **
Што е тоа, мистер Џоунс?
Да ја разгледаме фактичката состојба.
Рамнодушна кон доброто и злото.
Опседната со закони, индиферентна кон правдата.
Скептична кон љубовта.
Нихилистичка кон идеалите.
Нуди само привиден избор.
Ја третира слободата како економска категорија.
Ја релативизира вистината.
Ја апсолутизира релативноста.
Изразува само мислења, а не вистини.
Затоа мнозинството со гласање решава што е вистина, а што не ***.
Простете, граѓани и селани,
но единствената вистината во демократијата е дека:
Двајца идиоти, да не кажам мајмуни,
секогаш ќе надгласаат еден генијалец.
О неправдо, што гориш како ќумур во душа!
Кој е ЗА… нека молчи.
3. ДОАЃА АПСУРДОТ
И конечно, доаѓаме до врвната изведба на овој славен циркус. Ултимативен перформанс. Игра на живот и смрт. Дами и господа, тројно салто од трапез, без заштитна мрежа! Салто на смртта. Ќе го изведат фантастичните Браќа Карамазови и нивната сестра Анастасија. И еве ги, доаѓаат, се качуваат над ѕвездениот круг, доаѓа мигот на вистината, доаѓа заумниот скок… доаѓа, доаѓа, доаѓаааа…!!!
Доаѓа Апсурдот од никаде и сам,
дилер на души изгубени во лет,
глобален Мастер во честички прав,
небитие живо натопено во страв.
Доаѓа Апсурдот во трендовски бренд,
во умот му бездна во срцето ѕид.
Бесмисла носи по слободен избор
и ништожност бела во логичен збор.
Доаѓа Апсурдот, бесполна твар,
не бара љубов нит световна моќ.
Нит омраза има, нит има страст,
но празнина полна со еонска ноќ.
Доаѓа Апсурдот, новиот Демиург,
во едно око смеа во другото јад.
Одговори нема ни прашања веќе,
сал Случајност пуста, неумитен пад.
4. МОНОЛОГ НА ПРОСТИТУТКАТА
Изморена сум од иднината која не се случува,
веќе не се залажувам со надежта, таа е особина на робовите.
Немам веќе прашања ниту сакам да докажам нешто.
Од мене отпаѓа сé – политика, религија, профит, информации.
Се одлупуваат пластови лаги залепени со исушена крв,
останува само апсурдот.
Јас сум привид создаден од неправди и парадокси,
преодна форма од очај во свест, изгубена во меѓувреме,
додека Демиургот се кае за своите грешки,
а Белиот Кинотаур ја краде мојата кралска крв.
Јас сум сирачето на Анархот и Утопијата
и ме прогонуваат агентите на Дистопијата,
зашто престанав да верувам во реалноста
и посакав да родам дете, иако сум проститутка.
Ја љубам својата смртност, жива сум,
и сè што ми треба е малку тишина,
молк, сè да молчи,
и само еден глас да го довикува моето име
во ноќ полна со слободни ѕвезди, надвор од кругот.
Само малку тишина
во која се слуша чукањето на срцата
како ехо на фиксната точка на Универзумот.
Доаѓа мигот кога ќе замолкнеме сите
и конечно ќе се соочиме со Големиот Страв.
И тоа ќе нè ослободи.
И Блудница сум и Голема Мајка.
Сине,
немој да бидеш добар,
заборави на убавината.
Биди духовен гробар,
закопај ја вистината.
ЕПИЛОГ
Никој не знае што точно се случи во циркусот Еуропиа таа кобна вечер, но ние некако дознавме, а и логично беше.

Анастасија Карамазова падна од салтото на смртта. Еден од чистачите на животински измет, дипломиран етнолог, потајно вљубен во неа, ионака гневен од понижувања, ги отклучал животинските кафези и подметнал пожар. Збеснати од страв и од ненадејна слобода, ѕверовите прво се нафрлиле врз своите дресери, а потоа врз сè што им се нашло на пат. Слоновите го урнаа шаторот врз публиката, неонските ѕвезди експлодираа, превртени приколки…Во онаа на дресерката е најден и градоначалникот, облечен во омилените црвени гаќи, подмочани од страв.
Потоа, бесно ревејќи, животните се втурнаа во нашата паланка. Останатото го знаете: десетина мртви, стотина повредени, хаос, страв. Мораше да интервенира армијата. Сите животни беа испотепани, но за чудо, миленикот на паланката, шимпанзото Хавиер, успеало да избега кон ридот, попат грабнувајќи го големото сино знаме.
Е, сега, проблем излезе тоа што на генералите им се допадна да воведуваат ред, па по три дена извршија државен удар. Логично, логично.
Сега сите молчиме. Нé држат вооружени војници, како да сме бесни. Ако. Барем не нé убиваат. А и што ни требаше секоја вечер да го исмеваме етнологот кога го чистеше изметот од циркускиот ѕвезден круг. Велат дека воените го подготвуваат за управител на паланката. Логично. Велат уште и дека Анастасија преживеала. Не знаеме. Ништо не знаеме веќе.
Единствена утеха ни е шимпанзото Хавиер. Секое попладне излегуваме на балконите со поглед кон ритчето и го гледаме мајмунот како скока, вреска и…мавта ли мавта со синото знаме. Како да сака да ни каже нешто. Мајмунска работа. Отпрвин се израдувавме мислејќи дека она што црвенее е нашето знаме, но сепак увидовме дека тоа е само мајмунскиот задник.
Потоа влегуваме дома и гледаме телевизија. Синоќа јавија дека се формира нов циркус, но без животни и дресери. И без газди.
Крум Велков
ЦИТАТИ
* Парафраза, Роџер Вотерс (Pink Floyd), Brain Damage; Изворно: There is someone in my head, but its not me.
** Боб Дилан, Ballad Of A Thin Man
*** Николај Берѓаев, Ново средновековие
 
Циркус Еуропиа на FB
Циркус Еуропиа на MySpace

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *